JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6795
Ружица КЕРАМИЧИЕВА
Татјана ТАКАШМАНОВА-СОКОЛОВСКА
СТАВОВИ НА РОДИТЕЛИТЕ СО ЗДРАВИ ДЕЦА КОН
ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ НА ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ
Процесот на интеграцијата на децата со пречки во развојот во редовните предучилишни организации и основното образование не е едноставен, што покажуваат резултатите од разни истражувања во земјите што зад себе имаат искуство веќе две децении од ваквото образование и воспитание. Процесот на интеграцијата изобилува со проблеми, што главно произлегуваат од повеќе или помалку успешно прилагодени наставни планови и програми, меѓутоа и од приемот на тие деца во редовните училишта, од страна на наставниците и врсниците. Американското искуство за интегрирано образование, резимирано во 1988 година (3) е дека интегрираното образование нема да успее ако покрај промените во наставата не дојде и до промени во ставовите на наставниците. Негативните ставови на наставниците кон ваквите ученици во мешани паралелки, влијаат врз адаптацијата на учениците и врз нивните резултати во учењето. Истражувањата покажуваат дека некои наставници се нетрпеливи кон ваквите ученици и не ги охрабруваат при учењето.
Не се помалку важни и ставовите на учениците, врсниците. Некои истражувања покажаа дека на помала возраст полесно се прифаќаат врсниците со пречки во развојот, отколку на поголема возраст. Прифаќањето исто така зависи од видот и степенот на попреченоста на децата.
Интеграцијата на деца со пречки во развојот во предучилишните организации може да создаде и дополнителни проблеми, бидејќи многу се битни и ставовите на родителите со здрави деца кон децата со пречки во развојот.
Од наведените причини проблемот на ова истражување е проверување на ставовите на родителите со здрави деца кон децата со пречки во развојот на предучилишна возраст. Во трудот настојувавме да го откриеме и потеклото (изворот) на ставовите на родителите со здрави деца кон децата со пречки во развојот.
Иако немаме намера да дадеме исцрпна теоретска расправа за тоа што е став, сепак ќе направиме обид што поедноставно да го дефинираме поимот. Би можеле да кажеме дека ставовите се предиспозиции (или ментална готовност) што можат да бидат позитивни или негативни, што предизвикуваат во врска со претходната проценка определени емоции и што наведуваат на активност. Значи, ставовите во себе содржат компонента на мислење (врз која се прави проценката), како и емоционална и мотивациона компонента (3;2).
Ставовите што се усвојуваат без многу мислење се викаат предрасуди (етнички, расни, полови, професионални, возрасни и др.).
Ставовите и предрасудите се вградуваат во личноста на индивидуата по пат на социјализацијата. Извори на социјализацијата се културата и општеството во кое живееме, а посредници на социјализацијата се блиските лица: семејството, градинката, училиштето (и други институции), средствата за масовна комуникација (радио, ТВ), печатот, книгите, учебниците, дури и сликовниците за деца.
Ставовите се мерат со психолошките техники (2). Од повеќето техники во трудот ја користевме Скалата за мерење ставови од Ликертов тип. Таквата скала се состои од повеќе искази, а под секој исказ е понуден одговор. Одговорот е степенуван, како на пример:
- наполно се согласувам,
- делумно се согласувам,
- не можам да се одлучам,
- не се согласувам.
Испитаникот избира степен на своето согласување со исказот (тврдењето) и го заокружува. Степенот на прифаќање или неприфаќање претставува информација за ставот на испитаникот.
За потребите на нашето истражување конструиравме наменска скала за мерење на ставови на родителите со здрави деца кон децата со пречки во развојот на предучилишна возраст. Одбравме 9 активности типични за животот на децата во градинката. Деветте активности ги дадовме во скалата во вид на исказ или афирмативно тврдење и побаравме од секој испитаник да го одбере степенот со кој се согласува со исказот и наедно да го образложи накусо својот избор.
Дополнително понудивме 7 можни извори на ставови и ги замоливме родителите да заокружат најмногу до 3 извори. Под точка 8 родителите можеа да напишат и други можни извори на ставови што не беа наведени во претходно понудените.
Нашиот примерок го сочинуваат родители од 3 градинки во Скопје: “Детска радост”, “Братство-единство” и “13 Ноември”. Во секоја градинка понудивме по 100 примерока на скали за мерење на родителските ставови. Со помош на вработените во градинките* собравме просечно шеесетина пополнети скали од секоја градинка.
На табела 1 може да се види описот на примерокот. Во истражувањето вкупно учествуваа 189 испитаници, од кои 61,90% се мајки, а другите 38,10% се татковци. Испитаниците главно се на возраст до 35 години (75,13%), а другите (24,87%) се постари од 35 години. Според образованието повеќе од половина, 51,85% се со високо образование, 36,51% се со средно образование и 11,64% се со занаетчиско и основно образование.
Постапката на истражувањето им е прилагодена на родителите. Наутро, при донесувањето на детето во градинката, и попладне при земањето на детето, родителите требаа да ја пополнат скалата на ставови. Нешто родители имаа потреба од повеќе време и скалата ја носеа дома. Во време од десетина дена собравме одговори од 189 испитаници, поточно од 63% од планираните 300 испитаници.
За успешната соработка на директорките, психолозите и воспитувачките во градинките им изразуваме благодарност.
Постапката на обработката на податоците е мошне едноставна, табеларна, описна и квалитативна, бидејќи самите бројки доволно јасно ја покажуваа состојбата со ставовите на родителите и нивното потекло. Во случај овој труд да се прифати како прелиминарно истражување на иден проект на оваа тема потребно е да се зголеми и пред сî точно да се определи примерокот на испитаници од цела Македонија (структуриран примерок) што ќе овозможи поинаква статистичка обработка на податоците.
Резултати и дискусија
Пред да ги презентираме и дискутираме добиените резултати должни сме да дадеме нешто појаснувања:
- Иако во опишувањето на проблемот на истражувањето не наведовме појдовни хипотези поради тоа што се откажавме од статистичка обработка на резултатите, сепак резултатите ќе ги интерпретираме според битните варијабли за ова истражување: полот, возраста и образованието на испитаниците;
- Вредноста на ставовите на родителите ќе биде изразена со поимот “тенденции”, позитивни или негативни, а не со попрецизни статистички параметри;
- Природата на ставовите ќе се чита од одговорите што се степенувани на следниот начин: 1. наполно се согласувам, 2. делумно се согласувам, 3. не можам да се одлучам, 4. не се согласувам.
Исклучиво позитивен став е одговорот под број 1. Овде сме должни да споменеме дека нешто одговори под број 1 (околу 20-тина) всушност не укажуваат на вистински позитивен став. Имено, родителите го заокружуваа бројот 1, но во образложувањето наведуваа дека се согласуваат само ако детето се согласи да соработува со другарчињата што се попречени во развојот. Родителите наведуваа цела низа изговори или извинувања, всушност рационализирања под кои услови се согласуваат, на пример: ако нивните деца доброволно ги прифатат таквите другарчиња бидејќи не смее да им се наредува, доколку нивните деца не бидат пречувствителни пред таквите другарчиња, ако возраста на нивните деца дозволи такви активности бидејќи и тие самите имаат потреба од помош, итн.
Одговорите изразени со 2, 3 и 4 укажуваат на колебањето на нашите испитаници и на негативен став. Ние ќе ги интерпретираме сите тие одговори заедно како негативен став. Фактот што негативните ставови не се сепак исклучиво негативни дава надеж дека има простор за дејствување на промена на ставовите. Иако ставовите тешко се менуваат, не значи дека не се менуваат.
За да одговориме на поставениот проблем на ова истражување ќе дадеме анализа на ставовите на родителите според нивниот пол (таб. 2), според возраста (таб. 3) и според образованието (таб. 4). Ќе следи анализа на ниво на ставови, а последната анализа ќе се однесува на изворите на ставовите на родителите (таб. 5).
На табела 2 се поместени одговори во вид на степени на согласност со 9 ставови што произлегуваат од вообичаени активности на децата во градинката во текот на нивното секојдневно престојување во неа. Тие активности се: заедничко седење на масичка во групата, помагање на дете попречено во развојот при облекувањето и хранењето, спиење во заедничка просторија, играње со исти играчки, вклучување на дете попречено во развојот во детските игри, придонесување на децата со пречки во развојот во организацијата на игрите, учествување на заеднички насочени занимања, потреба за индивидуално работење на воспитувачката со секое дете, поканување на дете со пречки во развојот на играње и дружење дома.
Ако ги преброиме позитивните и негативните ставови на татковците и мајките ќе видиме дека татковците имаат изразита тенденција за позитивен став кон овие деца. Тие имаат 6 позитивни ставови, на еден став имаат поделено мислење и имаат само два негативни става. Мајките имаат тенденција кон негативен став. Тие имаат 4 позитивни ставови и 5 негативни ставови.
Родителите не се согласуваат околу заедничкото седење на масичката, заедничките насочени активности и играње и дружење во домашни услови. На овие ставови татковците имаат позитивни ставови.
Ставовите на родителите се совпаѓаат во врска со: помош при облекувањето и хранењето на децата попречени во развојот, играњето со исти играчки, при вклучувањето во детските игри и при индивидуалната работа на воспитувачката со секое дете. Овие ставови позитивно ги вреднуваат додека негативно ги вреднуваат ставовите околу спиењето во заедничка просторија, како и околу учеството во организирањето на игрите од дете попречено во развојот.
Во нашево истражување не се потврди вообичаеното мислење (што значи став) за жените дека тие имаат потреба заради својата емоционалност да се грижат за други, за беспомошни и за помалку критични (4). Напротив, овде гледаме еден друг, многу потрадиционален став за нашата култура кој им се припишува на жените, првенствено да ги чуваат своите деца!
На табела 3 се поместени податоци за ставовите на родителите според возраста. Направивме грубо две категории, една до 35 години возраст и друга над 35 години. Возраста не се покажа како фактор на дискриминацијата на ставовите на родителите. Вакво мислење може да се сретне и во литературата (4). Имено, двете возрасни групи се со тенденции за позитивен став, со напомнување дека сепак таа тенденција е поизразена кај повозрасните родители. Во првата возрасна група 5 ставови се позитивни, а 4 негативни, во втората возрасна група 7 ставови се позитивни а 2 се негативни.
Интересно е да се спомене дека совпаѓањето на ставовите на овие две возрасни групи се забележува на ставовите во врска со: седењето на масичка, помош при облекувањето и хранењето, играњето со исти играчки, вклучувањето во детските игри, индивидуалната работа со сите деца, при што е покажана позитивна тенденција на ставовите. Кај ставовите во врска со спиењето во заедничка просторија и со организацијата на игрите каде е покажана негативна тенденција, а кај ставовите во врска со заедничките насочени занимања и играње и дружење дома постојат разлики и тоа помладите родители имаат тенденции кон негативни ставови, а постарите родители кон позитивни ставови.
На табела 4 се поместени ставовите на родителите според нивното образование. Образованието го поделивме во три групи, на високо образование, каде што имавме и магистри и доктори на науки, во третата група каде што имавме средно образование и најмалку родители со занаетчиско образование и само четворица со основно образование.
Образованието на родителите се покажа како фактор на дискриминацијата на ставовите на родителите. Имено, родители со високо образование покажуваат тенденција кон негативен став, родители со средно образование тенденција кон позитивен став, а родители со занаетчиско и основно образование покажуваат изразита тенденција кон позитивен став. Родителите со високо образование имаат 4 позитивни, а 5 негативни ставови, родителите со средно образование имаат 5 позитивни, а 4 негативни ставови и родителите со занаетчиско и основно образование имаат 6 позитивни ставови, на 1 став имаат поделено мислење, а на 2 става имаат негативно мислење.
Образованието на родителите ги менува следните ставови на родителите: седење на масичка, каде што родителите со високо образование се разликуваат и имаат тенденција кон негативен став; заеднички насочени занимања, каде што родителите со високо и средно образование се разликуваат од другите и имаат тенденција кон негативен став; играње и дружење дома, каде што исто така родителите со високо и средно образование имаат тенденција кон негативен став.
Интересно е да се забележи дека и според образованието на родителите, како и според полот не се менуваат ставовите на родителите што се совпаѓаат.
Во литературата која имавме можност да ја консултираме (5) ставовите на испитаниците во однос на образованието, општествено-економската положба и занимањето доста се контрадикторни поради што авторот на книгата препорачува нови истражувања за расветлување на овој сооднос. Авторот дава една општа забелешка дека постојат предрасуди кон лицата попречени во развојот и тоа во рамките на различни социјални класи, професионални и образовни групи. Сепак, гледано во целост, авторот смета дека во последните години се менуваат ставовите кон лицата попречени во развојот во позитивна насока, што не значи дека нема негативни ставови и дека не треба да се работи на менување на ставовите, за што веќе некој студии покажаа позитивни резултати.
Анализа на нивото на ставовите.Ако ги анализираме ставовите сами по себе (во табелите 2, 3, 4, вертикално) ќе видиме дека некои ставови на родителите не се спорни. Така ставовите: давање помош при облекувањето и хранењето, играњето со исти играчки, вклучувањето на децата попречени во развојот во детските игри и индивидуалната работа на воспитувачката со секое дете, секогаш покажуваат тенденција да бидат позитивни, без оглед на полот, возраста и образованието на родителите. Во тие ставови родителите не гледаат толку опасност за нивните деца, за нивниот психофизички развој и за воспитно-образовните придобивки што децата ги добиваат во градинките.
Во неспорните ставови спаѓаат и ставовите: спиење во заедничка просторија, организирање на игрите од страна на децата со пречки во развојот. На овие ставови родителите без оглед на полот, возраста и образованието, покажуваат тенденција да бидат негативни. Во овие активности родителите гледаат опасност за нивните деца. Заедничкото спиење на децата за нив е опасност од ненадејни ситуации, од агресија и слично. Организацијата на игрите од страна на попречените деца може да биде нестимулативна за развојот на здравите деца и слично.
Ставовите: заедничко седење на масичка во групата, насочени активности заеднички со деца попречени во развојот и дружење дома, ги поделија родителите во однос на полот и образованието. Мајките и високо образованите родители се претпазливи и кон овие активности бидејќи и во нив гледаат опасност за развојот на своите деца.
Анализа на изворите на ставовите на родителите. Ставовите како што споменавме се вградуваат во структурата на личноста на секој поединец по пат на социјализацијата. Кои фактори посредуваат кај родителите со здрави деца да изградат такви ставови какви што досега ги опишувавме за децата со пречки во развојот, претставува дел од проблемот на нашето истражување на кое треба да дадеме одговор.
На родителите им понудивме 7 можни извори и ги замоливме да потцртаат барем еден, а најмногу три извори, за кои се определуваат. Доколку не сме ги откриле вистинските причини за нивните ставови, ги замоливме да ги напишат под точка 8 на повлечената линија.
Од табела 5 се гледа дека на прво место се емоциите што ги будат децата со пречки во развојот. Тагата што се јавува кај здравите, сожалувањето што судбината така “лошо си поиграла”, го определува ставот кој за некои родители е позитивен, а за некои негативен.
Во случај ова истражување да биде прелиминарно истражување на иден проект, треба скалата да се направи попрецизно, односно за секој став да се бараат изворите за да можеме да видиме точно кој извор буди позитивен а кој негативен став. Во нашиот случај ние дојдовме до изворите, меѓутоа попрецизно не знаеме дали се тие извори на позитивни или негативни ставови. Нашето истражување сепак дава драгоцени информации за изворите на ставовите, кое понатаму овозможува да се работи на промената врз ставовите на родителите.
На второ место е неинформираноста на родителите за можностите и карактеристиките на попречените во развојот. Во нашето општество навистина не е направено ништо пошироката заедница да биде информирана за предностите и недостатоците на попречените во развојот. Ретко некој филм од странска продукција, кој обработува меѓу другите ликови и по некој лик на лице попречено во развојот, малку не вознемирува, не наведува на размислување, создава кај нас симпатии за таквото лице, едноставно нî информира дека животот со такви лица е тежок, но не и невозможен, дека има и свои радости и таги, дека може да се организира и да биде поубав ако средината реагира посоодветно.
Извори на ставовите
Таб. 5
- Растажување при соочување со деца што имаат пречки во развојот (74)
- Неинформираност за можностите и карактеристиките на попречените(51)
- Искуството на соседите, на родителите и на пријателите (42)
- Едуцираност за деца со пречки во текот на школувањето (29)
- Страв дека може слични проблеми да имаат со сопствено дете (26)
- Идентификување со мислењето и однесувањето на другите во средината (25)
- Непосредно (лично искуство) со деца попречени во развојот (24)
*Досега наведените извори беа понудени во скалата за мерење на ставовите и во табелата се подредени според зачестеноста на јавувањето. Табелата ќе продолжи со презентација на изворите што се резултат на описот на отворените одговори.
- Вид и степен на попреченоста, со посебно издвојување на менталната ретардација.
- Страв од агресија и непредвидени реакции особено во случај на ментална ретардација.
- Воспитно-образовните потреби на здравите деца и на децата со пречки во развојот не се исти.
- Работата со децата со пречки во развојот бара време.
- Попречените можат да го забават едуцирањето на здравите.
- Успешното вклучување во насочените активности на попречените деца заедно со здравите зависи од видот на насочената активност.
- Неопходност од постоење на специфично едуциран кадар во градинките.
- Децата со пречки во развојот треба да посетуваат специјални институции.
- Децата само со потешки пречки во развојот треба да посетуваат специјални институции.
- Сомневање во постоењето на услови и средства за прифаќање на попречените деца во градинките.
- Страв да не дојде до имитација на однесувањето на попреченото дете кај здравото дете.
- Дружењето во домашни услови може да се одвива само во присуство на родител.
- Децата со пречки во развојот се анксиозни во присуство на здравите.
- Заедничките играчки го засилуваат чувството на немоќ кај попречените.
- Некои играчки не се доволно безбедни за попречените деца.
- Треба да постојат специјални играчки за децата со пречки во развојот.
- Успешното вклучување во игрите на попречените деца зависи од видот на играта.
Извори на позитивните ставови
Таб. 5 а
- Хуманост.
- Заради заемна социјализација на здравите и попречените деца.
- Заради развивање на чувство на алтруизам кај здравите деца.
- Заради развивање на чувство на одговорност кај здравите деца.
- “Сите се деца и затоа заслужуваат љубов во крајна линија”.
На трето место е искуството, значи пак информација за таквите лица што се добива од соседите, роднините или пријателите што имаат такви лица.
На четврто место е едуцираност на децата со пречки во рамките на разни занимања. И овој извор говори за информираност.
На петто место е повторно емоцијата, овој пат страв дека дете попречено во развојот може да му се случи на секое семејство.
На шесто место е изворот кој покажува дека многумина од нас донесуваат ставови не по пат на сопственото размислување и трошење на емоционална енергија, туку по пат на имитирање на мнозинството од својата непосредна средина.
На последно, седмо место, е личното искуство како извор на ставовите, што произлегува од фактот да се биде родител на такви деца или да се работи со такви деца.
Додадените образложенија на оваа табела, што можат да се протолкуваат како извори на ставовите, не се веќе рангирани, но можат да се групираат во неколку групи:
- Ставот на родителите зависи од степенот и видот на попреченоста. Особено менталната ретардација предизвикува негативни ставови. Менталната ретардација се врзува за стравот од агресија и од непредвидени реакции на децата попречени во развојот. Овде може да се додаде и ставот за тоа дека воспитно-образовните потреби на овие деца се различни од истите потреби на здравите деца. Исто така едукацијата на овие деца бара подолго време и тоа го забавува едуцирањето на здравите деца. Оттаму успешно вклучување во насочените активности на децата попречени во развојот заедно со здрави деца зависи исто така и од видот на насочената активност, што значи тие не можат да совладуваат сî што можат да совладаат здравите деца.
- На оваа група се надоврзува следната од каде што гледаме дека ставовите на родителите произлегуваат од нивното верување дека за работа со овие деца е потребен специјален кадар и тоа во специјални институции или барем тоа важи за децата со потешки пречки во развојот. За нивното интегрирање се потребни услови и материјални средства што, според родителите, во ова време не сме во состојба да ги реализираме.
- Во следната група ги издвојуваме емоциите како извори на ставови на родителите. Се изразува страв здравите деца да не ги имитираат децата попречени во развојот. Оттаму нивното дружење во домашни услови може да се одвива само во присуство на родителите. Исто така родителите претпоставуваат дека децата со пречки во развојот се анксиозни во присуство на здравите деца.
- Во последната група се изворите сврзани околу играчките и игрите, што повторно укажуваат на емоциите, бидејќи кај децата попречени во развојот го засилуваат чувството на немоќ. Други извори покажуваат дека дури сите играчки не се безбедни за децата попречени во развојот. Затоа подобри се специјални, наменски играчки, а нивното вклучување зависи од видот на игрите, што ја потенцира нивната когнитивна сфера на личноста.
- Ретки извори на исклучиво позитивни ставови (табела 5 а) се емоции изразени како чувство на алтруизам и одговорност кај здравите деца кон децата со пречки во развојот, и емоцијата љубов, бидејќи “во крајна линија сите се деца”. Исто така позитивен став произлегува од потребата кај здравите деца да се развива хуманост и заемна социјализација.
Заклучоци од истражувањето
- Прв заклучок што ни се наметнува е дека е можно ставовите на родителите да се уште понегативни отколку што покажаа анализите, бидејќи 37% испитаници од целиот планиран примерок на родители не ги вратија своите примероци на “Скали”. Да се протолкува ова како неажурност на родителите сепак не ќе биде во ред, бидејќи овој гест на родителите повеќе асоцира на негативен став и страв или срам да не бидат идентификувани.
- Полот на родителите ги определува ставовите на родителите: татковците имаат изразита тенденција за позитивен став, а мајките имаат тенденција кон негативен став.
- Возраста на родителите не се покажа како фактор на дискриминацијата на ставовите. Двете возрасни групи се со тенденции за позитивен став, со забелешка дека сепак таа тенденција е поизразена кај повозрасните родители.
- Образованието на родителите се покажа како фактор на дискриминацијата на ставовите на родителите. Родителите со високо образование имаат тенденција кон негативен став, родителите со средно образование имаат тенденција кон позитивен став, а родителите со занаетчиско и основно образование имаат изразита тенденција кон позитивен став.
- Ставовите: давање помош при облекувањето и хранењето, играњето со исти играчки, вклучување на деца попречени во развојот во детски игри и индивидуална работа на воспитувачката со секое дете, секогаш покажуваат тенденција да бидат позитивни без оглед на полот, возраста и образованието на родителите. Ставовите: спиење во заедничка просторија и организирање на игрите од страна на децата со пречки во развојот покажуваат тенденција да бидат негативни без оглед на полот, возраста и образованието на родителите.
- Најбитен извор за ставовите на родителите се самите деца попречени во развојот, нивните способности, нивните чувства на немоќ и анксиозност, нивните однесувања што можат да бидат непредвидливи, опасни, што будат сожалување, тага, страв и поретко љубов.
- Друг важен извор е недостатокот на знаења за децата попречени во развојот, неинформираноста за нивните можности, емоции, однесувања.
- Како важен извор на ставовите се јавија и лицата од непосредната средина што едноставно се имитираат, се имитира нивниот однос кон децата со пречки во развојот.
- Во додадените извори се издвојуваат следните, без да бидат рангирани: степенот на попреченоста, видот на попреченоста, при што посебно се издвојува менталната ретардација како најтежок вид на попреченост.
- Кон оваа група извори се наведува видот на насочената активност, односно потребата од специјален кадар, специјални институции (барем за потешките попречености).
- Во моментов, неприлагодените услови во градинките за прием на такви деца и немање материјални можности тие да се подобрат, исто така се извор на ставовите на родителите.
- Дури и секојдневните играчки можат да бидат извор на ставови на родителите, бидејќи се потребни наменски, специјални и побезбедни играчки за децата попречени во психофизичкиот развој.
- Ретки извори на позитивни ставови се оние видови социјални однесувања до што може да дојде помеѓу децата, а што будат хуманост, алтруизам, љубов, со еден збор заемна социјализација.
Препораки од ова истражување
Од претходниот текст произлегува дека ставовите на родителите со здрави деца кон децата попречени во развојот се со тенденции да бидат позитивни и негативни. Бидејќи негативните ставови ги формиравме од одговорите: делумно се согласувам, не можам да се одлучам и не се согласувам, сметаме дека има простор за нешто полесно менување на негативните ставови на родителите.
Менување на ставови не е едноставна работа. Тоа е процес кој бара време, материјални средства, но пред сî организирана, систематска работа со сите родители, односно и пошироко со сите граѓани во државата.
Работата ќе се состои од секој вид информираност на граѓаните за видот, степенот на попреченоста, можностите, недостатоците, однесувањето на децата попречени во развојот, нивните емоции, нивното доживување на хендикепот и многу други работи. Ова се постигнува со следните посредници на социјализацијата: филмот, брошурите, радиото, телевизијата, списанијата, со запознавањето на граѓаните со активностите на разни здруженија што се занимаваат со лицата попречени во развојот и слично.
Во исто време потребно е да се организираат средби на граѓаните со лицата попречени во развојот, при што тие средби треба да бидат добро организирани, зашто на промената на ставовите не влијае толку квантитетот колку квалитетот на средбите.
Потребно е да се организираат паралелно и групни разговори на здрави лица, деца, млади и возрасни, каде што ќе се информираат, разменуваат искуства, едуцираат за видовите и степените на попреченоста во психофизичкиот развој.
Пред да се изврши интеграција на децата попречени во развојот во градинките и училиштата, потребно е:
- да се проучи литературата, од каде може да се дојде до конкретни сознанија за процесот на интеграцијата;
- да се проучат искуствата од земјите што речиси се две децении пред нас во реализацијата на оваа идеја;
- да се организира проект чија цел ќе биде да се испитаат видовите на интеграцијата (полна, делумна, сместување), односно да се испита кој вид интеграција во овој миг најмногу í одговара на нашата средина со оглед на нејзините ставови и неинформираност.
ЛИТЕРАТУРА
- Рејк Б., Едкок К. (1978): Вредности,ставови и промена понашанја, Нолит, Београд
- Рот Н. (1983): Основи социјалне психологије (социјализација), Завод за уџбенике и наставна средства, Београд
- Славин Р. Е., Мадден Н. А. (1988): Интеграција ученика с лакшим потешко¢ама у интелектуалном развоју у редовну наставу, превод на статијата од: Prospects,Quarterly Review of Education, (Париз), 1986, Unesco, Педагошки рад, бр.1, Загреб
- Шекспир Р. (1975): Психологија ометених у развоју, Нолит, Београд
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE