JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 1592
Билјана ФУНА
“Физички-тој не може, со разумот-тој не знае, психички-тој не сака. Тој и би можел, и би знаел само кога би сакал; но сета невоља се состои во тоа што тој, пред сè, не сака”
СЕГЕН
Разни причини доведуваат до определени последици по човековата состојба, неговиот статус, улогата и местото во општеството. Болестите, физичките оштетувања, наследните и социјалните фактори причинуваат и условуваат состојби што се движат од лесни оштетувања до целосна неспособност на човекот.
Денес, врз основа на голем број извештаи, студии, статистички истражувања, како и резултатите добиени од истражувачките проекти се цени дека 7-8% од општата популација на хендикепирани деца имаат потреба од рехабилитациони мерки.
Истражувањата во нашата средина, кога станува збор за распространетоста на лица со ментална ретардација покажува дека таа се движи околу 2.5%. За среќа, меѓу нив најголем е бројот на оние со лесна ментална ретардација.
Детекцијата на ретардираните деца претставува првата и мошне важна фаза во процесот на рехабилитацијата, што овозможува индентификација и врз основа на неа преземање на потребните мерки во програмирањето и организирањето на рехабилитациониот процес.
Од правилната детекција, посебно во моментот кога таа се врши, зависи успехот на работата во сите натамошни фази. Тоа посебно доаѓа до израз кога се знае дека етиолошките фактори што доведуваат до психосоматски недостатоци често почнуваат да дејствуваат многу рано, уште во детската возраст. Оттука треба да се истакне важноста на раното откривање како и причините што довеле до недостаток, за да можат оптимално да се користат процесите на психофизичкиот развој на детето во времето кога се најинтезивни, посебно кога овие деца се запишале во редовното училиште.
Во развојот на созревањето на детето постои, како што знаеме, биолошка и психофизичка законитост. Тоа значи дека развојот на детето не трпи чекање. Заради тоа дијагностиката и рехабилитацијата треба да се вршат кога за тоа постојат оптимални најсоодветни услови. За да не дојде до последици, детето треба навреме комплетно дијагностички да се обработи. Со дијагностиката се утврдува состојбата, обликот и степенот на попреченоста како и причините, последиците и можностите за целосна или делумна рехабилитација, мерките и третманот, времето, местото, формите и методите на рехабилитационо-корективниот третман.
Раната рехабилитација и третманот ги вклучуваат сите можни и потребни мерки за отстранување или сведување на минимум на психофизичката состојба на детето до степен што ќе овозможи во максимална мера враќање на изгубените или ограничени функции. Со тоа на детето би му се овозможило позабрзан психофизички развој и вклучување во средината. Се смета дека периодот до седмата година е период каде постојат сите услови најголем број од децата да се рехабилитираат и да се подготват за едукативен (воспитно-образовен) процес.
И покрај тоа што раниот рехабилитационен третман е еден од најважните периоди во целокупниот третман на ментално ретардираните, состојбата во нашата практика покажува дека во тој период е минимално користен.
Од тоа произлегува дека најчесто третманот на ментално ретардираните деца започнува токму во периодот пред или окулу седмата година кога детето се јавува во предучилишната установа или во основното училиште.
Организираното предучилишно воспитание има значајна улога во развојот на сите деца, а особено на лесно ментално ретардираните. Предучилишното воспитание на децата со пречки во психофизичкиот развој би требало да се одвива заедно со другите деца. Но, факт е дека во овој момент во предучилишните установи опфатени се само деца од урбаните средини, а во таа популација и сосема мал број на деца со пречки во психофизичкиот развој. Заради тоа е потребно во што поскоро време прифаќање на лесно ментално ретардираните деца во предучилишните групи.
Тоа не е ниту лесно, ниту едноставно, но е многу потребно и неопходно. Се разбира, претходно треба да се обезбедат: просторни услови, соодветен кадар и соодветна опсервација дијагностика и третман.
Со концепцијата на основното образование и воспитание за лесно ментално ретардираните деца е обезбеден примерен воспитно-образовен процес во неколку организациски облици:
- во редовни основни училишта, со максимална можна примена на индивидуалниот пристап;
- во специјални паралелки во склопот на основното училиште;
- во посебни специјални училишта.
И во предучилишните установи, а и во првиот наведен облик за прифаќањето на лесно ментално ретардираните деца во редовни училишта за да се оствари целосна и адекватна рехабилитација е потребно, односно неопходно е да се обезбедат услови за нивно воспитание, образование и подготовка за непречено вклучување во општествената заедница. Кога ги спомнувам условите, пред сé, мислам дека во предучилишната установа и основното училиште мора да се обезбеди простор што би ги задоволил сите педагошки, здравствени и хигиенски потреби. Да се набават сите потребни наставни средства и помагала што наполно би ги задоволиле принципот на конкретизација, а бројот на ученици би требало да биде сведен на онаа мера што би овозможила успешно да се оствари принципот на индивидуален пристап. Како клучен момент е присуството на дефектолог, кој покрај непосредната работа со овие деца би имал функција на стручен соработник и координатор на целокупната активност поврзана со хабилитацијата и рехабилитацијата на оваа категорија деца.
Мошне значајно е да се одбележи дека кадарот што е моментално вработен во предучилишните установи и во основните училишта, а тоа се воспитувачите и учителите, не се доволно информирани за широкиот регистар проблеми на децата со пречки во развојот како од здравствен така и од психо-педагошки аспект.
Постојниот кадар како и оние што се подготвуваат во иднина за воспитно-образована дејност немаат предзнаење за работата со лесно ментално ретардирани деца и за пристапот кон нив.
До овие сознанија дојдовме разгледувајќи ја и анализирајќи ја старата програма на Педагошката академија и новата програма на Факултетот за учители и воспитувачи во Битола од што се забележува дека лесно ментално ретардираните деца се споменуваат како категорија што може да се сретне во воспитно образовните установи со краток осврт на некои нивни карактеристики.
Овој голем недостаток сам по себе повлекува и други проблеми што ја докажуваат недоволната подготвеност за интеграција на лесно ментално ретардираните ученици во редовните паралелки.
Практиката потврди дека образовната интеграција на децата со лесна ментална ретардација е составен дел на процесот на осовременување на системот на рехабилитација, но нејзиното остварување е условено со голем број на придружни проблеми и тоа:
- интеграцијата како посебно важна задача на реформата треба да се спроведува претпазливо, да се води сметка за степенот на оштетување, заради што постојат низа прашања што бараат одговор;
- треба да се помисли на опасноста од уништување на постојното, а отсуство на нешто ново-поквалитетно;
- без никаква подготвеност лесно ментално ретардираните деца се вклучуваат во редовните паралелки;
- работата со нив е исклучиво сведена само на воспито-образовниот процес;
- наставата ја изведуваат наставници без дефектолошко образование;
- во редовните училишта не се вработуваат дефектолози како стручни соработници со индентичен статус како училишните педагози и психолози и др.
И покрај сите овие проблеми сé повеќе лесно ментално ретардирани деца се вклучуваат во воспитно-образовниот процес во редовните паралелки при основните училишта.
За таа цел е императивна потребата од воведување во наставната програма на овие факултети настава по основи на дефектологија со што кадрите би добиле основни предзнаења за можноста на вклучување на лесно ментално ретардираните деца во предучилишните установи и редовните основни училишта. Тоа не го исклучува присуството на непосредна дефектолошка помош и соработка.
Содржината, големината и обликот на стручната помош би зависеле од низа околности како на пример: од возраста на детето, неговата целокупна психо-физичка структура и способност, можностите и условите во семејството, претходниот третман, упатеноста, можностите за учество на други соработници во воспитанието и образованието.
Помош на лесно ментално ретардираните деца во воспитанието и образованието можат да дадат и други соработници. Затоа непосредната работа на дефектологот се однесува, во прв ред, на посебни рехабилитациони постапки, односно на оние активности и задачи што не се во состојба да ги извршуваат другите соработници или тоа не можат да го вршат без помош на дефектолог.
ЛИТЕРАТУРА
- Ајдински Љупчо: Интегрална рехабилитација на ментално ретардираните лица, Београд, 1982
- А¢имови¢ Љубомир: Класификација деце и диференцирање наставе и васпитање у помо¢ној школи “Специјална школа”.
- ´орди¢ А., Ајдински Љ., Кора¢ Б., Доришки Њ., Пауљев С.: Дефектолошка теорија и пракса, 1984.
- ´орди¢ А., Бојанин С.: Дефектологија и савремено друштво, Дефектолошка теорија и пракса, 1981.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE