JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 18950
Климентие МАТОСКИ
ДО ОСУМ ГОДИШНА ВОЗРАСТ
“ По детето се познава човекот-
како по утрото денот ”
Од настанувањето на светот до нашево денес и до сите иднини, сé живо е во постојана-непрекинлива битка за продолжување на видот и подобрување на квалитетот на живеењето и постоењето.
Цел на овој труд и трајна стручна определба е да се направи скромен, макар и најмал придонес во таа сеопшта битка. Ако како резултат на тие и сите такви заложби се успее и навистина да му се подобри квалитетот на живеењето, макар на само едно дете, значи се постигнала саканата цел. Се постигнала најблагородната цел кон која се стреми сета природа.
А тие, децата, иднината на планетава, се сé што имаме, сé што сакаме. Тие се длабоко во нас. Тие се цел на нашето постоење. Со своето доаѓање на свет, тие донесуваат нов, највозвишен квалитет на нашето постоење.
Од искона за навек, само така!
Затоа сакам, сосема накусо да прераскажам дел од она што беше и е преокупација на мојот неспокој еве веќе две децении; сакам да прераскажам зошто со голема љубов и многу вдахновеност го следам севкупното растење и развивање на повеќе од 20.000 деца. Многу од нив видов како се раѓаат-моите раце беа првите што ги прифатиле при нивното доаѓање на свет. Ги гледав и ги следев како се дојат, како добиваат први запчиња, ги придржував кога проодуваа, ги превивав кога се удриле, ги лекував кога беа болни...
Некои на мене ја испробуваа силата на тупаницата, некои гледаа како реагирам кога ме помочале. Некои го следеа изразот на моето лице кога ми испуцаја “мрсна пцост”. Сепак, на многумина од нив, конечно им напишав потврда дека се подготвени да станат ученици-првачиња.
На сите им искажувам должна благодарност бидејќи секогаш, сите, само ме усреќуваа. А среќата моја е вистинска и најголема ако е споделена со децата и со нивните родители и ако по неколкугодишното другарување што трае од раѓањето до поаѓање на училиште, сите, ама токму сите добија убава потврда што им овозможува да станат весели, здрави и успешни првачиња. А оттогаш, веќе ги преземаат грижите за понатамошното следење на растот и развојот, моите колеги-училишните педијатри.
Нашиот народен мудрец рекол: “Подобро спречи отколку да лечиш“, или, “Само зелено-младо гранче може да се свива и исправа!”
Затоа, следењето на растот и развојот на децата мора да започне со самото зачнување и да трае до целосното созревање-адолесценцијата. Треба да трае, да биде целосно, континуирано и мултидисциплинарно. А денес, нашите можности за рана детекција, а со тоа и навремено соодветно евентуално интервенирање, навистина се мошне големи. Дијапазонот на состојбите кои ако се откријат навреме, можат да бидат значително отстранети или барем ублажени последиците, навистина е голем.
Во таа смисла, систематското лонгитудинално, редовно и долготрајно следење на растот и развојот на секое дете во условите што ги овозможува детското советувалиште, е она вистинското, неопходното. Секако, тоа треба и мора да претставува вистински континуитет што ќе значи продолжение на следењето на интраутериниот развој на плодот, а подготовка за понатамошно следење во училишните диспанзери.
И еве. Какво прекрасно доживување. Во моето советувалиште доаѓаат две волшебно убави суштества. Мајка, за чие раѓање припомагав лично, следев како расте и се развива, сега доаѓа со свое чедо во прегратките. А рекол мудрецот: “Мајка која дои, во своите прегратки држи цел еден свет”. Тој пак чудесен мал свет, толку мал и беспомошен, а толку голем и бесконечен за да може истовремено толку нежен и зависен од својата мајка, да опстане и опстанува само благодарејќи на неизмерно големото и незаменливо мајчино срце. Тоа срце бие со ритамот на срцето на нејзиното чедо-нејзиниот пород. За ништо на светот мајката не стравува и не бдее толку будно како што без здив трепери за здравјето и животот, за среќата и радоста на својот мал-огромен свет, свет кого што цврсто и храбро, несебично и со саможртва од секаков вид, го држи во својата топла, мека и безбедна прегратка. Го држи цврсто и сигурно, го штити и чува и со сета мајчинска љубов му се дава себеси, му ја дава сета љубов и нежност на овој свет, преточена во нејзините дојки и нејзиното млеко-еликсирот толку неопходен за животот на ова чедо. А тоа пак, слатко и лакомо сосема безгрижно и безбедно, со сласт својствена само нему, само на доенчето, го голта тоа прекрасно, топло и здраво мајчино млеко.
И тече така млекото, чиниш директно од издашното,
широко мајчино срце!
Но, има врагови, има трауми, има семејни и лични трагедии... Бдеат безброј опасности, несреќи, болести, катастрофи. Впрочем, овие прекрасни суштества го минуваат својот највулнерабилен период. Демнат многу болести, многу состојби-демнат за да можат во секој миг, а и навистина можат да ја претворат оваа бескрајна среќа во вистинска катастрофа.
Сепак, тука некаде, во непосредна близина на овие два прекрасни света, на овие највозвишени човечки суштества-мајката и нејзиното чедо-доенчето, во ВЕЧНА приправност и секогаш подготвен да помогне, да ги одврати лошите “врагови”, стои педијатарот. Стои тој така низ деновите и ноќите, низ месеците и годините, докторот кој целиот свој ум и знаење, ги вградил во светот на мајчините желби и трепети, за да тоа мало и беспомошно човечко суштество што го исполнува животот на мајката и ја прави смислата на нејзиното постоење, да порасне и утре и самото да биде зачетник на нов живот.
Еве, со неколку зборови и за методот на работа во нашето Советувалиште за нашата борба и придонес кон оваа света цел:
- Анкетирање;
- Физикален преглед по системи, со посебен осврт на невролошкиот статус;
- Антропометриски мерења;
- Лабораториски иследувања;
- ЕХО-графски иследувања;
- Радиолошки иследувања;
- Коскена дензиметрија;
- Други специјалистички и супспецијалистички консултации;
- Електронска обработка на податоците;
- Статистичка обработка на параметрите.
План и изведување на работата
- Неделно прибирање и средување на податоците од матичната и патронажната-акушерската служба;
- Подготовка и испраќање на специјални покани;
- Внесување на податоците од прегледот и анкетата во специјални компјутерски анкетни листи;
- Прегледите се изведуваат еднаш месечно, секој месец до дванаесеттиот месец, а потоа еднаш на три односно шест месеци, на секое дете и тоа на датумот на раѓањето (толеранција 48 часа). На тој начин, близу сме до можноста
- рано и навремено да откриваме голем број состојби-опасности што го демнат кревкиот детски живот-опасности што демнат секогаш готови, неизмерната среќа и радост на родителите, веселата детска насмевка и непречениот раст, да го претворат во пекол. Оваа наша можност денес е уште поголема, со оглед на “FEED BACK” спрегата со колегите акушери кои се грижат за периодот од зачнувањето, преку бременоста до раѓањето на чедото.
Наш материјал
Податоци за повеќе од 15.000 деца, податоци од повеќе од 100.000 прегледи, целосно електронски обработени и исповрзани во меѓусебни корелативности што овозможуваат огромен број можности со оглед на фактот што над 70 параметри се ставени во меѓузависност, секој со сите и сите меѓусебе. Студијата е лонгитудинална и проспективна. Поголем број од децата (повозрасните) имаат остварено и повеќе од 30 последователни прегледи. Со оглед да првиот преглед-редовен, се врши точно еден месец по раѓањето, а притоа се има целосен увид во состојбата при раѓањето (во деталното родилно картонче), со сите релевантни податоци, можноста да се имаат предвид сите или многуте ризици, ни е секогаш при рака.
Децата пак родени од ризична бременост или родени со ризик или каква и да било патолошка состојба, пак во нашето советувалиште, водени од истиот лекар-неонатологот, подлежат на посебен третман. Тие, според индикацијата, се повикуваат значително порано пред наполнување на возраст од еден месец. За нив се преземаат соодветни дијагностичко-терапевтски процедури, кај нас или во установа од повисок ранг.
Така, со време, работејќи вака, нашето советувалиште стана вистинско собиралиште на оние кои сакаат изворно да слушнат сé за напредувањето на нивното дете. А се знае, педијатриска екипа е навистина тоа, само ако во тимот на акушерот и педијатарот, бидат вклучени и други, честопати неизбежно потребни стручњаци од типот на различни супспецијалности, психолози, дефектолози, офталмолози, педагози и уште многу други. И секако-и најважно-родители и деца. А во нив, во сите баби и дедовци, тетки, стрини, вујни и други, ние имаме мошне благороден материјал, стрпливи слушатели на нашите совети. Така се случи најефикасно двонасочно-повеќенасочно-здравствено просветување-од нас за родителите и роднините, а богами честопати и обратно.
Еве шематски приказ на сите оние податоци што се бараат и внесуваат при секоја посета на детето во советувалиштето, во специјалните компјутерски листи. Банката на податоци, во голем електронски центар, овозможува брзо и ефикасно предупредување за секоја пожелна или евентуално непожелна состојба како во определена, така и во целата статистичка маса. Исто така и за секој случај по име и презиме за секое дете.
Анкетата содржи:
- Генералии со компјутерски матичен број, име, презиме и адреса;
- Датум на раѓање;
- Датум и редослед на преглед;
- Пол и возраст;
- Податоци за мајката-возраст, образование, вработеност, редослед на бременоста и раѓањето, абортуси, крвна група и крвна слика и др.;
- Акушерска историја со евентуални ризици;
- Податоци сврзани со раѓањето-редослед и место, начин, евентуални интервенции, близначност и други ризици по детето, зрелост, доносеност, телесна маса, должина, обеми и др.;
- Евентуални состојби од парталниот, постпарталниот и неонаталниот период;
- Податоци од статуропондералниот раст и развој;
- Антропометриски податоци;
- Исхрана и напредување-растење;
- Преглед по системи и статус праезентс, посебно невролошки преглед и процена на менталната зрелост;
- Лабораториска анализа, крвен притисок по втората година;
- Вакцинален статус;
- Други податоци.
Меѓусебната поврзаност на сиве податоци во електронската обработка овозможува вонредно брзо, точно и прецизно добивање на огромен број релевантни извештаи, а со тоа-рана детекција на сите евентуално откриени хендикепи, заболувања, состојби и опасности по здравјето и животот на децата.
А ТИЕ (ДЕЦАТА) СЕ СE ШТО ИМАМЕ, СE ШТО САКАМЕ, НАШЕТО ДЕНЕС И УТРЕ-НЕЛИ?!
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE