JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7329
Анета ХРИСТОВА
ПОТРЕБИ И ПРОБЛЕМИ ВО ОРГАНИЗИРАЊЕТО НА ПРЕДУЧИЛИШНОТО ВОСПИТАНИЕ НА ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ, КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА УСПЕШНО ИНТЕГРАТИВНО ОБРАЗОВАНИЕ
Првите направени чекори кон образованието на поголем број хендикепирани деца во нашата Република имаат интегративни карактеристики со отворањето на голем број посебни одделенија при редовните основни училишта, кои како облик на интеграција останаа до денес, давајќи можност за основно образование на поголем број хендикепирани деца во Република Македонија.
Независно од различните ставови кон ова прашање треба да се потенцира дека дефектолозите сепак остануваат на позицијата за нормализација и интеграција, но секогаш со висок респект кон определени неизбежни институционални мерки насочени кон тоа како ќе се одвива таа, под кои услови, модели, законски нормативи и кој сé во тој процес треба да учествува.
И денес стручњаците се единствени и сметаат дека интеграцијата поради хетерогеноста на хендикепираните деца, не треба да значи вклучување на сите деца во редовните училишта и се смета дека е најтешко да се интегрираат ментално ретардираните деца.
На овој проблем не се внимава многу во практиката. Често доага до недоразбирање, бидејќи недоволно се почитува еден од основните принципи-принципот на постапноста. Тој принцип бара во согласност со објективните и субјективните прилики на конкретната општествена средина, односно училиште, постепено да се спроведува преобразба на воспитанието и образованието, односно хендикепираните деца во редовните облици на воспитанието и образованието да се вклучуваат само таму каде што се исполнети најнужните услови што претставуваат своевидна гаранција дека овие деца ќе можат успешно да напредуваат. Во непосредната педагошка практика поради непознавањето на оваа проблематика, еднострано и административно се укинуваат некои од досегашните облици на воспитанието и образованието, а условите за преминување во нов квалитет да не се задоволени.
Предуслов за успешно интегративно основно образование е предучилишното воспитание на децата со пречки во развојот. А предуслови за решавање на проблемите поврзани за предучилишното воспитание се успешната детекција, дијагностика и третман на децата со пречки во развојот, што би се остварило со беспрекорна работа на еден мултидисциплинарен тим.
Тимска работа е само онаа кога постои едно установено време и место, на кое, се среќаваат сите стручњаци што работеле со хендикепираното лице, со својот стручен придонес и со својот личен став да ги вообличат заклучоците и да постават тераписка програма.
Во тимската работа нема вертикална потчинетост или поврзаност. Таа ја оневозможува тимската работа и ја прави бесмислена. Поврзаноста е хоризонтална. Отпори кон тимската работа се јавуваат главно во оние класични научни и стручни дисциплини, каде што е веќе воспоставена традицијата на еден хиерархијски однос, кој стручноста ја идентификувал со искуството, а искуството со староста, па раководењето со работните групи, одделенија и установи не можело да се замисли надвор од хиерархиските односи, што можат да се постават во тие работни групи или институции. Покрај тоа определен профил на стручњаци сметајќи се себеси за носители на основната дејност, не можат а да не се сметаат и за раководители на сите облици на тимска работа во тие установи.
Нашата дефектологија потпирајќи се врз позитивните традиции од минатото, го решаваше најнапред проблемот околу згрижување на децата со дефективитет и усовршувањето на начинот на школување на своите кадри. Денес, веќе оди кон осовременување на своите стручни поставки и создавање на модел на работа, кој веќе не е по угледот на класичната педагошка работа или на класичната работа во здравствената служба, туку е определен со специфичноста на проблемите со кои се занимава дефектологијата. Секако во континуирана соработка со другите научни гранки, ќе се изнајдат нови патишта за решавање на постојните проблеми во образованието и воспитанието на децата со пречки во развојот.
Како посебен проблем се наметнува слабата организираност на предучилишното воспитание на децата со пречки во развојот на територијата на Република Македонија.
Во врска со предучилишното воспитание на ментално ретардираните деца се наметнуваат некои основни прашања:
- дали може и дали треба ментално ретардираното дете од предучилишна возраст да биде медиум и објект на интенционално и организирано воспитание;
- во која мера можат да се остварат целите и задачите на предучилишното воспитание во формирањето на ретардирано дете како позитивна и креативна личност во определената рана возраст;
- во која мера и во што се разликуваат содржините, факторите, облиците и видовите активности во воспитуанието на предучилишното ментално ретардирано дете во однос на нормалното дете.
Долго време вниманието за ментално ретардираните деца беше насочено исклучиво кон заштита и развивање т.е., кон подобрување на состојбата на изгубените биолошки и ментални способности. Исто така било силно влијанието на вековната практика на односот кон овие деца и длабоко вкоренетото генерализирано мислење дека на овие деца може да им се помогне единствено со грижа и заштита, затоа што тие не можат да бидат медиум на воспитание.
Ова, се разбира, многу придонесло за доцна утврденото сознание за потребата од предучилишно воспитание на ментално ретардираното дете.
Кон ова се надоврзува и:
- незаинтересираноста на општата педагогија и нејзините науки и дисциплини за проблемите на воспитуанието и образованието на хендикепираните, посебно на ментално ретардираните деца;
- бавниот развиток и задоцнетото конституирање на клиничкиот дел на предметот на олигофренологијата (превенцијата, детекцијата, дијагностиката, третманот, а посебно раниот третман на ретардираните).
- неправилниот однос на родителите што се изразувал во сокривање на случајот колку што е можно подолго од јавноста, а до што доаѓало главно поради неинформираноста за можностите за едукација и рехабилитација, како и поради сосема негативните предубедувања.
- негативниот однос и затвореноста на редовните предучилишни установи кон ментално ретардираните деца;
- откривање на ретардираноста дури со вклучувањето во училиштето (што е чест случај и денес ).
Во секој случај сега е јасно, предучилишното воспитание на ментално ретардираните деца е повеќе од потребно, бидејки нуди забрзување на развојот на детето на физички, на психички и на социјален план, со цел да се подготви за организираниот процес на учење, т.е. на совладување на знаењата, на умеењата и навиките низ училиштето.
Разликите меѓу предучилишното воспитание на ментално ретардираните и нормалните деца не се во целите и задачите, ниту во глобалните содржини, туку во додатните содржини, факторите, облиците и во видовите активност, кои како дополнителна потреба ги наметнуваат специфичноста и карактеристиките на ментално ретардираните деца во нивниот развиток.
Основната разлика мегу предучилишното воспитание на нормалното и на ментално ретардираното дете се состои во тоа што:
- кај нормалното дете имаме единствен процес на воспитание со кој се насочува развитокот и детето се подготвува за училиште;
-
кај ментално ретардираното дете имаме двоен процес:
- воспитание како и кај нормалното дете;
- клинички рехабилитационен третман заради спречување, намалување и отстранување на пречките што оневозможуваат развиток и ги ограничуваат можностите за остварување на целите и задачите на воспитанието и образованието.
Програмски, предучилишното воспитание на ментално ретардираното дете се остварува низ два дела: едукативен и клинички.
Едукативниот дел во основа се базира врз компонентите на програмата на редовното воспитание, со тоа што по обем и време се усогласува со специфичностите и со можностите на ментално ретардираните деца, т.е. група.
Клиничкиот дел на програмата ги опфаќа подрачјата на когнитивните процеси: комуникациите; сензомоторниот развиток; интелектуалните психички процеси; волно-емоционалната сфера; однесувањето; личната хигиена и тоалетите; грижата за себе и подрачјето на семејниот и општествениот живот.
Едукативниот дел на програмата го планираат и го спроведуваат едукаторите-олигофренопедагози, во соработка со родителите и со соработниците-членови на тимот, а клиничкиот дел на програмата го планираат и го спроведуваат олигофренопедагозите-клиничари во соработка со родителите и соработниците-членови на тимот.
Предучилишното воспитание почнува од првиот ден на откривањето и идентификувањето на ретардираноста и трае до вклучувањето на детето во процесот на наставата, т.е. на обучувањето.
Предучилишното воспитание се спроведува во семејството, во редовните предучилишни установи заедно со другите деца, во посебни групи или единици на редовните предучилишни установи и во посебни единици на едукативните и на клиничките олигофренолошки установи за рехабилитација.
Кога ке се земе предвид сето ова што е претходно кажано се поставува прашањето: Каде сме во сето ова ние? Потребите за организирање на предучилишното воспитание на ментално ретардираните деца сî повеќе од очигледни, посочените проблеми што постоеле од порано и сé уште постојат, можат и треба да се решат со заеднички сили и соработка на родителите и стручните служби задолжени за тоа, а состојбата, таква каква што е сега, е никаква, барем на територијата на општина Битола, една од најголемите според бројноста на населението во Р. Македонија. Ова е факт што би требало да се прифати како таков, затоа што навистина е несфатливо постоењето на толку многу основни училишта и предучилишни установи и доволниот број дефектолошки кадар, а сепак организирањето на предучилишното воспитание за ментално ретардирани деца, сé уште е на почетна точка.
Сепак се евидентни поединечни залагања на овој план. Таков е на пример случајот со напорите на вработените во с.п. при О.У. “Ѓорги Сугарев” -Битола, во кои се школуваат околу 60 деца со лесни пречки во психофизичкиот развој. Имено се прават заложби, во рамките на училиштето да се отвори предучилишна паралелка, во која децата ќе се подготвуваат за полесно вклучување во основното образование. Но изгледа за да се реши овој проблем, ќе биде потребно многу повеќе од силните желби и поединечни напори и негово решавање на ниво на Република за да нема никакви пречки и недоразбирања од страна на оние што не се многу упатени во проблемите и потребите на оваа категорија на деца, а сепак учествуваат во донесувањето на конечната одлука.
Во секој случај Симпозиумот одржан во Струга, 1996 г. ќе придонесе за конечно решавање на веќе расветлениот проблем околу потребите од организирање на предучилишното воспитание на ментално ретардираните деца.
ЛИТЕРАТУРА
- Љупчо Ајдински: Интегрална рехабилитација на ментално ретардираните лица Југословенска конференција за социјални дејности, Белград 1982
- Александар Ћордић, Светомир Бојанин: Општа дефектолошка дијагностика, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд 1992 )
- Љупчо Ајдински: Нови искуства и тенденции во интеграцијата и нормализацијата на третманот, образованието и оспособувањето, односно рехабилитацијата на хендикепираните лица, Струга 1995 )
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE