JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5934
Снежана МАТОВСКА
ОДНОСОТ НА ВОСПИТНИОТ КАДАР КОН ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ
ВО РАЗВОЈОТ-ЗНАЧАЕН ФАКТОР ЗА НИВНИОТ УСПЕШЕН
ТРЕТМАН ВО ПРЕДУЧИЛИШНИТЕ УСТАНОВИ
Светската теорија и практика говорат во прилог на тоа дека, кога се во прашање деца со пречки во развојот, прв и основен фактор во нивниот целокупен развој и третман, претставува раното дијагностицирање. Таквото навремено откривање создава услови да се започне со работа уште од најраната возраст. На тој начин со примена на физички вежби, аудио, визуелни и други ефекти се извлекува максимумот од овие деца, со што тие полесно го следат развојот на своите врсници, односно полесно и поцелосно се адаптираат и социјализираат. Кога пак станува збор за деца кои согласно со дијагнозата и постигнатите резултати се движат во границите на лесната и умерената ретардација, а на крај краишта и во рамките на тешката ментална ретардација, особено значаен фактор во нивниот развој, претставува вклучувањето во редовните предучилишни установи или во установи од тој тип, но прилагодени на степенот на менталниот развој.
Целите што се постигнуваат со ваквото вклучување се повеќекратни: на детето му се овозможува контакт со други деца, со што го надминува проблемот на затвореност и азил, доаѓа до збогатување на говорот, односно првично негово формирање и развој, се стекнуваат основните хигиенски, културни и социјални навики, се врши адаптација во групата, односно во средината, доаѓа до прифаќање на одредени норми на заедничко живеење и работење, детето добива можност да учи и да се развива. Токму вака наброените цели и други што не се споменати, укажуваат на потребата од вклучување на децата со пречки во развојот во соодветните предучилишни установи. Доколку детето биде чувано исклучиво дома и особено во малубројно семејство, исто така не добива доволно можности и услови за развој, неговите спознанија се на многу ниско ниво, сведени на основни поими или ни толку.
Таквото дете е често пати опкружено со претерана грижа, па тоа станува разгалено, тврдоглаво и не е во можност да се вклучи во секојдневието и животот надвор. Во слична ситуација се наоѓаат и децата што се чувани дома, а никој не им посветува внимание, а уште повеќе оние кои се азилирани од сопственото семејство. За разлика од овие деца, децата што се вклучени во предучилишните установи, уште на самиот почеток се упатени на други деца, на воспитно-образовниот кадар, условите на живот и работа ги тераат да се борат. Така, тие по пат на конкуренција, согледување имитирање, перманентна работа се стекнуваат со помногубројни и поразновидни информации. Тоа доведува до опуштање во говорот, збогатување на речникот, развиток на умствените способности, дава можност за самостојност, прилагодување, снаодливост и со еден збор дава можност за понатамошна едукација и за живот. Тоа се всушност и резултатите кои се постигнуваат од вклучувањето на децата со пречки во развојот во предучилишните установи. Сакајќи уште еднаш да ги потенцирам токму резултатите од таквото вклучување ќе го искористам своето лично искуство.
Моето дете, кое сега е на возраст од пет и пол години, се роди со Даунов синдром. Беше дијагностицирано уште од својот втор месец на живот. Ние веднаш се вклучивме во развојното советувалиште на д-р Двојаков, а набргу потоа стапивме во контакт со г-ѓа Димоска преку викенд средбите. Со напорна работа успеавме нашето дете да прооди на 18 месеци и да прозбори и добие фонд од неколку зборови на 20 месеци. На две и пол годишна возраст го вклучивме во градинката во Ѓорче Петров I-”Росица”, а на четири и пол години започнавме со логопедски третман кај г-ѓа Тортевска.
При приемот во градинката, каде што веќе одеше моето прво дете, немавме никаков проблем, единствено што, иако детето имаше две и пол години беше ставено заедно со неговото братче една година помало, во најмалата јаслена група. Таквиот чин беше оправдан со оглед на тоа што вработените мораат да проверат дали тоа дете не е можеби аргесивно или има некакви напади и слично, иако ние отворено им кажавме дека станува збор за дете кое само само побавно ќе се развива и на кое му е потребна здрава средина за развој. Дури откако и практично се покажаа нашите тврдења, детето ни беше префрлено во повисока јаслена група. Со тек на времето тоа одеше сî погоре и погоре, за потоа да биде вклучено во најголемата група, каде што се сместени деца кои наредната година или годината по неа веќе ќе одат во прво одделение. Уште од самиот почеток беше воспоставен коректен однос со персоналот во градинката. Тие, нашето дете го третираа на сосема ист начин како и другите деца. Тоа беше наполно згрижено во рамките на градинката. Тригодишниот престој донесе големи промени и подобрувања кај нашето дете. Тоа, благодарејќи на воспитачките и негователките, како и на другите деца, веднаш го регулира мокрењето и вршењето голема нужда, почна да зборува и му се збогати речникот, научи многу песнички, започна да раскажува со помош, почна да ги разликува боите и облиците, а во последно време дури работиме и со поедноставни множества.
Самото дете исто така покажуваше речиси цело време позитивен однос кон градинката. Без проблеми одеше, се дружеше со другите деца, многу лесно се вклучуваше во игра со нив, како и тие со него, со симпатија зборуваше за своите учителки и со еден збор сî беше во најдобар ред. За жал, минатата година таквиот тек на работите сосема се смени. Нашето дете почна да одбива да оди во градинка, кажуваше дека другите деца го туркаат и тепаат, а на една родителска средба се уверив дека децата не го вклучуваат во игра, а и самата учителка не го третира рамноправно со другите деца. Таквиот тек на работите се поклопи временски со растењето на децата од неговата група и со почетокот на логопетскиот третман. Претпоставувам дека разликата во развојот која почна да се забележува, како и сé уште докрај неисчистениот говор, предизвикаа извесна нетрпеливост на релација другите деца-нашето дете и нашето дете-другите деца. На извесен начин таквиот развој на настаните во многу беше помогнат и од несоодветниот пристап на воспитниот кадар. Дојде до израз нивната необученост и неможност да го инволвираат детето во едукативниот процес. Одеднаш нивната улога се сведе само на згрижување но, не и на едукација.
Се стекна впечаток дека им е многу полесно да го тргнат детето настрана со образложение дека тоа бавно сфаќа, тешко разбира и слично. Децата пак следејќи го примерот на возрасниот, уште повеќе создадоа бариера, се јави отпор, одбивање. За среќа по неколку разговори со персоналот и особено со помош на неколку родители, кои свесни за ситуацијата извршија влијание врз своите деца, сепак, како така се воспостави првобитната рамнотежа и барем засега отпор не се манифестира. Значи, што се однесува до моето лично искуство може да се рече дека тоа во основа е позитивно. За жал, многу други родители не го делат истото мислење. Тие имаат проблеми уште на самиот почеток-детето не го примаат во установата или пак кога ќе го примат тоа нема еднаков третман, а пак кога ќе порасне се судира со проблемот на нестручниот воспитен кадар. Со други зборови проблеми има.
Сегашниот систем на предучилишно воспитание бара доизградување на законската регулатива и нејзино спроведување во практиката, создавање просторни и кадровски можности за активно вклучување на децата со пречки во развојот во предучилишните установи, како и изготвување дидактички материјал и апаратура за спроведување на програмата за работа.
Практично што би значело тоа?!
Најнапред да се овозможи вклучување на децата со пречки во развојот во предучилишните установи без проблеми, односно без за тоа да се потребни врски, пријателства и слично. За потешките случаи да се формираат посебни групи во рамките на редовните градинки, односно дури и посебни предучилишни установи за тешко и најтешко ментално ретардираните лица, кај кои степенот на ментален развој не дава можност за едукација.
Во таквиот систем и уште како ќе биде потребно да се вклучат и стручни лица од редот на дефектолозите, педагозите, психолозите, социјалните работници и други кои самостојно или во соработка со останатиот воспитно-образовен кадар би воделе грижа и би ги едуцирале децата со пречки во развојот.
Со оглед на тоа што сегашниот систем на предучилишно воспитание е сосема поинаков од претходно дадениот модел, и особено што во градинките не се инволвирани сите потребни стручни лица кога станува збор за работа со деца што имаат пречки во развојот, можните форми за надминување на таквата состојба би биле следните:
- Одржување на предавања, мини курсеви, семинари и слично од страна на стручните лица, на кои би се остручувал постојниот воспитно-образовен кадар;
- Издавање на брошури со конкретни упатства за тоа како да им се пристапи на овие деца и како да се работи со нив;
- Одржување на вежбите на студенти по дефектологија или други студенти по градинки каде што веќе се вклучени деца со пречки во развојот;
- Организирање на средби и советувања со родители на деца со пречки во развојот на кои би им се укажало на потребата од вклучување на нивните деца во предучилишните установи и така натаму.
Со цел да се остварат овие форми на делување потребно е организациите на хендикепираните кои се занимаваат со проблемите на овие лица да преземат обврска и конкретни активости за нивно оживотворување и спроведување во практиката. На тој начин и само така од децата со роден или стекнат хендикеп може да се очекува да станат корисни членови на општеството, а не да бидат само негов товар.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE