JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5428
Гордана САЗДОВА, Драгица АТАНАСОВА
ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА КАКО СТАРАТЕЛСКИ ОРГАН
ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА ПОПРЕЧЕНИ ВО ПСИХО-ФИЗИЧКИОТ РАЗВОЈ, ОСТАНАТИ БЕЗ РОДИТЕЛСКА ГРИЖА
Нашето општество, како и сите други општества е заинтересирано да има здраво потомство. Тоа посебно му обрнува внимание на правилниот раст и на развитокот на најмладите-децата, што се неговата иднина.
Семејството е примарен фактор на воспитувањето и во него постојат безброј фактори кои со своето дејствување го насочуваат развојот на детето помалку или повеќе во саканиот правец. Во семејството се формираат основите на физичкото, интелектуалното, моралното и на работното воспитување, во него се формира личност што ќе живее и твори во определена средина.
За жал сите деца ја немаат таа среќа да растат и да се воспитуваат во своето семејство. Еден број на деца уште од своето раѓање или подоцна остануваат без родителска грижа и љубов. Најчесто, тоа се деца од вонбрачен однос или деца чии родители се спречени од најразлични причини да ја извршуваат родителската должност. За овие деца грижата ја презема Старателскиот орган односно Центарот за социјална работа. Грижата за овие деца е организирана преку повеќе форми и облици на заштита и тоа:
- Ставање на детето под Старателство на блиски сродници, доколку ги има и доколку тие имаат желба и услови да се грижат за него;
- Сместување во “Мајчин дом”-Битола и во Ортопедска клиника за рано откривање на родени аномалии-Скопје или во домот за згрижување и воспитување на деца останати без родителска грижа “11 Октомври”;
- Сместување на деца во други семејства;
- Посвојување.
Децата што остануваат без родителска грижа од своето раѓање, од страна на Старателскиот орган се сместуваат во “Мајчин дом”, каде што се води целосна грижа за нивното чување и психо-физички развиток.
Развитокот на децата постојано го следи Стручниот тим и децата за кои Стручниот тим смета дека психофизичкиот развој се одвива нормално, а доколку не постојат други законски пречки, по нивната тромесечна возраст се згрижуваат со нов облик на заштита-посвојување.
Определен број на деца што се со забавен психо-физички развиток го продолжуваат престојот во домот и нивниот развиток се следи понатаму. Развитокот на децата кои живеат од раѓање во дом, во најголем дел се лишени од индивидуален контакт со возрасни лица и без природно воспитување, што го добиваат децата кои растат во семејство.
Малиот и ограничен простор на креветчето го оневозможува нивниот самостоен развиток. Тие обично заостануваат во психофизичкиот развиток. Во потешки случаи се јавува “Хоспитализам”: Децата слабо се движат, долго лежат, пасивни се, цицаат прст, незаинтересирани се за околината и постојано повторуваат некои движења. Моторниот развиток е забавен, тие не умеат да застанат на сопствените нозе дури и по навршувањето на едногодишна возраст. Емотивно исто така се неразвиени, апатични, ретко се смеат, не умеат да се радуваат на контактот со возрасните, не гугаат и често заостанувањето во развојот на говорет е евидентно.
Поради горенаведените причини, сметаме дека би требало децата по шестиот месец а најдоцна до едногодишна возраст од дом да бидат сместени на грижа и воспитување во друго семејство. Обично тоа се комплетни семејства што имаат свои деца, а кои од различни причини изразуваат желба да прифатат деца останати без родителска грижа на понатамошно згрижување и воспитување, а за тоа добиваат определен материјален надомест.
Секако дека при изборот на вакви семејства Стручниот тим при Центарот почитува определени критериуми кои таквото семејство треба да ги исполни (возраст, образование, поволни станбени и материјални услови, мотиви за чување на деца и сл.).
Детето во семејството има многу поповолни услови за побрз психомоторен, емоционален и социјален развој во споредба со домските услови. Од долгогодишната практика на згрижување на деца во Други семејства може да се забележи дека набргу по сместувањето во семејството, психофизички детето видно напредува (се разбира доколку не се работи за дете со потежок облик на заостанување во развитокот).
Ова секако се должи на индивидуалната стимулација на детето од страна на членовите на семејството и поприродните услови за чување и негување што се најблиски до природното семејство. Поради тоа, во последно време се настојува децата што престојуваат во дом што е можно порано да бидат згрижени во семејство, дури и пред навршување на една година од животот.
Моментално на територијата на град Скопје постојат околу 100 семејства во кои се згрижени околу 180 деца од најразлична возраст. Од овој број, на предучилишна возраст се 38 деца.
Психофизичкиот развиток на овие деца континуирано се следи од Стручниот тим при Центарот, како и од повремени контроли и испитувања од Заводот за ментално здравје. Притоа е утврдено дека од вкупниот број на предучилишни деца (38), 17 деца што се згрижени во други семејства заостануваат во психофизичкиот развиток.
Веднаш да нагласиме дека доколку се утврди дека кај некои деца постои потешко заостанување во психофизичкиот развиток, тогаш таквите деца по тригодишна возраст се категоризираат и се сместуваат во Специјалниот завод “Демир Капија”.
Анализирајки ги анамнестичките податоци, како и редовното следење и третман на децата што заостануваат во психофизичкиот развиток, се дојде до сознание дека од вкупно 17 деца што се на предучилишна возраст, 11 деца се останати без родителска грижа уште од раѓањето и тие биле згрижени во “Мајчин дом”. По едногодишна возраст, а некои и подоцна биле згрижени во Други семејства. Другите 6 деца во почетокот (од своето раѓање) живееле во своето природно семејство, а подоцна поради најразлични причини родителите се откажале од нив (главно поради лошите материјални и станбени услови, болест на родителите и сл.), така што и овие деца биле сместени во Други семејства.
Притоа е дојдено до заклучок дека децата кои од своето раѓање биле згрижени во “Мајчин дом” заостанувале во психофизичкиот развиток. Имено, повеќето од нив не биле во состојба да одат, немале стекнато културно-хигиенски навики, а говорот им бил недоволно развиен и сл. Но по извесен период поминат во овие семејства кај децата се забележува виден напредок во нивниот целокупен развој, (психомоторен, емоционален и социјален).
Стручниот тим при Центарот врши чести посети на ваквите семејства, при што им се даваат инструкции и стручни совети за работа со овие деца. За подобра стимулација и социјализација на децата се настојува во едно семејство каде што престојува дете со заостанување во психофизичкиот развиток, да бидат згрижени и деца со нормален психофизички развиток. Исто така, еден дел од овие деца се вклучуваат во предучилишни установи, со цел нивните здрави потенцијали да се развијат уште повеќе.
Од страна на Центарот за социјална работа се прават напори што повеќе вакви деца да бидат вклучени во предучилишните установи што ке придонесе за нивна целокупна социјализација.
Поради горенаведеното, произлегува потребата од уште поголема соработка помеѓу Центарот и предучилишните установи, а се со цел да се укаже на неопходноста од прифаќање на овие деца во предучилишни установи.
Често пати во секојдневната работа се наидува на тешкотии во згрижувањето на децата со забавен психофизички развиток. Семејствата што чуваат деца се повеќе заинтересирани да прифатат деца кои нормално се развиваат. Ова се должи, пред сî, на фактор што децата кои заостануваат во развојот бараат многу поголемо ангажирање од страна на членовите на семејството, а од друга страна материјалниот надомест што го добиваат е мал и е изедначен со надоместот за чување нормално развиено дете.
Се надеваме дека состојбата со избор на други семејства, битно ќе се подобри со усвојувањето на новиот Закон за социјална заштита со кој се предвидува доколку семејството чува три и повеќе деца, се третира како засновање на работен однос на еден член на семејството (најчесто жената). При тоа уште повеке ќе се води сметка за станбено-материјалната положба, социо-културното и образовното ниво на членовите на семејството, како и мотивите за чување на деца.
Исто така се предвидува избраните семејства претходно да поминат низ едукативно индивидуална и групна работа од страна на Стручниот тим при Центарот, со цел да добијат информации и се оспособуваат да им даваат што подобра грижа и воспитување на децата, посебно на оние деца кои заостануваат во психофизичкиот развиток.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE