JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4262
Љубица МАНАСИЕВА
НЕКОИ ПРОБЛЕМИ НА ХЕНДИКЕПИРАНИТЕ ЛИЦА ВО УСЛОВИ НА СЕГАШНИОТ ТРАНЗИЦИОНЕН ПЕРИОД И НИВНОТО РЕШАВАЊЕ
Времето во кое живееме и работиме (време на транзиција), го карактеризираат крајно неповолни економски и политички состојби. Посебно е изразен и се чувствува хаосот во стопанството, присутна е огромна загриженост и страв кај населението за сопствената иднина и чувство на бесперспективност.
Голем број граѓани секојдневно ги губат своите економски и социјални права, секојдневно расте бројот на невработени, присутни се голем број на технолошки вишоци, стечаи и ликвидација на претпријатијата, крајно ниски и со повеќе месеци неисплатени лични доходи, отежнато користење на здравствената заштита на одделни категории на граѓани за кои претпријатијата не се во можност да ги исполнат обврските на придонесите кон државата и така натаму.
Исто така, разните економски и политички блокади од сите страни, нестабилни економски и политички односи со соседите, нецелосно и несоодветно регулираните економски односи во земјата, негативно се одразуваат на функционирањето на целокупниот општествен живот во земјата, кое од своја страна силно се одразува врз сеопштото сиромаштво кај населението.
Аналогно на ова се зголемува потребата од поорганизирана и зголемена социјална заштита на населението.
Примарна цел на социјалната заштита треба да се гледа во задоволувањето на животните потреби на луѓето и во остварувањето на социјалната сигурност на поединецот, семејството или на општествената група што се нашле во положба на социјална потреба и на кои таквата сигурност не им е обезбедена по друг основ.
Имајќи ги предвид неповолните општествено-економски односи, сî е поголем бројот на лицата што имаат неопходна потреба од општествена заштита во сите сфери на општествениот живот-здравството, образованието, комуналните и другите дејности, а посебна категорија на социјална загрозеност од секаков вид се семејствата во кои има хендикепирано лице, односно ментално ретардирано лице, бидејќи трошоците за задоволување на потребите на оваа категорија значително се разликуваат од другите категории граѓани затоа што тие имаат дополнителни трошоци за облека, хигиена, транспорт и дополнителен мебел, како и дополнителни трошоци зависно од природата на хендикепот. Исто така оваа категорија на граѓани имаат поголема потреба од социјална заштита и социјални права на семејствата и лично за нив, почнувајќи од фазата на откривање, распоредување, евиденција, упатување на рехабилитација, третман и остварување на повеќе видови права.
Во оваа пригода ќе изнесам само некои согледувања за проблемите со кои се среќаваат семејствата на ментално ретардираните лица, а кои впрочем се проблеми и на сите хендикепирани лица.
Влошената општествено-економска состојба во земјата ја чувствуваат семејствата на ментално ретардираните лица особено во остварувањето на нивната здравствена заштита, бидејќи тие поради ретардираноста се поподложни на повеќе и друг вид заболувања што предизвикува поголема потреба од издатоци за лекување. Од дуга страна, семејствата во кои има ментално ретардирано лице претежно се материјално загрозени и не се во можност да обезбедат средства за споменатата здравствена заштита, а почесто и за набавување на неопходните лекови поврзани со менталната ретардација, бидејќи нив почесто ги нема во аптеките, иако се ставени на позитивната листа на лекови.
Во смисла на ова, неопходно е потребно државата да ги регулира овие потреби на ментално ретардираните лица со посебен акт, за да може семејството да добие помош во лекувањето на нивните вакви членови, вклучувајќи го притоа и проблемот на неопходност од придружник.
Друг актуелен проблем за ментално ретардираните лица и нивните семејства претставува вработувањето, односно, иако голем дел од овие лица (особено со лесна ментална ретардација) биле опфатени во образовно рехабилитациони центри и се стекнале со определена квалификација, најчесто тие остануваат невработени и понатаму на грбот на семејството и покрај тоа што државата со свои акти дава определени бенефиции околу вработувањето на хендикепираните лица и нивните родители во однос на трудовото право.
Според некои статистички показатели семејствата во кои има хендикепирано лице, како што истакнавме и погоре, претежно се социјално и материјално загрозени и најчесто тие се корисници на некој вид парични примања регулирани со определени законски прописи. Но, кога заборуваме за определени парични примања на овие семејства, посебен проблем со кој се судираат е користењето на правото на додатокот за помош и нега од друго лице, бидејќи ова право се остварува во две институции: за лица до 26-годишна возраст преку детска заштита, а над 26 години, преку Центарот за социјална работа. За одбележување е и тоа што третманот и износите се различни, што предизвикува недоверба и револт кај семејствата, бидејќи лицата над 26 години добиваат помал износ на средства.
Во врска со ова право треба да се истакне и тоа што лицата со умерена ментална ретардација не можат да го остварат, доколку во наодот изричито не е нагласено дека е потребна помош и нега од друго лице, а тие независно од тоа ја имаат таа потреба и им е потребна помош не само од родителите туку и од државата.
Покрај наведените тешкотии во врска со заштитата на хендикепираните лица, се наметнува уште една дилема. Имено, правото на рехабилитација и образование на хендикепираните лица се остварува преку Центрите за социјална работа и единиците за пензиско и инвалидско осигурување за децата чии родители се вработени. Но, во последно време, со неплаќањето на придонесот за пензиско осигурување од страна на претпријатијата, единиците за пензиско осигурување не се во можност да ги решаваат овие случаи. Со ова, дел од ментално ретардираните лица го губат правото на образование и рехабилитација ако тоа се изведува надвор од нивното место на живеење и залудни се настојувањата на родителите да најдат излез од оваа состојба.
Ако се залагаме, а се деклариравме како социјална држава, и се залагаме да им го олесниме и ублажиме животот на оваа категорија граѓани и нивните семејства, државата треба преку своите органи и институции да ги усогласи потребите од правен и социјален аспект и да обезбеди единствена комисија и единствена служба што ќе ги регулира и реализира правата на овие лица.
Независно од тоа што беа досега потенцирани некои проблеми од оваа област, со досегашните позитивни прописи голем дел од правата на хендикепираните лица се регулирани и се остваруваат, а де се надеваме дека во иднина некои прописи ќе бидат изменети или дополнети со позитивни решенија за постојните проблеми во новонастанатата ситуација.
Меѓутоа, со постојните решени или нерешени облици на социјална заштита, не се исцрпени, односно, задоволени потребите и можностите за помош на лицата со ментална ретардација и нивните семејства. Проширувањето на институционалната и развивањето разни форми на вонинституционална заштита во местото на живеење ќе придонесат за почести и поголеми контакти на семејствата на ментално ретардираните лица, па и на самите хендикепирани лица, а со тоа и откривање и наметнување на проблемите што ги тиштат.
Особено актуелно и со својата потреба се наметнува прашањето за создавање услови и отворање на дневни центри за престој на умерено и тешко ментално ретардирани лица во општините, со опфат на овие лица во времето додека нивните родители се работно ангажирани. Во нив, со помош на стручни кадри ќе се извршуваат разни активности и работно ангажирање на самите ретардирани лица, во зависност од нивните можности и возраст. За времето додека тие се наоѓаат во дневниот центар, нивните родители се ослободени од грижата за нив, ги завршуваат своите работни обврски и ќе можат попладнето поцелосно да се ангажираат околу своите хендикепирани деца, со што во крајна линија се зајакнува емотивната врска меѓу сите членови на семејството.
Друга потреба што се наметнува за решавање, од институционален карактер е потребата од отворање на таканаречените “дом семејства” во кои хендикепираните лица, а посебно ментално ретардираните лица, по смртта на нивните родители би биле опфатени и прифатени во една топла атмосфера, за да го поднесат полесно отсуството на нивните родители.
На крајот како заклучок ќе нагласиме дека е императивна потребата при изготвувањето или при измени и дополнувања на нормативни акти во кои треба да бидат регулирани определени права за хендикепираните лица и нивните семејства, секогаш да бидат вклучувани сојузите на хендикепираните лица, односно, Заедницата на инвалидските организации, бидејќи тие како невладини и родителски организации најдобро ги знаат потребите за овие лица и можат да дадат најадекватни предлози за нивно разрешување.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE