JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4017
Наташа ЧИЧЕВСКА
ВИНКА МУСТАЌ, МИРОСЛАВ ВИЦИЌ:
,,РАБОТА СО УЧЕНИЦИТЕ СО ПРЕЧКИ ВО
РАЗВОЈОТ ВО ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ”
(ПРИРАЧНИК ЗА ПРОСВЕТНИТЕ РАБОТНИЦИ)
Од Коменски наваму општата педагогија и масовната училишна практика доживеаја не мали промени, но ниедна од нив не е толку голема, како што е појавата на интегрираното образование во специјалната педагогија.
Идеата за вклучување на децата со пречки во развојот во редовните училишта датира 50 години, од започнувањето на специјалните училишта. За иницијатор на таа идеја, што ја нарекуваме денес интегративно образование се смета австроунгарскиот педагог за проблемите на видот Јохан Клаин, кој уште во 1836 година го издава делото под наслов “Прирачник за образование на слепите деца од најраното детство во семејството и редовното училиште”. Меѓутоа факт е дека таа нестандардна, па дури за тоа време и еретична идеја, не можела да го здобие својот развој во Европа.
Шеесетина години подоцна (17.09.1900 год.) во Чикаго, по иницијатива на учителот Џон Кертис, во редовно училиште е интегриран и првиот слеп ученик. Во 1904 год. во Чикаго веќе има интегрирано 24 слепи ученици.
Во почетокот на 60-тите години светската јавност, родителите, меѓународните организации за инвалидите, како и многу други хуманитарни институции, започнаа со развивање на една нова концепција т.н. интеграција. Преку неа се настојува да се обезбеди една нова политика на образованието наречена нормализација и интеграција. Преку овој концепт се настојува да се обезбеди понормален живот на децата со пречки во развојот. Овие деца треба да живеат во своите семејства, да играат со своите врсници и да посетуваат настава заедно со своите другарчиња. Меѓутоа, поради хетерогеноста на хендикепираните деца, интеграцијата не треба да значи вклучување на сите деца во редовните училишта или во посебни одделенија при редовните училишта. Многубројните истражувања покажуваат дека во редовните училишта најдобро се интегрираат учениците што имаат визуелна неспособност, а најтешко се интегрираат ментално ретардираните ученици.
Бидејќи во иднина во редовните училишта сî повеќе ќе се среќаваат ученици со пречки во развојот, накратко ќе ве запознаеме со Прирачникот наменет за просветните работници под наслов “Работа со учениците со пречки во развојот во основното училиште” во издание на “Школска књига“ - Загреб, 1996 год.
Овој прирачник овозможува наставниците и стручните соработници да добијат низа корисни информации што ќе им користат во работата со учениците со пречки во развојот, а на учениците со пречки во развојот ќе им овозможи успешно вклопување во средината во која се школуваат.
Овој прирачник содржи четири поглавија:
- Интеграција на децата со пречки во развојот во основното училиште;
- Постапки за остварување на социјалната интеграција;
- Планирање и програмирање на воспитно-образовната работа за учениците со пречки во развојот и
- Учениците со пречки во развојот и упис во средните училишта;
Во првото поглавије обработена е структурата на децата со пречки во развојот во зависност од видот и степенот на оштетувањето. Авторите набројуваат:
- Потпросечно интелектуално функционирање (лесна, умерена, тешка и длабока ментална ретардација),
- Оштетување на видот (слепи и слабовиди),
- Оштетување на слухот (глуви и наглуви),
- Попреченост во моториката и хронично болни,
- Нарушување во однесувањето врз органска подлога, емоционално неурамнотежени (хиперактивност и др.),
- Оштетување на говорот и гласот (пелтечење, пречки во артикулацијата, дисфазија)
- Повеќекратни оштетувања т.е. истовремено постоење на две или повеќе пречки во развојот.
- Во второто поглавје се дадени основните барања што треба да ги исполни основното училиште за успешно вклучување на ученици со пречки во развојот. Ќе наброиме некои од нив:
- Во едно одделение се вклучуваат најмногу два ученика што имаат пречки во развојот, а бројот на учениците во одделението се намалува според пропишани нормативи;
- Наставникот што работи во одделението не треба да биде почетник;
- Училиштето мора да има дефектолог;
- Мора да биде осигурана и постојана соработка со определени стручњаци (лекар и социјален работник и др.)
- Мора да биде обезбеден соодветен простор, опрема, наставни средства и пмагала, односно специфичен дидактички материјал, наставни средства и помагала за децата со определен вид на попреченост;
- Мора да биде обезбеден превоз, ако тоа го налага состојбата на детето;
Во третото и најобемно поглавије од овој прирачник е дадено планирањето и програмирањето на воспитно-образовната работа за учениците со пречки во развојот. Едно од најважните прашања за редовниот наставник кој во одделението има ученик со пречки во развојот е планирањето, програмирањето и оживотворувањето на работата со тој ученик во услови на воспитно-образовна интеграција. Важно е веднаш да се истакне дека нема универзална (унифицирана) програма за работа со учениците со пречки во развојот, без разлика на видот и степенот на попреченоста. Планирањето и програмирањето на воспитно-образовната работа за овие ученици е секогаш индивидуално. Индивидуализацијата е условена од околностите во кои дејствува определеното училиште, од општите и специфични педагошки и други особини на ученикот и од условите на неговиот живот во целост.
Покрај наставникот во планирањето, програмирањето и оживотворувањето на програмата е неопходно активно да дејствува и дефектологот, а по потреба да се вклучат и другите важни стручњаци. За изработка на добра програма за ученикот со пречки во развојот е потребно добро да се познава ученикот за кој се подготвува програмата, неговите можности и ограничувања, неговите предзнаења како и неговите општи и специфични потреби.
Програмите за школување на учениците со пречки во развојот треба да бидат индивидуализирани, а за нивното успешно остварување е неопходно да се исполнат следните претпоставки:
- да се утврдат реалните можности за способностите и знаењата на ученикот;
- да се определат годишните цели на воспитно-образовната работа;
- да се определат краткорочните цели на воспитно-образовната работа;
- да се утврдат посебните потреби на ученикот и начините на нивното задоволување;
- да се утврди обемот на редовната програма во кој ученикот ќе соучествува ученикот;
- да се утврди терминот и траењето на индивидуалната работа;
- да се определат објективните критериуми, наставните средства, методи и цели на воспитно-образовната работа и
- да се наведат профилите на стручњаците одговорни за создавање, оживотворување, евалвација и евентуално мерење на поставената програма.
Во последното IV поглавје “Ученици со пречки во развојот и упис во средно училиште” прикажана е крајната цел на работа со овие ученици, а тоа е што поуспешна подготовка на овие ученици за задачи што ги очекуваат во светот на работата и во општествениот живот. Нема сомневање дека правилно одбраните работни задачи и успешно спроведеното професионално оспособување се важни фактори од кои зависи успешната социјална интеграција на лицата со пречки во развојот.
Дадена е листа на занимања, за секој хендикеп посебно, за кои учениците со пречки во развојот можат да се школуваат во Р. Хрватска.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE