JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4951
Катица МИЛОШЕВСКА
ГРАНИЧНА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ-ПСЕУДООЛИГОФРЕНИЈА
Марија има 9 години и е испратена од училишниот наставник на психолошка егзаминација поради школскиот неуспех.
Примарно енуретична, со тик на устата, нагласено нервозна и раздразлива, незаинтересирана за училишната работа. Живее во непотполна, но топла семејна средина. И покрај добрата мотивираност за вонучилишни активности во училиштето не добива адекватно поткрепување и не е вклучена во ниедна активност.
На социјалната сегрегација од врсниците реагира со намалено самодоживување: “Јас сум малер и треба да умрам” (размислувања во време на две сообраќајни незгоди во кои е повредена во последните две години). Другарчињата во местото на живеење се однесуваат кон неа со изразито неприфаќање, на нејзиниот грб цртаат крст и велат дека “е малер и треба да умре”.
Однесувањето во тест ситуацијата е социјализирано, без пречки на вниманието и концентрацијата, со адекватно сочувана функција на контактот. Тестовните показатели упатуваат на ниско потпросечно ниво на визуомоторна координација, со отстапувања од емотивна и органска природа. Преовладува бавна подвижност на мисловните процеси, со импулсивен и недоволно анализиран пристап кон задачите, што резултира со задоцнети, неадекватни одговори. Евиденти се тешкотиите во практичното искористување на знаењата и покрај добрата општа информираност, просечно запаметување и способност за разликување на важно од споредно.
Интелектуалниот профил е неуедначенна високо гранично ниво, без дијагностички значајни отстапувања меѓу оперативната и вербалната интелигенција. Однесувањето е одбележано со нагласена инфантилност и сугестибилност.
При диференцијално-дијагностичката постапка на децата со временска задршка на темпото на психичкиот развој валиден е само квалитативниот пристап кој би ги зел предвид многубројните, често комбинирани недостатоци на овие деца. Секој обид за прилагодување на брзо и комерцијално темпо на работење нужно води кон дијагностички грешки и превиди.
Станува збор за клинички и етиолошки нееднородна група на растројства кои по времето на своето настанување можат да провоцираат примарна или секундарна задршка на темпото на психичкиот развој.
Меѓу етиолошките фактори најчесто се споменуваат: инфекции и интоксикации во раниот постнатален период со реперкусии на ЦНС, нарушувања при различни органски и ендокрини психосиндроми, нарушувања при различни форми на инфантилизам поради долготрајни соматски астенизирачки заболувања, нарушувања во механизмот на психосоцијална, емоционална и сензорна депривација, со многу нивни подваријанти. Клиничката слика е полиморфна и најчесто варијабилна, условена од етиолошките фактори што ја предизвикуваат. Преовладува недостатиг на емоционално-волевата сфера изразена во зголемена живост, непостојаност, преовладување на мотивот за задоволство, нагласена приврзаност кон мајката, страв од ново и непознато, недистанцираност, зголемен интерес на игрова активност што продолжува да преовладува и во училишната возраст, неспособност за вклучување во активни и водени занимања, зголемена сугестибилност.
Често овие деца не можат правилно да ја усмерат и организираат својата активност и да ја потчинат на училишните барања. Тоа од своја страна создава феномен на училишна незрелост. Интелектуалниот недостаток не е многу изразен, има секундарен карактер и е определен од заостанувањето на компонентите на развојот на личноста. Односно, основното нарушување доаѓа од нарушувањето на т.н. “претпоставка на интелектот” (внимание, концентрација, паметење, запамтување, говор, работоспособност, визуомоторна координација).
Психичкиот развој е нерамномерен, со парцијална задршка на едни наспроти добро развиени други способности.
При внимателен и квалитативен пристап клиничката слика на овие состојби на задршка на психичкиот развој многу се разликува од оној кај олигофрените. Отсуствува бавната подвижност на психичките процеси. При исполнувањето на задачите што не го надминуваат нивното знаење доволно се иницијативни. Во работата не се стремат кон автоматски начин на работа и повторување на веќе научените стереотипи. Кај нив има љубопитност, стремеж да научат нешто ново и да внесат иницијатива и творештво, во игрите се присутни креативна фантазија и претставување. Интелектуалниот профил има парцијални и често реверзибилни нарушувања, за разлика од оние кај олигофрените со глобален и траен карактер. Имаат побогат емоционален живот и свесност за својата попреченост. Успешната социјализација и правилната интеграција на овие деца во редовните училишта подразбира рана нивна дијагностика и спроведување на комплекс од медико-реедукативни постапки, што би воделе до нормализација на темпото на психичкиот развој.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE