JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7984
Драгослав КОПАЧЕВ, Петар НАСТОВ
ТЕРАПИСКИ ПОСТАПКИ КАЈ ДЕЦА СО ЗАБАВЕН И ДИСХАРМОНИЧЕН РАЗВОЈ ОД ПРЕДУЧИЛИШНАТА ВОЗРАСТ
ВО УСЛОВИ НА ДНЕВНА БОЛНИЦА
Додека при нормалниот развој на децата констатираме прогресивна и хармонична кореспондентност во психомоторниот, психичкиот и социјалниот развој, кај децата со забавен и дисхармоничен развој таа е фиксирана, забавена или дискоординирана односно раздвоена.
Поимот дисхармонија, кој изворно произлегува од областа на олигофренологијата и се однесува на тешкотиите што се јавуваат во аквизицијата на сознајните функции, денес сî повеќе има значење во невропсихологијата на развојната возраст и во целост во детската психијатрија. Впрочем, и во нормалниот развој на детето, дисхармонијата како поим ни служи на многу понијансиран начин да направиме диференцирање на проблемот меѓу нормалното и патолошкото.
Според А. Фројд, дисхармониите се резултат на “нерамнотежата што се јавува меѓу правците во развојот”, односно појавата на дисхармоничност во напредувањето и во мноштвото интеракции, што се случуваат меѓу “развојните линии” или “спирали” (според С. Лебовиси, 1960 и С. Ескалона, 1968-наречени како “трансакциски спирали”).
Невропсихологијата на развојната возраст укажува дека кај децата со забавен и дисхармоничен развој се работи за збавен и глобален дисхармоничен развој на најзначајните целости на личноста на детето- говорот, психомоториката, интелигенцијата и емоциите. При ова, дури и развојот во самите одделни целости може да достигне различно ниво и дограденост или нивото на достигнатата организација на одделни области може да биде меѓусебно толку различно неусогласена, што наполно го оневозможува успешното ангажирање на детето во активностите и пред решавање на задачите во егзистенцијалното социјално поле.
Без да навлегуваме во причините (наследни или средински) што придонеле за ваквата состојба, евидентно е дека овие деца, поради целокупното био-психо-социјално созревање што е на пониска рамнина, мошне почесто, за разлика на популацијата деца која нормално се развива, реагираат со психички нарушувања, покажуваат лоша социјална адаптираност и се причина за сериозни нарушувања на семејната динамика.
Дневната болница како социотераписка средина
Нашата дневна болница е организирана на принцип на тераписка заедница. Се негува тимски приод од разнопрофилни стручни лица, а родителите, кои и самите се вклопени во третманот, ги следат сите фази на лекување на децата. Во дневната болница се изведува рана диференцијална дијагностика и започнување на третман на децата со забавен и дисхармоничен развој. Ова е од причини, што овие деца ако се запостават, покажуваат тенденција да се организираат околу своите најниски вредности или можности, интелектуално пропаѓаат или психотизираат. Родителите, исто така, рано треба да коригираат многу свои ставови. Кога овие деца се ставаат во нестимулирачки услови, пред големи барања, крут режим, отфрлања, неможност да се остварат емоционално-социјалните стремежи, лесно развиваат психијатриски морбидитет кој често прави големи проблеми во дијагностиката и навременото и адекватно лекување.
Во нашето работење се водиме од развојно динамскиот пристап и сознанијата што ни ги дава невропсихологијата и го ставаме акцентот на примената на психомоторната реедукација. Специфичните потреби и стремежи, способностите за комуникација на детето, неговите постојни потенцијали да ги диференцира и да ги интегрира дразбите во повисок степен на психичка активност, претставуваат стожер што не упатува на применетата техника на работење со овие деца. Наша цел е детето, иако има намалени когнитивни способноси, да биде сепак ментално “здраво”, без разлика на присутната интелектуална инсуфициенција, ако успееме да му овозможиме да ги развива своите функции според своите способности, ако околината адекватно го прифати и го стимулира и ако успееме да постигнеме поголема хармоничност во функционирањето на моторниот, когнитивниот, емоционалниот и на социјалниот аспект на личноста.
На детето, во нашите услови на работење, му нудиме постојано видлив персонал чија цел е, да настојува да ги развива позитивните афективни односи, да ја задоволи потребата на достапност, близина и заштита на детето и да му овозможи припадност во групата. Детето што го третираат повеќе личности, различни по пол и возраст, има широк избор за одбирање идентификациони примероци, за имитација на разни постапки, за стекнување нови искуства и збогатување на емоционалниот живот, што сето придонесува да се прошири неговото егзистенцијално поле на живеење. Терапијата “учење на нежност” и наградата за определено позитивно однесување, начинот како се смирува детето кога е анксиозно или агресивно, ги демонстрираме и низ конкретните постапки што ги преземаме и пред самите родители, така учејки ги како и тие, во слични ситуации, да се однесуваат дома. Максимално ја користиме играта кај овие деца, како терапија и како прва школа на живот, а не како “губење на време” како што многумина ни префрлуваат. Игрите во кои е присутна кинестезијата, производството и размената на гласови и зборови, преку допирањето и мазењето, гушкањето или буткањето, се раѓаат кај детето различни мотиви, се создава чувството на радување, потреба за повторување и увежбување, доградба на недоградените шеми на акција од типот на асимилација и акомодација, се поттикнуваат кон буење и доградба на немиелинизираните неврони, детето го открива просторот, објектите во него и себе си во тој простор и време, врши доградба и стимулација на оние полиња што се одговорни за определени структури и функции, како што се на пр. говорот, слухот, видот, праксијата, координацијата и др. Низ играта се подобрува вниманието, полесно се ослободуваат емоциите и интелектуалното функционирање од својата заробеност. Графичкото изразување, цртежот, изработката на разни предмети од пластелин, брашно и др. исто така ги користиме во значителна мерка. Децата се подучуваат во создавање навики за контрола на сфинктерите, околу облекувањето, исхраната, одржувањето на личната хигиена и др., паралелно со примената на другите психотераписки постапки и едукативни активности и советувања со родителите.
Психомоторика и психомоторна реедукација
Теоретските поставености на Валон, Пијаже и невропсихологијата, во целост применети низ практиката, јасно потврдуваат дека искуствата од психомоториката им претходат на психичките искуства и на општиот психички развој на детето.
Децата со забавен и дисхармоничен развој имаат нејасна и лажна слика за себе и за светот, што придонесува нивниот однос со другите да биде неадекватен. Имаат лошо организирана моторика, недограден тонус и латерализираност, дискоординираност на движењата, нарушена перцепција и појава на различни вредности и организираност на сознајните способности, со изразени негативни реперкусии врз инелигенцијата, мислењето, емоциите, говорот и однесувањето на личноста во целост, кои најчесто се со различен степен на дограденост и дисхармоничност во функционирањето.
Психомоторниот реедукативен третман што го преземаме со овие деца, во услови на нашата дневна болница, има за цел да изврши обновување, реорганизација и оживотворување (на детето да му станат свои) на сите поранешни искуства што ја сочинуваат основата на тонично-емоционалниот дијалог од периодот на дијадата и на сензо-моторните искуства што се во функција на формирањето на праксичните и когнитивни активности. Во психомоторната реедукација користиме движења како систем на вежби, сосем обични и едноставни, наполно разбирливи за детето, што имаат за цел да предизвикаат определен сензомоторен ефект, што ќе биде придружен со определено емоционално доживување, а реедукаторот и детето, при полна свест, ги формулираат низ зборови-се дефинира сензомоторното и емоционално доживување, како и поимот што произлегува од тоа. Со сумација на сезомоторните искуства се овозможува хармонична координираност на движењата при изведување на психомоторните активности. Ова овозможува поимите и појавите од реалитетот да бидат појасно формулирани. Детето низ доживеаното пријатно чувство во односот со реедукаторот, учи дека движењата претставуваат начин за комуникација со светот и постоењето на детето во тој свет како единка “за себе”. На ваков начин психомоторната реедукација како тераписка постапка, што има квалитет на психотерапија, инспирирана од феноменолошко-егзистенцијалистичката психо-терапија, придонесува детето да го формира првото свое интерперсонално поле, што ќе послужи како основа за изведување на процесите на индивидуализација и социјализација.
Во настојувањата, определен број деца да успееме да ги подготвиме до извесен степен за вклопување во некои од училиштата, увежбуваме определени графомоторни вежби-изразувања на ниво на линеација или препокривања, боење на определен простор, учење на определени квалитети на предмети, користење плочки, стапчиња за решавање конкретни и едноставни задачи, коцки за склопување, користење дидактички материјали и друго. Кај овие деца, во наши услови на работење, не вршиме обука на читање и сметање.
Заклучоци
Дневната болница на Заводот за ментално здравје на деца и младинци-Скопје, иако примарно е наменета за давање помош на децата што манифестираат различни психички проблеми на возраст од 3-14 години, во сегашни услови на организираност, таа служи за изведување адекватна диференцијална дијагностика и започнување третман и на децата со забавен и дисхармоничен развој од предучилишна возраст. Користејки повеќе лепеза на тераписки постапки, особен акцент става на примената на начелата на невропсихологијата и психомоторните реедукативни активности. Целта е детето што порано да се вклопи во здравата средина-предучилиштето и училиштето. Дневната болница соработува и со другите (ре)хабилитациони институции.
За да се обезбеди континуитет во третманот на оваа категорија деца, потребно е во предучилишните установи да се обезбеди осмислено и стручно тимско работење. Акцентот да се стави врз дефектолошката активност, за да може во целост да биде реализирана програмата за стимулација на општиот развој на детето, на неговиот говор и да се изврши што подобра подготовка за негово вклопување во училиштето.
Предучилишните установи треба тесно да соработуваат со развојните советувалишта, со рехабилитационите институции и особено со специјализираните установи што се наменети за заштита и унапредување на менталното здравје на децата, за да можат да имаат усогласена заедничка методологија на работа и за да се обезбеди перманентна едукација и супервизија на кадрите што се заангажирани во спроведување на активностите.
ЛИТЕРАТУРА
- Бојанин,С. (1985): Неуропсихологија развојног доба и општи реедукативни метод, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд.
- Бојанин,С. (1996): Неуропсихолошка анализа прве године живота детета, Психијатрија данас, XXVIII, 1-2,1-208, Београд, стр. 167-185
- Дошен, А. (1989): Терапија односом: терпијски приступ менталном обољењу код ментално заостале деце, Психијатрија данас, ИМЗ, Београд, 21,4; 297-306.
- Дошен, А. (1987): Развојно-динамички приступ дијагностици психичких поремеÊаја код ментално ретардиране деце, Психијатрија данас, Београд, 9,4; 383-388.
- Каличанин, П., Бојанин, С. (1975): Заштита и унапреÚење менатлног здравља у друштвеној заједници, Београд.
- Копачев, Д., Настов, П., Каранфиловска, М. (1986): Психомоторна реедукација и релаксација како методи на лекување кај децата со растројства на психомоториката, Македонски медицински преглед, XII Конгрес на лекарите на СРМ, Зборник трудови, стр. 491-493.
- Mises, R. (1983): La cure des psychoses infantiles en institution, Neuropsych., de L`enfance et de L`adolescence, Paris, 31; 270-271.
- Николић, С. (1990): Ментални поремеÊаји код деце и омладине, Школска књига, Загреб.
- Радојковић-Ишпановић, В., Говедарица, Т. (1989): Психотерапијске интервенције у третману деце ометене у психофизичком развоју, Психијатрија данас, Београд, 21, 2-3; 157-162.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE