Верица ПЕТРОВА, Ристо ПЕТРОВ

 

ВКЛУЧЕНОСТА  ВО ПРЕДУЧИЛИШНИТЕ УСТАНОВИ-ПРЕДУСЛОВ ЗА УСПЕШНО ОБРАЗОВАНИЕ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ДЕЦАТА
СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ

                                                                               

 

Да се сака човекот заради неговите добри особини, не е никаква веш­тина. Но, ние мораме да го сакаме и покрај неговите недостатоци
Гете

                Денес во светот е општо прифатено гледиштето дека со третманот на децата со пречки во развојот треба да се започне на што помала возраст, всушност од моментот кога ќе се констатираат определени пречки во развојот.
Со стручниот третман, поставен на научни сознанија, и во прак­ти­ка­та потврдени, треба да се активираат постојните, преостанатите способнос­ти кај детето и само на овој начин кај него можат да бидат коригирани многу недостатоци во периодот пред поаѓање на училиште, со што се обезбедува посигурна основа во совладувањето на воспитно-образовната програма. Ова треба да се има предвид за сите видови и степени на попреченост во развојот.
Прв педагошки предуслов за успешен развој на лесно ментално ретар­дираните деца е смисленото, организираното предучилишно воспита­ние. Воспитно образовната интеграција треба да започне многу рано, во пред­училишната возраст на детето. Треба да се инсистира кон промени во организацијата на предучилишните установи, во смисла на нивна што поголема хуманизација и прифаќање на децата со пречки во развојот, меѓу кои најзастапени се децата со лесни пречки во психичкиот развој.
Организираното предучилишно воспитание на лесно ментално ре­тар­ди­раните деца е во корелација со развојот на предучилишното воспита­ние воопшто. Поради доста тешката идентификација на лесно ментално ретар­дираните деца во предучилишната возраст, стручно е оправдан ставот овие деца да бидат опфатени во интегралното предучилишно вос­питание.
Меѓутоа, како да се постигне тоа кога се знае дека во Македонија со организирано предучилишно воспитание е опфатен  мал број на деца. Затоа, сметаме дека е нужно, за правилен развој на детето, да се овозможи сите де­ца од предучилишна возраст да бидат опфатени со општествено органи­зи­ран облик на предучилишно воспитание, посебно во годината пред поаѓа­ње во основно училиште, а за децата со пречки во развојот најмалку две години пред да се вклучат во основното образование.
Полна поддршка и помош на установите за предучилишно воспи­тание треба да им дадат здравствените организации (овде, пред сî, мисли­ме на развојните советувалишта) и социјалните служби при откривањето на децата со пречки во развојот. Врз основа на нивните известувања, уста­но­вите за предучилишно воспитание треба да ги прифатат овие деца и секако, да им обезбедат соодветен стручен третман.
При реализацијата на програмата за предучилишно воспитание во работата со децата со пречки во развојот, посебно со децата со лесни преч­ки во развојот, треба да се инсистира на следните вежби:

Вежби за реедукација на психомоториката

Примената на вежби за реедукација на психомоториката, во смисла на стимулација на психомоториката, кај овие деца треба да започне уште по првиот систематски преглед од страна на педијатрите, доколку се опфате­ни децата во детски јасли и во предучилишните установи.
Во првите три-четири години вежбите за реедукација на психомото­ри­ката би требало да се состојат во тоа со детето да се увежбуваат оние моторни активности што се појавуваат спонтано во текот на развојот. Овде пред сî мислиме на вежби за подигање на главата и за седење, за стоење и одење, посегнување по предмети, па сî до вежби за стимулација на говорот. Овие моторни активности раѓаат задоволство и чувство на насоченост кон околината, што претставува основна мотивација на децата за извршување на предвидените вежби за реедукација или стимулација на развојот на личноста на детето.

Развој на говорот

                Говорот на децата со лесни пречки во развојот се карактеризира со евидентен застој во однос на интелектуално просечните врсници. Нивниот јазик е во согласност со нивната намалена ментална зрелост. Тоа се мани­фестира во послаба артикулација и квалитет на говорот, сиромашен и неис­пра­вен речник, со аграматизам, сигматизам и асигматизам. Кај одделни деца се манифестни тешки говорни пречки, поради што им е неопходен системат­ски логопедски третман.
Говорот сам по себе не се поправа, затоа примарна задача на де­фек­­тологот-воспитувач во предучилишната установа, по идентифика­цијата на таквото дете треба да биде реализација на вежби, при што ќе настојува да придонесе во ублажувањето на говорните и гласовните недостатоци. Со систематска работа на развивање на јасна артикулација се проширува и фондот на активниот детски речник при што му помага во неговото сло­бод­но и јасно комуницирање со говорот.
Поради сиромаштво од идеи и оскуден речник на детето, дефекто­логот од самиот почеток треба систематски да работи на развивање на функционалниот речник. Прва етапа во тој процес е препознавање нови зборови со помош на одделни средства и помагала и дидактички материјал и нивно именување. Тоа се постигнува низ игра, при што, се настојува секоја играчка и секој предмет околу детето да се именува, т.е. треба да биде придружен со адекватен збор. Кога ќе се усвојат поединечните зборови се поминува на втората фаза, а тоа е употреба на ново-научените зборови во составување на кратки, но јасни реченици.
Треба да се нагласи уште дека со исправањето на детскиот говор се започнува од првиот ден на организираниот предучилишен третман, при што се постигнува солидна основа за успешно комуницирање на детето на почетокот на основното образование.

Вежби за развој на сензомоториката
Паралелно со развојот на говорот, притоа користејќи ја потребата за игра и активност, дефектологот воспитувач посебно внимание треба да му обрати на развојот на сензорните и моторните способности кај детето со пречки во развојот.
Посебно внимание треба да му се посвети на развојот на способнос­та за визуелна перцепција. Токму на полето на визуелната перцепција, според истражувањата на многу автори, ментално ретардираното дете по­ка­жува заостанување во споредба со неговите врсници. Неговите перцеп­ции се сиромашни, површни и неразвиени.
Марија Монтесори, и други бројни автори по неа, конструирале ди­дак­тички материјали за развивање на визуелната дискриминација, односно на способноста за успешно воочување на разликите помеѓу формите и предметите, како нужна претпоставка за натамошно совладување на чита­ње­то и пишувањето. Значи, уште на предучилишната возраст ментално ретар­ди­ра­ното дете мора со бројни вежби за визуелна дискриминација да биде подготвено за почетно читање и пишување.
За време на целокупниот предучилишен третман, мошне е важно да се реализираат и вежби за развој на грубата и фината моторика на прстите, што се постигнува со примена на следните вежби: туткање, кинење, пре­виткување и сечење на хартија, лепење на разнобојни хартии и слично, со месење или моделирање со глина, пластелин, вежби за откопчување и закопчување на копчиња, одвртување и завртување на завртки, нижење на куглички на жица, провлекување на врвци и врзување на обувки.

Вежби за развој на интелектуалните способности

                Целокупната програма за работа во предучилишните установи во сите подрачја: физичко и здравствено воспитување, запознавање на блис­ка­та и подалечната околина, на мајчиниот јазик, на ликовното и музичкото изразу­ва­ње, има за задача да ги развива интелектуалните способности кај предучилишните деца.
Имајќи во предвид дека кај лесно ментално ретардираното дете ин­те­­­лек­туалните способности се недоволно развиени, должност на дефек­то­логот-воспитувач е да ги систематизира и индивидуално да работи на нив­ни­от развој. Со ова, пред сî, мислиме на вежбите за развој на внима­нието користејќи интересни игри и други активности блиски на детето, ка­ко што е опишувањето на сликовници, слики, дијафилмови, дет­ски филмови...

Вежби за емотивна и социјална зрелост
Кај детето треба да се развива способноста за контрола на соп­стве­ните чувства. Работата во предучилишните установи треба да придонесе за емотивна стабилност на секое дете. Овде пресудна улога треба да одигра дефектологот-воспитувач со својот правилен однос кон децата и кон секој­дневните обврски во установата. Детето треба постојано да се навикнува на воздржување од агресивни реакции во однос на играчките, предметите во околината, другите деца, како и кон возрасните.
Врз основа на сî што е досега речено во однос на потребата од предучилишно воспитание на децата со пречки во развојот, а посебно на мен­тално ретардираните деца, можеме да заклучиме дека во раната воз­раст кај детето треба да се коригираат и развиваат неговите физички, емо­тив­ни, социјални и говорни способности, за да го подготвиме и така подготвено, стабилизирано, да го вклучиме во системот на основното воспи­та­ние и образование. Значи, навременото и перманентно предучи­лиш­но вос­пи­тание на децата со пречки во развојот е најважна и најадекватна под­го­тов­ка за нивното успешно вклучување во основното воспитание и образова­ние, како и работно оспособување.

ЛИТЕРАТУРА

1.

Ајдински Љупчо, Методика на ран третман и предучилишно воспитание на децата со пречки во развојот, Скопје, 1996.

2.

Бојанин Светомир, Неуропсихологија развојног доба и општ реедукативни метод, Београд, 1985.

3.

Реформа одгоја и образованја дјеце с тешкоќама у развоју, Савез друштава дефектолога Хрватске, Загреб, 1985.

4.

Соколовски Живко, Третман метално ретардиране деце предшколског узраста, Београд, 1995.

 

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in