JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5304
А. ЌОРДИЌ, П. ИВАНОВИЌ, Д. ЛУКИЌ, С. БОЈАНИН
ВЛИЈАНИЕТО НА ВИГОТСКИ И ПИЈАЖЕ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА ДЕФЕКТОЛОГИЈАТА
Вовед
Дефектологијата која, според наше мислење, израсна од делата на Переира од 18 век, Итар и Сеген од 19 и од делата на Монтесори во текот на првата половина од 20 век, се чини дека е сведена, во текот на последните декади, на ниво на социјално згрижување на хендикепираните лица и развојот на нивната социјализација.
Со исклучок на стручниот кадар што се интересира за рехабилитација на психозите од раното детство, не се слуша многу за новите методи на работа за реедукација на лицата со ментален и сензомоторен хендикеп со кои би се подобриле можните начини за надминување на хендикепот што стои меѓу нив и нивната потреба за други луѓе и социјализација. Запознавањето со делата на Виготски дојде доцна поради трагичните околности во кои тој живееше и работеше, но сепак е корисно за напорите што ги вложуваме да создадеме напредна дефектологија, да направиме отворен систем за мултидисциплинарна соработка со сите други научни полиња, според современите трендови на развој на науката. Ние го поврзавме приодот на Виготски кон дефектологијата со делата на Пијаже, кој веќе подолго време беше присутен во нашите теоретски размислувања и востановувањето на специјални и индивидуални програми за работа со деца.
Овде ние ќе се задржиме само на оние сегменти од нивната работа што се инкорпорирани во нашиот приод за развој на општата дијагностика (1) и методите за рехабилитација во работата со хендикепирани лица (2).
Им се заблагодаруваме на организаторите на овој собир што ни овозможија да ги презентираме нашите видувања за овие сегменти на работа на Виготски и Пијаже, што се најблиски до нашите потреби, особено на оваа средба посветена на нивната годишнина.
Критички пристап на Виготски кон современата дефектологија
Во својата критика на дефектологијата, Виготски започнува со ставот дека “Дефектологијата сега се бори со основната теза која се смета за единствена гаранција за нејзиното постоење како наука, а што гласи: детето чиј развој е оптоварен со дефект не е само помалку развиено дете... туку е поинаку развиено дете” (3 стр. 12). Овој став го обелодени барањето на лажните хуманисти што се воздржуваа да ја прифатат вистината како научна вистина, изјавувајќи дека хендикепираното дете е како и секое друго, но само со дефект во интелегенцијата, во сетилата или во моториката.
Како последица на таквиот став, дури и денес овие деца посетуваат училишта со “скратен наставен план и програм”, но не со прилагодена стратегија за деца со посебен хендикеп. Овде, Виготски не ја обвинува дефектологијата и нејзините стручњаци, туку општествената заедница поради лошото образование воопшто и смета дека само со реформа на образованието во принцип, ќе можеме да направиме нешто за образованието на хендикепираните деца. Следејќи ја работата на стручњаците по дефектологија, на пример во работата со лицата со оштетен слух, повторно се открива фактот што го наведува Переира во неговиот век, дека “ниту една техника нема да го научи глувиот да зборува” (3, стр. 248), ако се сведе само на учење на говорот.
Переира дојде до ова сознание интуитивно.
Неговите клиенти се сеќаваат дека тој целиот се претворал во движење, со телото, рацете и говорот.
Поради тоа, по секоја тераписка сеанса, тој бил испотен и преизморен.
Всушност, на тој начин тој ги користел сите начини на комуникација за да ги создаде кај пациентот оние сензомоторни шеми што се основни за поимите и битна претпоставка за развојот на говорот.
Ќе се навратиме на ова подоцна. Виготски го формулирал ова со барање за социјализиран однос меѓу клиентот и неговиот воспитувач, однос кој нема да биде исклучиво технички. Тој сметал дека секој вид на образование мора да има “социјална база” (3 г., стр. 248), а не само техника на обучување. Тој исто така бил свесен дека зборот е движечка сила што ја крева мислата на повисоко ниво и е битен учесник во созревањето на поимите (4, стр. 143). За рехабилитацијата на говорот општо, а особено на субјектите со понизок коефициент на интелигенција, битно е да се знае дека детето, во текот на првите години од животот, го доживува зборот како својство на предметот.
Детето, според Виготски, не ќе може да го сфати како симбол во текот на втората година од животот, бидејќи нема да има ментални способности за тоа.
Тоа значи, пред користењето на техниките за вежбање на говорот, треба да имаме на ум дека на ментално ретардираните субјекти можат да им се воведат нови поими само онолку колку што детето може да ги сфати, онолку колку што може да ги користи тие предмети, или пак доколку може да ги користи таквите зборови во непосредните животни ситуации. Зборот како симбол треба секогаш да биде функционален. На ниво на сензомоторните искуства, таквиот симбол треба да се користи за опишување на искуствата, а на ниво на апстрактно размислување, за опишување на апстрактните поими.
Да се организира училиште и наставни планови и програми, а да не се примени такво правило, значи, како за масовната популација на деца така и за хендикепираните, да им се направи лоша услуга и на децата и на општеството. Друг став на Виготски на којшто се повикуваме е дека “без техника за обучување на говорот, социјалното образование на децата не е можно” (3, стр. 248). Тоа значи дека современата дефектологија треба да се стреми кон реинтегрирање на сите искуства на оние кои работат на ова поле уште од 18 век, со цел да се насочат активностите на вистинскиот пат.
Техниката на учењето на говорот, или пак што и да било друго во работата со хендикепирани лица, мора да настојува клиентот да ја доживее сензомоторната основа на секој поим што го учи. Оваа задача мора да се извршува на строго индивидуален начин, секогаш со вложување на личен напор што не може да се предвиди во план или програма, а секогаш во контекст на непосредните животни функции на постигнатото ниво на зрелост и потребите на детето. Теоретските обопштувања на Виготски ги разоткрија старите вистини и ги отворија новите патишта.
Улогата на Пијаже во востановувањето на дефектолошката
науки и на практиката
Рамките на работата и насоките на дефектологијата ни се отвораат по читањето на Виготски и нî водат директно кон Пијаже и неговиот увид во развојот на личноста и неговите функции. Не можеме а повторно да не го споменеме Переира.
Уште во тоа време, тој ги советувал своите ученици дека е неопходно, доколку учат глуви луѓе да зборуваат, повремено да го набљудуваат новороденчето и да го следат развојот на говорот кај детето во првите години од животот. (2) Што се случува во развојот на говорот кај секој поединец треба да им биде основна шема за рехабилитационата постапка. (2) Врз основа на овој совет, ќе се обидеме да искористиме некои од ставовите на Пијаже и да ја примениме рехабилитационата постапка во дефектологијата општо во тој правец. Пијаже тврди дека првиот настан во психичкиот живот претставува реакција на надворешен стимул.
Тој понатаму тврди: пред реакцијата има структура, т.е. реакцијата базирана на структура е првата шема врз која психичкиот живот на детето се заснова, а подоцна и на возрасниот човек. (5) Познато ни е од невропсихологијата дека структурата го прима стимулот на ниво на својата зрелост и нивото на изграденоста.
Силен стимул кој структурата не може да го прими, може да стане функционално неспособен и да не се развива натаму.
Дури и кога структурата е зрела, премногу силен стимул може да го уништи (бучава и слух). (2) Во дефектологијата таквиот став го има следното значење: пред каква и да било постапка за рехабилитација, потребно е да им се даде прецизна дијагноза на структурите и функциите. Првиот што ја спомна, во негово време, потребата од прецизна дијагностика на хендикепираните лица беше Сеген.
Таа исто така претставува основа на нашата општа дефектолошка дијагностика (ОДД).
Следејќи ја теоријата на Пијаже за развојот на интелигенцијата и интеграцијата на овие функции, ќе видиме дека таа прво се постигнува на ниво на сензомоторните структури, а потоа како сензомоторни шеми на претставително ниво, на ниво на зборови и јазик базирани врз емоционалните потреби, на ниво на конкретно логично размислување и апстрактно размислување како највисок дострел. Тој сугерира дека висока форма на јазик, како и висока форма на интелигенција, нема да се развие, или пак нема добро да се развие, доколку препознавањето на шемите битни за секое размислување не одговара на искуството или на зборот. За рехабилитационите програми што треба да се базираат врз прецизна дијагностика, битно е секогаш истовремено да се насочуваат кон стимулирање на шемите од претходната фаза и кон нивната надградба и постапно да се стимулираат или надградуваат шемите на јазикот, размислувањето, однесувањето или некои други шеми што се базираат на нив. Основниот дијагностички заклучок за тоа дали сме успеале во нашата дефектолошка работа мора да содржи докази за воспоставената рамнотежа меѓу желбите и можностите на детето.
Дефектологот треба постојано да ја следи состојбата на детето или клиентот рехабилитант секогаш кога ќе се постигне повисок степен на способност како резултат на развојот или на успешен третман, а кој може да ја наруши претходно воспоставената рамнотежа. Секогаш кога ќе се појават новите тенденции треба да се прифатат, простудираат и прилагодат на новите способности.
Сî станува драматично ако процесот тргне наназад, поради што е потребна организација на мотивите и можните реакции на пониско ниво. При тоа, сеќавањето на претходниот побогат живот доведува до депресии и откажување од понатамошната рехабилитација.
Такви состојби се среќаваат кај мускулната дистрофија. Дефектологот има задача, преку дијагнозата, сопствените чувства и ангажирањето на општествената заедница, да ги овозможи сите форми на рамнотежа што í се достапни на личноста во таа определена средина. Знаеме дека секој хендикеп е дисхармонија како на структурите така и на функциите.
За да се постигне рамнотежа меѓу мотивот и разновидните способности (неспособности) на клиентот и задоволувањето што може да го даде една определена социјална средина, треба да го знаеме нивото на развој на сите соматски и сознајни структури, а и издиференцираноста на емоциите во однос на овие структури.
Ова е неопходно за да се откријат мотивите кои личноста не може да ги задоволи со своите сознајни или соматски функции, со што ќе можеме да го заземеме најсоодветниот став. Во ова ни помага Пијаже со идејата за асимилација кој, како процес, може да се примени во програмата за рехабилитација, а преку кој за сите доживеани и сознајни шеми личноста станува свесна. На овој начин, прифаќајќи се себеси и сопственото доживување на светот, хендикепираното лице може да ја надмине емоционалната состојба и со успешна рехабилитација може да ја прилагоди таа состојба со реалноста.
Дефектологијата денес
Читајќи ги Виготски и Пијаже, секој дефектолог открива огромна заблуда, а тоа е дека денешното општество ја замислило оваа професија или како образование на деца или како активност исклучиво за згрижување на хендикепирани лица без оглед на возраста.
Не можеме а да не ги споменеме активностите на родителите на деца со аутистички растројства што не го прифатиле ставот дека аутизмот е форма на ментален хендикеп.
Се чини дека тие се исто така и општествена сила која ја раздвижува општествената заедница да издвојува средства за истражување на методи за работа со овие деца.
Виготски професионално изјавил дека без развој на говорот нема рехабилитација.
Пијаже исто така професионално укажува на тоа дека доколку не се почитува редоследот на сознајните структури, нема да дојде до развој на сознајните способности кај детето со сензорен или ментален хендикеп.
Треба да ја споменеме и Монтесори која укажа на фактот дека нејзиното сензомоторно образование може да им помогне на лицата со ментален хендикеп, а и дека може да го поттикне развојот на сознајните функции кај децата што í припаѓаат на масовната популација. (6) Сето ова обединето како мотив на дефектологот кој сака да ја унапреди својата работа бара сосема поинаков систем на образование во оваа дисциплина и поразновидни и методолошки подобро втемелени истражувања во дефектолошката наука. Тука не можеме а да не ја споменеме борбата што ја водеше Сеген во првата половина од 19 век против недоразбирањата околу задачата на дефектологијата, а особено околу неговите методи за работа. Педагозите го критикувале што не го почитувал училишниот систем на часови, а лекарите што не прифаќал дека само лекувањето во тераписка работа е општествено корисно и ефикасно. На некои од нас, по видео презентацијата на успешниот третман на деца со движења во рамките на сеанса на психомоторика, ни е поставено прашањето од страна на универзитетски професор, психијатар: Која е целта на напорите и инвестициите што ги вложува општеството за таков кадар и институција? Ваквото неразбирање на дефектологијата е присутно на европскиот континент 150 години.
Сеген сметал дека неговата задача како дефектолог е извршена и дека може да биде задоволен ако го научил детето да држи молив и покрај тоа што никогаш нема да научи да пишува.
Задача на дефектологот е да го направи детето или возрасното хендикепирано лице среќно, да го оспособи за уште една дилема во животот, да биде способно да донесува порешителни одлуки и да ги обедини разбудените мотивации на нивото на социјализацијата на која детето е созреано.
Поддршка за ова денес наоѓаме во социјалната концепција за дефектологијата кај Виготски и во објаснувањето на Пијаже за динамиката на развојот на сознајните функции и во фактите на развојната неврологија и невропсихолошката метода како основа за иден развој на методите и практиката на рехабилитацијата.
Заклучок
На овој научен собир по повод стогодишнината на Виготски и Пијаже ја опишавме драматичната ситуација во која се наоѓа современата дефектологија не со цел да се жалиме или да го онерасположиме овој собир. Тимот на Дефектолошкиот факултет од Белград, составен од дефектолози, лекари и психолози, ќе презентира дел од своите истражувања инспирирани од Виготски и Пијаже, онака како што ги разбираме ние и толкуваме во нашата работа.
ЛИТЕРАТУРА
- Ќордиќ А., Бојанин С.: Општа дефектолошка дијагностика, ЗУНС, Београд, 1992.
- Бојанин С.: Неуропсихологија развојног доба и општи реедукативни метод, ЗУНС, Београд, 1985.
- Виготски Л.: Основи дефектологије, ЗУНС, Београд, 1987.
- Виготски Л.: Мишлјенје и говор, Нолит, Београд, 1983.
- Piaget J.: La naessance de l'inteligence chez l'enfants, (V edition), Delachaux et Niestle, Paris, 1966.
- Ќордиќ А.: Педагогија ментално ретардираних, Дефектолошки факултет, Београд, 1983.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE