JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5307
Јасминка КОЧАНКОВСКА
ПРОБЛЕМСКИТЕ РАЗВОЈНИ ПОДРАЧЈА КАЈ ИНСТИТУЦИОНАЛНО
ЗГРИЖЕНИТЕ ДЕЦА ВО НАЈРАНАТА ВОЗРАСТ
Синдромот на хоспитализам е еден од последиците на институционалното згрижување и подигање на децата. Тој се однесува на карактеристичниот изглед и однесување на емоционално ускратените деца. Основните карактеристики се заостанување во психомоторниот развој, карактеристично однесување-од навидум незаинтересираност за околината до целосна лепливост, подложност на инфекции и нивно бавно надминување, автостимулативни и автоеротски постапки-рокинзи, инфантилни онании, самоповредување итн.
Установата ДОМ ЗА ДОЕНЧИЊА И МАЛИ ДЕЦА во Битола, е установа од социјален тип во која се згрижуваат деца, или попрецизно доенчиња и мали деца што останале без родителска грижа од какви и да било причини (болест или смрт на еден или двата родители, неспособност на родителите да се грижат за детето заради психички растројства и болести, ретардации, инвалидитет и др.), тешка социо-економска состојба, малолетност, вонбрачно раѓање и друго.
Законската одредба јасно укажува дека ниедно дете не може да се посвои доколку не навршило три месеци календарска возраст. Тоа значи дека (не секогаш но често) доенчињата престојуваат во оваа Установа заради нивно интензивно следење на физичката, на здравствената состојба и на психомоторниот развој. Со тоа им се овозможува на посвоителите да посвојат здраво дете, а наедно и се овозможува на биолошката мајка колку-толку емоционално да се стабилизира за да може подготвено да донесе одлука-дали детето ќе го подига таа или ќе го даде на посвојување.
Доенчињата од страна на психологот беа пратени скоро секој ден а со наполнувањето на еден, два и три месеци календарска возраст-беа правени тестирања, испитувања за утврдување на степенот на достигната психомоторна зрелост и утврдување на темпото на развој.
Работејќи, кај мене сî поактуелна стануваше дилемата-дали за период од три месеци, што е релативно краток, е можна појава на знаци на хоспитализам, со манифестни промени во психомоторниот развој. Искуството како да не наведуваше на потврден одговор на оваа дилема. Всушност ова испитување имаше за цел да даде одговор на оваа дилема. Основната работна хипотеза беше поставена како нулта хипотеза: Тримесечниот престој на доенчињата во Установата не влијае врз нивниот психомоторен развој изразен преку вредностите на развојните коефициенти. Вредностите на развојните коефициенти на психомоторен развој на еден, два и три месеци се еднакви т.е. не се разликуваат значајно меѓу себе.
Испитувањето ги опфати сите доенчиња кои престојуваа во Установата (за двегодишен период), а кои беа сместени пред да наполнат еден месец календарска возраст. Доенчињата обично се сместуваат само неколку дена по породувањето-по испишувањето од болница. Беа опфатени 103 доенчиња на календарска возраст од еден месец, 120 на календарска возраст од два месеца и 123 на календарска возраст од три месеци.
Испитувањето на психомоторната зрелост беше вршено со РАЗВОЈНИОТ ТЕСТ ЧУТУРИЌ. Со него покрај сознанието за општиот-целокупниот развој изразен преку вредност на развоен коефициент со можност за категоризација или квалификација како забавен, граничен, нормален, побрз и значајно забрзан (акцелериран)-тестот исто така дава можност за утврдување на развојот во три области МОТОРИКА, ОКУЛОМОТОРИКА И СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА, исто така со можност за нивно категоризирање во петте погоре наведени категории. Со тоа беше можно да се тестираат и трите помошни хипотези:
- Вредностите на развојните коефициенти во областа на моториката на еден, два и три месеци календарска возраст се еднакви, т.е. не се разликуваат значајно меѓу себе,
- Вредностите на развојните коефициенти во областа на окуломоториката на еден, два и три месеци календарска возраст се еднакви и не се разликуваат значајно меѓу себе и
- Вредностите на развојните коефициенти во областа на социјализацијата на еден, два и три месеци календарска возраст се еднакви и не се разликуваат значајно меѓу себе.
При секое испитување на едно дете за една календарска возраст се добивани по четири развојни коефициенти: Коефициент на општиот психомоторен развој, Коефициент на развој на моториката, Коефициент на развој на окуломоториката и Коефициент на развој на социјализацијата. Вкупно дванаесет за трите месеци. Добиените коефициенти беа “сместувани” во соодветни развојни категории. Вредност на коефициентот еднаков или помал од 59 во категоријата на ЗАБАВЕН развој; од 60-79 ГРАНИЧЕН развој; од 80-119 НОРМАЛЕН развој; од 120-139 ПОБРЗ развој и над 140-ЗНАЧАЈНО ЗАБРЗАН развој.
Добиените резултати беа статистички обработени-за секоја старосна категорија, за секоја област во таа старосна категорија и компарирани помеѓу себе. Користени беа “хи квадрат тестот”, значајноста на разлики на аритметички средини и значајност на разлики на проценти.
Споредувањето на добиените фреквенции по категории со фреквенциите што се очекуваат врз основа на хипотезата на нормална распределба (крива), за календарска возраст од еден, два и три месеци на општиот психомоторен развој, покажа дека дистрибуциите значајно се разликуваат. Тоа се однесува за сите календарски возрасти, а значајноста е на ниво 0,01. При тоа треба да се нагласи дека постои јасна тенденција на зголемување на разликата помеѓу добиените и очекуваните фреквенции со одминувањето на времето. За тоа всушност “зборуваат” зголемувањата на вредностите на Х-квадратите. (За причините за ваквите отстапувања би можеле само да претпоставуваме. По овој повод би споменале само една-а тоа е дека сите доенчиња кои се сместени во оваа Установа се ризични по еден од критериумите за пренатален ризик-а тоа е вонбрачна или несакана бременост! Имајќи го во вид само овој фактор, оваа популација веќе значајно се разликува од условно би ја нарекле “обичната” популација на доенчиња.) Нашата добиена распределба или крива не бевме во можност да ја споредуваме со некоја друга крива добиена од поголем примерок на доенчиња пратени на пример, во некое матично развојно советувалиште, како што погоре условно ја нарековме “обична” популација. Не знаеме дали такво испитување воопшто е направено, а доколку е, податоците во овој момент нам ни се недостапни.
Од графичкото прикажување на општиот психомоторен развој за трите месеци (види графикон), може да се види дека пологоните на втори и трети месец имаат тенденција на “одење”, поместување во лево. Тоа значи дека со одминувањето на времето се намалува бројот на децата со повисоки развојни коефициенти, а се зголемува бројот на оние со просечни, т.е. со послаби развојни коефициенти. “Преведено” преку развојната динамика тоа значи континуирано забавување, забавување на развојната динамика. Од графиконот исто така се гледа дека таквата појава е најизразена меѓу првиот и вториот месец т.е. меѓу првиот и третиот месец.
За да се утврди дали ваквата појава е статистички значајна, се тестираше значајност на разлики помеѓу аритметичките средини помеѓу први и втори, помеѓу први и трети месец и помеѓу втори и трети месец. Добиените резултати зборуваат дека таквите разлики ги надминуваат критичните вредности, според што добиените разлики не се случајни, тие се должат на некој фактор, и се значајни. При тоа мора да прецизираме дека статистички значајна е разликата помеѓу први и втори месец и помеѓу први и трети месец и тоа на ниво 0,01. Разликата пак, помеѓу аритметичките средини помеѓу втори и трети месец не е статистички значајна. Ваквите резултати покажуваат дека опаѓањето на вредностите на развојните коефициенти помеѓу првиот и вториот месец е поголемо, нагло и значајно, а подоцна опаѓањето е помало, но тенденцијата на намалување на вредностите на развојните коефициенти е континуирано присутна т.е. карактеристична појава.
Со погореизнесеното поставената нулта хипотеза се отфрла и се констатира дека тримесечниот престој на доенчињата во Установата влијае и тоа негативно врз динамиката на психомоторниот развој во смисла на неговото забавување, изразено преку намалувањето на вредностите на развојните коефициенти, т.е. преку поместување, претворање на подобрите развојни коефициенти во просечни, а оттука на нивно поместување кон послаби-кон категоријата на граничен психомоторен развој.
Покрај анализата на општите развојни коефициенти беше анализиран и развојот во сите три области поединечно-развојот во областа на моториката, развојот во областа на окуломоториката и развојот во областа на социјализацијата. Добиените резултати накратко би ги коментирале. Ниедна од овие области за период од три месеци не е распределена, застапена по хипотезата на нормална крива-претпоставувајќи дека тие параметри се нормално дистрибуирани. Добиените фреквенции по категории значајно се разликуват од очекуваните фреквенции. Добиените Х-квадрати се поголеми од критичните вредности и се значајни на ниво 0,01.
|
Податоците и анализата на развојната динамика по области упатува на сознанието дека за време на тримесечниот престој во Установата најпогоден е развојот во областа на моториката. Опаѓањето на вредностите на развојните коефициенти за оваа област секој месец се присутни, големи и статистички значајни. Тоа се покажа од анализата на разликата на аритметичките средини пресметани за сите три месеци. На следниот график е прикажан развојот на моториката хронолошки, со процентуалната застапеност, а во табелата се покажани нивоата на значајност по календарски возрасти.
Тенденцијата на опаѓање на развојните коефициенти во областа на окуломоториката не е толку драстична и нагла, но сепак е присутна и значајна на ниво 0.01 помеѓу први и втори месец. Тоа може да се види на следниот график.
|
Во областа на социјализацијата се забележува подобрување во вредностите на развојните коефициенти, т.е. унапредување на развојната динамика, што е карактеристично и значајно од месец во месец. На следниот графикон тоа може полесно да се види.
Ваквите тенденции и промени во развојните динамики добиени за развојот по области (во моториката континуирано забавување, во окуломоториката-делумно, а во социјализацијата-унапредување) би можело да се смета и како зачеток на една појава што се нарекува развојна дисхармонија. Но сепак, периодот од три месеци е прекраток за да можеме со сигурност да констатираме таква појава.
Со добиените резултати и сознанија всушност се отфрлаат трите помошни хипотези и се констатира дека развојот во областа на моториката, окуломоториката и социјализацијата во определени категории од месец во месец се менува, а тие промени најчесто не се мали и случајни, туку се значајни и се должат на еден или повеќе фактори. Откривањето на факторите што ги условуваат ваквите промени во развојот-нивниот број, јачината на влијанието итн., би можело да биде тема на некое наредно испитување. Размислувајќи, овде би можеле само да нафрлиме некои од нив што би можеле да се тестираат: присуството на пренатални, интранатални, постнатални или генетски ризици, времетраењето на променета здравствена состојба (операционализирана преку бројот на денови со терапија), телесното, физичкото напредување, полот, времето на престој, стимулацијата итн.
На крајот би можеле да заклучиме дека со ова испитување се покажа дека тримесечниот престој и развој во Установата влијае и тоа претежно регресивно врз психомоторниот развој. Причините за таквата појава сигурно се бројни и со различно значење. Но, она што уште еднаш се наметнува е фактот дека доенчето не е во состојба, не е во можност-на оваа возраст-само да ги изградува и актуелизира своите вродени, донесени развојни потенцијали, што наедно и ја нагласува одговорноста на возрасните да бидат активни фактори што ќе го олеснат и овозможат тој донесен потенцијал да не се загубува или намалува, туку да се задржи, да се развие и актуелизира. Во спротивно “ќе се случува” појава или зачеток на хоспитализам и за период од три месеци престој и развој во установа изразен преку промени на развојната динамика и преку зачеток на појава на развојна дисхармонија. Според тоа, потребата од промени-во организација, кадар, обука и др. или на глобално ниво-во промени во типот на згрижување, должина на престој и др. се наметнуваат како теми за размислување и дејствување на оние кои имаат моќ, совест и одговорност пред децата и пред себе.
ЛИТЕРАТУРА
- Развојни тест Чутурић, Љествица психичког развоја мале деце, Приручник.
- Рене Зазо, Порекло човекове осе¢ајности, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1982.
- Ксенија Кондић, Тамара Поповић, Приручник за вежбе из психопатологије детињства и младости, Савез друштава психолога СР Србије, Београд, 1981.
- Светомир Бојанин, Неуропсихологија развојног доба и општи реедукативни метод., Београд, 1979.
- Никола Софијанов, Заболување на нервниот систем во детската возраст, Македонска книга, Скопје, 1985.
- Томе Николоски, Основи на статистиката во психологијата, Скопје, 1982
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE