В. БУЧКОВСКА-НИКОЛОВСКА, С. БОШЊАКОВСКА,
В. ЈОРДАНОВА-ДИМОВСКА, Д. СТАВРИЌ, Е. ЃОРЃИОСКА

 

РАНА ДЕТЕКЦИЈА, ДИЈАГНОСТИКА И ТРЕТМАН НА ВИСОКО
ХИПЕРМЕТРОПНИ АМБЛИОПИИ

 

Интересот за проблемот на растројство на видната острина датира од петтиот век пред нашата ера. Првите оригинални испитувања за рефракцијата на светлината му припаѓаат на арапскиот научник Ал Хазен. Рогер и Бекон во 1266 година го зголемуваат писмото со ставање стакло над книга, а подоцна ја коригираат пресбиопијата. На фреските на кардиналот Угон, насликани во 1.352 година се гледаат корекциони стакла. Птоломеј и Кеплер се основоположници на оптичката наука, а Исак Њутн нивен наследник и носител на сознанијата задржани до денес.
Податоците за хиперметропијата како облик на рефракција имаат нешто пократок историјат од оние за миопијата.
Модерната ера започнува со швајцарскиот офталмолог Staiger во 1920 година кој оптичките медии на окото ги проанализирал од биометриски аспект. Амблиопијата најчесто се базира врз рефракциони аномалии на окото (Gettes).
Бинокуларниот вид е сî понеопходен во современиот начин на живеење. Затоа раната детекција, дијагностика и третман на амблиопијата се неопходни за рехабилитација на бинокуларниот вид или ублажувања на тешките последици од негов недостаток.
За постоење на бинокуларниот вид неопходни се следните услови:

  • анатомски и диоптриски интегритет на очите;
  • бинокуларно видно поле;
  • совршена хармонија меѓу двете ретини и нервните елементи, односно нормална ретинална кореспонденција.

Хиперметропијата претставува рефракција кај која при исклучена акомодација паралелните зраци се сечат во точка зад окото, а високата хиперметропија уште се нарекува и осовинска, односно ниеден напор на акомодацијата не може да доведе до нејзина компензација. Може да биде вродена или стечена и често резултира со еднострана или обострана амблиопија. Амблиопијата пак е состојба на неможност да се постигне максимален виден капацитет (визус 1,0) ни со оптимална оптичка корекција. Таа се сретнува кај 2/3 од страбичните очи.

Детекција и дијагностика

  • анамнеза за појава на страбизмот и мерење на аголот;
  • cover-тест
  • испитување на мотилитетот;
  • определување на фиксацијата.

Рехабилитација на амблиопијата

  • оптичка корекција;
  • оклузија (атропинизација, пенализација, оклудер);
  • призми;
  • вежби на еутископ, флеш и координатор.

Во трудот со проспективна студија е обработена серија од 27 деца, со клинички верифицирана амблиопија зарди монокуларна или бинокуларна висока хиперметропија (над + 6,0 Д). Кај сите деца е дадена корекција врз основа на скијаскопија изработена во атропинска мидријаза, односно циклоплегија и Јавал-метода. Третирањето е изведено во Кабинетот за ортоптика и плеоптика при Очната клиника во Скопје.

Заклучок

Кај сите пациенти кои строго се придржуваа на пропишаниот третман ефектот не изостан.
Методите што се користени се селективно применувани во зависност од степенот на слабовидост, видот на кривогледост, видот на рефракционата аномалија и возраста.
Раното откривање и третирање на пречки во монокуларниот и бинокуларниот вид спречува формирање на трајни сензорни растројства. Првите мерки што се применуваат во раната животна доба (атропинизација на водечкото око, оклузија и рана оптичка корекција) иако едноставни, даваат значително поголеми резултати од подоцна започнатиот, макотрпен ортоплеоптички третман.

ЛИТЕРАТУРА

  1. Страбизам и амблиопија-Вуков
  2. Офталмологија-Чупак, Накладни завод-Глобус-Загреб 1994.
  3. Strabismus and pediatric ophtalmology-Gary Diamond, Copyright 1993, MOSBY-YEAR BOOK  Europe.
  4. Clinical oftalmology-Kanski,  Butterworth-Neinemann Ltd, 1989.
Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in