JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5998
Е. СТИКОВА, Љ. ПАНЕВА, Ф. ТОЗИЈА
ОБЕЗБЕДЕНОСТ НА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА НА ДЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА СО ПОСЕБЕН ОСВРТ ВРЗ ИНДИКАТОРИТЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА ВО ПЕРИНАТАЛНИОТ ПЕРИОД
И РАНАТА ДЕТСКА ВОЗРАСТ
Вовед
Здравствената заштита на децата во Република Македонија е организирана согласно со начелата од Алма-Ата, во вид на пирамида со база што задоволува. околу 80 % од здравствените потреби на децата, среден дел кој покрива 15% и врв-терциерна високо специјализирана здравствена заштита што ги задоволува другите 5% од здравствените потреби на децата.
Целта на овој ретроспективен труд е да ја презентира организационата поставеност и кадровската обезбеденост на здравствената заштита на доенчињата и малите деца во Република Македонија во периодот 1987-1995 година, како и нивната функционална активност на сите нивои на здравствениот систем.
Врз основа на некои од здравствените индикатори карактеристични за детската популација, направена е дескриптивна анализа на морбидитетот и морталитетот од определени заболувања што оставаат секвели на психо-физичкиот статус на доенчето и детето, претставувајќи актуелен социјално-медицински проблем за семејството и целата заедница.
Материјал и метод
За изготвувањето на овој труд се користени податоци од:
- амбулантно-поликлиничките извештаи на службата за здравствена заштита на децата од 0 до 6 г. доставени од сите општини и обработени во Републичкиот завод за здравствена заштита-Скопје;
- извештаите за стационарно лекувани лица во Републиката во 1987 г. и во 1995 г. доставени од сите болничко стационарни организации до Републичкиот завод за здравствена заштита-Скопје;
- морталитетната статистика од Заводот за статистика на Република Македонија ;
Применет е дескриптивен епидемиолошки и социјално-медицински метод на работа.
Дискусија и резултати
Здравствената заштита на децата од 0 до 6 г. во Македонија е организирана на сите три нивои: примарна што се спроведува во 18 здравствени домови и 16 медицински центри, преку медицинските единици на село, со вкупно 157 пунктови, во кои работат 315 лекари или 67% од сите лекари во здравствената заштита на децата; секундарна која се спроведува во специјалистичко-консултативните служби и во болничките одделенија на општите болници и центрите за рехабилитација, со ангажирани 98 лекари или 21% од сите лекари и терциерната заштита што се спроведува на Клиниката за детски болести во која работат 56 лекари или 12%.
Целата територија на Републиката е покриена со развиена мрежа на здравствени организации на ниво на примарна здравствена заштита-диспанзери за деца од 0 до 6 г., како резултат на што здравстената заштита им е лесно достапна на нејзините корисници-децата.
Кадровската обезбеденост на примарната здравствена заштита на децата во целиот проследен период е во согласност со предвидените нормативи за кадар за оваа дејност (500-1.000) деца на 1 лекар. Во 1995 г. во оваа дејност работеле 315 лекари од кои 159 специјалисти-педијатри, односно на 1 лекар 860 деца. Бројот на лекарите се зголемува за 9%, а на специјалистите за 66% во однос на 1987 г. Во 157 пункта работат само 4 психолози, односно 3 логопеди.
Во специјалистичко-консултативните служби работат 15 лекари, а во болничките одделенија 83 лекари. Трендот на пораст е евидентен кај лекарите за 27%, односно 31% кај специјалистите.
На терциерно ниво е присутен перзистирачки тренд на бројот на лекарите, меѓутоа во структурата се зголемува бројот на специјалистите.
Во диспанзерите за деца се спроведува куративна и превентивна здравствена заштита на децата и тоа во ординација кај лекар, во советувалиште и преку патронажната служба. Најголем дел од работата на лекарот е куративна со 1.144.181 посети во 1995 г. од кои 70% се први посети или 0.5 повторни посети на 1 прва посета. Учеството на различните возрасни групи во структурата на првите посети е рамномерно. Во 1995 г. во оваа дејност се извршени 55.000 систематски прегледи, 22.761 контролни прегледи, односно 1.7 преглед по 1 доенче.
Превентивната работа во однос на куративната ангажира значително помалку од работното време на лекарот, меѓутоа е во согласност со предвидените активности во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Предвидени се 60.000 систематски прегледи на доенчиња од вкупно 178.000 прегледи на доенчиња во советувалиште или 5 посети по 1 доенче (во третиот, шестиот и деветтиот месец). Планирани се 90.000 посети на деца од 1 до 6 г. во советувалиште или 0.5 посети по 1 дете. Во четвртата година и пред упис се врши систематски преглед на детето.
Во 1995 г. беа извршени 173.404 посети на доенчиња во советувалиште или 5.4 по 1 доенче и 88.191 посети на други деца или 0.4 по 1 дете, со што предвидениот стандард е целосно постигнат. Најголем дел од првите посети на доенчињата во советувалиште беа извршени во првите два месеци, односно во првата половина од годината.
Патронажнате сестри во 1995 г. извршија 52.635 патронажни посети на доенчиња или 1.6 посета по 1 доенче, и 23.242 посети на други деца или 0.1 посета по 1 дете. Ваквата патронажна активност е далеку под предвидените стандарди од 4.0 посети по 1 доенче и 2.0 посети по 1 дете во втората година.
Според официјалните податоци за кадарот што работи во примарната здравствена заштита на децата во Р. Македонија, бројот на психолозите и логопедите е мал (само во неколку општини), поради што и бројот на извршените посети во 1995 г. е мал, 5.859 кај психолог и 4.992 кај логопед.
Во секојдневната работа лекарите и патронажните сестри откриваат заболувања уште во најраната детска возраст, што се предмет на натамошно следење и лекување. Особено е од интерес откривањето на заболувањата што резултираат со психо-физичка хендикепираност кај децата. Прикажан е морбидитетот од некои заболувања во 1987-1995: конгенитална и стекната хипотиреоза, душевна заостанатост, инфантилна и церебрална парализа, глувост и наглувост, Down-ов синдром и др. Забележително е намалувањето на стапките на морбидитет кај скоро сите заболувања, освен кај глувоста и наглувоста кај која се бележи пораст. Конгениталните аномалии се намалени за 46% со стапка на морбидитет од 5.7/1.000 во 1987 г. односно 2.8/1.000 во 1995 г. Структурата според возраст покажува најголемо учество на возрасната група 6-11 м.
Голем дел од овие заболувања се лекуваат хоспитално. Највисок морбидитет е регистриран кај конгениталните аномалии (8/1000), потоа кај одделни заболувања на централниот нервен систем итн.
Значаен здравствен индикатор е доенечката смртност, која има тренд на опаѓање во целиот анализиран период, од 41.9 ‰ во 1987 г. на 22.7 ‰ во 1995 г. Перинаталниот морталитет се намалува од 21.6 ‰ во 1987 г. на 19.6 ‰ во 1995г. а раниот неонатален морталитет од 12.7 ‰ на 10.7 ‰.
Најчеста причина за смрт кај доенчињата во раниот неонатален период се состојбите настанати во перинаталниот период со 285 умрени доенчиња или стапка на морталитет од 8.9 ‰, кои учествуваат со 82.3 % во вкупниот број на умрени доенчиња во првата недела од животот. Конгениталните аномалии учествуваат со 8.4% во вкупниот број умрени доенчиња во неонаталниот период, односно 29 умрени или стапка од 0.9 ‰.
Заклучок
Здравствената заштита на децата од 0 до 6 години со својата организациона поставеност, кадровска обезбеденост и функционална активност, во Република Македонија има клучна улога во превентирањето, раното откривање, навременото и адекватно лекување и рехабилитацијата на заболувањата кај децата уште во најраната возраст, особено на оние заболувања што се причина за каков и да било облик на хендикепираност.
Само со мултидисциплинарен пристап во грижата за децата со пречки во развојот и со интерсекторска соработка е можно да им се подобри состојбата на тие деца, да се постигне нивна успешна рехабилитација и социјализација и да им се овозможи подобар квалитет на животот.
ЛИТЕРАТУРА
- Извештај за здравствената состојба и здравствената заштита на населението во Република Македонија во 1995 г. Републички завод за здравствена заштита-Скопје, 1996.
- Здравствена карта на Република Македонија за 1995 г. Републички завод за здравствена заштита-Скопје, 1996.
- Fanconi-Wallgren. Udzbenik pedijatrije. Medicinska knjiga: Beograd-Zagreb, 1959.
- WHO: World Health Forum. Geneva, 1995.
- UNICEF: Crisis in Mortality, Health and Nutrition. Florence, 1994.
- WHO Screeninig in Primary Health Care. Geneva, 1994.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE