JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5381
Тихомир РИСТЕСКИ
НЕКОИ АСПЕКТИ НА ПОДГОТВИТЕЛНИТЕ АКТИВНОСТИ ЗА РАБОТНАТА (ПРОФЕСИОНАЛНА) ОРИЕНТАЦИЈА КАЈ ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН СЛУХ
ВО ПРЕДУЧИЛИШНИОТ ПЕРИОД
Работната (професионална) ориентација на децата со оштетен слух во предучилишниот период, условно сфатено, го опфаќа времето од првите почетоци на играта како окупациона активност па се до вклучувањето на основното воспитание и образование. Нејзините цели и задачи кај овие деца се поклопуваат со целите кај децата со нормален слух со таа специфичност што на глувите деца им се потребни повеќе ситуации за нивно ангажирање во разни креативни активности.
Главните цели на професионалната ориентација кај децата со оштетен слух во овој развоен период можат да се дефинираат преку следните барања, и тоа:
- да се изгради наполно прилагодена личност во својата социјална средина:
- да се подготвуваат за читање од уста и гестовно мимички говор преку ситуациони форми на учење и тоа пред сî заради задоволување на нивната љубопитност во комуникацијата со другите;
- да се научи да се игра и низ играта да се активира сам и во соработка со другите;
- да му се развие постојаност во играта, почитување на правилата на играта и респектирање на способностите на другите деца;
- равивање на мислите, поимите и нивното изразување;
- развивање на чувството за задоволство за сопствената креативност во играта;
- поттикнување на сопствената претприемчивост во играта и способноста да ги решава проблемите во текот на игровната активност;
- развивање на чувството за сопствена корекција на своето однесување во текот на играта со другите деца; и
- совладување на неуспесите во текот на играта да се одвива како опозит на неговите успеси и задоволство.
Општо земено, играта на децата со оштетен слух на оваа возраст треба да претставува дел од животната активност преку која ќе се развиваат интелектуалните, емоционалните и социјалните компоненти на нивната личност согласно со барањата на општествената средина за децата од оваа возраст.
Од аспект на играта и активноста на детето на овој план децата со оштетен слух во овој период на развиток поминуваат низ следните степени на созревање што се битни за неговото понатамошно професионално ориентирање.
Првиот степен го опфаќа времето од втората до третата година и на оваа возраст детето со оштетен слух, како и другите деца ги изразува следните активности: боење на хартија, се интетресира за боење, прави слободни движења со рацете, се интересира за работа со глина и работи со неа преку гмечење, сучење и плескање со рацете. Во сите набројани активности нема посебен план и цел во работата. Општо земено, сите доживувања на детето се изразуваат преку сопствените активности и движења. Тоа е постојано во движење затоа што му е потребна телесна ангажираност и стекнување искуства преку своите сетилни органи. Кај децата со оштетен слух, поради компензација на слушната попреченост тие повеќе се ориентираат кон другите сетилни органи како што се видот, допирот и вкусот.
Вториот степен го опфаќа времето од третата до четвртата година и се карактеризира со следните активности: свесно ги меша боите и црта предмети кои тешко можат да се препознаат, работи поедноставни упатства со две или три деца, ги покажува првите знаци на осамостојување со тоа што му се спротивставува на авторитетот на други. Децата кои што во овој период почнуваат поинтензивно да го учат јазикот во што децата со оштетен слух се хендикепирани.
Во третиот степен што го опфаќа времето од четвртата до петтата година претходно наведените активности ги изведува на повисоко ниво. При употребувањето на четкицата за боење постигнува различни ефекти во изразувањето на поимовите што ги стекнал со своето искуство. Нацртаните предмети, можат да се препознаваат, а во работата со глина може да ги оформува предметите што се во неговата непосредна околина. Во текот на играта ги воопштува и согледува односите меѓу предметите а самата содржина на играта е посложена во однос на претходните години. Често ги менува содржините на играта, но со желба да ги повторува во наредните денови.
Времето од петтата до шестата година се карактеризира со зголемена самоконтрола во текот на изведувањето на активностите и со поизразена љубопитност и фантазија во текот на играта. Се јавува чувството на лична сопственост, самостојност и дружељубивост во активностите. Исто така позначително е застапена и анализата на предметите со кои се игра, планирањето на играта и активностите заклучување и проценување на својот успех и на успехот на другите учесници во активностите. На планот на ликовните активности се јавуваат поизразени чувства на убаво во врска со нацртаните предмети или слики. Во својата ликовна работа почнува да употребува и моливи во боја, а предметите што ги изработува од глина ги бојадисува со соодветни бои. Општо земено, во ова време децата имаат најголеми потенцијални психофизички способности за стекнување на соодветни вештини за индивидуална и групна активност, кои подоцна ќе претставуваат добра основа за понатамошно насочување на склоностите и интересите кон определени професионални подрачја.
Она што е специфично за децата со оштетен слух во овај период од нивниот развиток, а е во тесна врска со активностите во професионалната ориентација е потребата од додатни специфични воспитни активности на вежбањето на слухот, обучувањето да чита од уста преку ситуационо учење со елементи на гестовно мимичкиот говор. Исто така е потребно да се вршат и определени вежби за стимулирањето на паметењето и мислењето, читањето на пишани зборови и нивното поимовно диференцирање и запознавање со бројките и броењето. Сите наведени активности претставуваат составен дел на предучилишното воспитување и образование на децата со оштетен слух и треба да се изведуваат како во соодветните предучилишни установи, така и во домашни услови. При тоа треба да се внимава дека тоа треба да се изведува постапно и ненаметливо и да биде во функција за задоволување на нивните потреби и интереси.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE