JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4932
Вероник МУРА, Живко АНГЕЛОВСКИ
МЕДИЦИНСКО-ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА ВО ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ЗГРИЖУВА ТЕШКО И НАЈТЕШКО ХЕНДИКЕПИРАНИ ЛИЦА
Екилибар е француска асоцијација за хуманитарна помош, создадена во1984 година и која од една страна воспоставува патни мостови со што се овозможува, без посредништво, да се испраќаат примарно неопходни продукти и од друга страна спроведува помалку или повеќе долгорочни програми за развој: економски, училишни, културни и медицински.
Најзначајно медицинско-едукативно искуство Екилибар стекна во Романија. Таму со отворањето на границите, на многу луѓе од западните земји им се овозможи да ја откријат земјата и да ја проценат алармантната состојба на поголемиот дел од институциите што згрижуваат деца (цамин спитал и домови за деца без родителска грижа). Во овој контекст, Екилибар интервенираше вршејќи реконструкција на повеќе институции, подобрувајќи ги материјалните услови, а потоа соработуваше со персоналот за подобрување на условите за живот и едукација на децата.
Во Македонија Екилибар е присутен уште од 1993 година каде што спроведува програми за ургентна помош. Од 1993 година, Екилибар интервенираше во Демир Капија во реконструкцијата на Специјалниот завод. Оваа прва фаза овозможи да се направи проценка во перспективата за изготвување на методологија прилагодена на потребите за едукација / информација /сензибилизација/ ремотивација на неквалификуваниот персонал според истата стратегија која беше прифатена во Романија, притоа водејќи сметка за состојбата во Заводот. Француската екипа во Демир Капија беше составена од стручни лица од различни професии: едукатори, медицински сестри, кинезитерапевт, ерготерапевт и психомоторичар.
Специјалниот завод од Демир Капија е единствена установа во Македонија која згрижува таканаречени тешки и најтешки случаи. Лоциран на излезот од селото, тој згрижува 360 штитеници во главната зграда, на возраст од 2 до 70 години, од кои што 80 се помали од 15 години со физички или ментален хендикеп, или двата поврзани заедно. Тие се поделени во 14 групи според критериумите за возраст и подвижност (неподвижни, полуподвижни и подвижни). Во Депандансот се сместени 130 лица што се поавтономни и што уживаат добри услови за прием и згрижување.
За кого зборуваме кога велиме тешка дефициенција?
“Моето тело, мојот разум и моето срце се три неделиви составни делови од моето битие. Секој од нив е важен за јас во целост да бидам Човечко суштество и од нивната поврзаност зависи мојот Живот.
Но само ако еден од овие составни делови е недозреан или дегенериран, ако еден е повреден, мутиран, деформиран, ако еден е болен, јас станувам дефициентен.
Ако се работи за моето тело, јас имам физичка или сензорна дефициентност.
Ако се работи за моето срце, јас имам социјална или афективна дефициентност.
Ако се работи за мојот разум, јас имам ментална дефициентност.
А во Демир Капија, понекогашјас ги имам сите 3 работи во исто време!
Значи ми треба еден супститут, трето лице кое ќе дојде да ја потполни оваа празнина, овој недостаток, оваа дефициентност: една помош што ќе дојде да поправи, да реставрира, да ме научи, да ми овозможи да живеам.”
Наспроти тешката состојба со која се среќаваше Заводот, нашата улога како странска асоцијација се состоеше во воспоставување на соработка со целиот персонал и сî со цел најдобро да се организира животот на штитениците. Во тој контекст, нашата акција особено се однесуваше на негователскиот кадар што го придружува хендикепираното лице во сите аспекти од секојдневниот живот без да биде оспособен за овој тип на згрижување. Да му се понуди можност на персоналот подобро да го разбере хендикепот за да си го најде своето место како стручно лице, тоа значи да се дадат средства за да се подобрат условите за прием, згрижување и да се подобри квалитетот на живеење.
Ние доброволно одбравме да работиме со помалите деца. Како и секое новородено дете кое има потреба од својата мајка и од многу нега, внимание и афективност за да порасне и да се развие, овие деца, повеќе од сите други, имаат исто така потреба од нега и од исклучително внимание, за да пораснат, да се развијат и да станат колку што е можно посамостојни. Значи во нив има живот готов да се развие, ако му посветиме доволно време и ако имаме средства да се грижиме за него. Уште отсега треба да предложиме стимулативни и структурални услови за живот за тие да се развиваат. Да се дејствува колку што е можно порано во животот на детето, тоа значи да му се даде можност да го искористи својот потенцијал, а за нас, како стручни лица, гледајќи го напредокот ние ќе се чуствуваме ревалоризирани во нашата секојдневна улога покрај него.
Една институција за хендикепирани лица во својата глобалност го има за цел конфорот на живеење на штитениците. Секое стручно лице, во својот домен на дејствување, учествува во животот на лицето што е згрижено. Значи да се одржува постелнината, да се подготвуваат оброците, да се одржуваат просториите во добра состојба, да се обезбеди медицинско следење на детето, да се врши реедукација, да се игра со него, секојдневно да се придржува, сето тоа е неопходно за неговата благосостојба. Работата на негувателката í претходи на работата на медицинските сестри, на докторот, на физиотерапевтот, што на децата ќе им овозможи да стекнат нови знаења и да ги развијат сите свои способности. Како што хирургот не би можел ништо да направи ако некој не му ги подаде потребните инструменти, така дефектологот или физиотерапевтот не можат сами да одговорат на потребите на хендикепираното лице. Ние сите се надополнуваме. Овој поим во Демир Капија се конкретизира со воведувањето на состаноците/мини-синтези. Ова му овозможува на секој член да го искаже своето видување и познавање за детето и според својата функција да учествува во неговото индивидуално и кохерентно згрижување. Не се работи да се даваат комплексни и технички предлози, туку добро да се води сметка за способностите на детето за да можат да се спроведуваат едноставни и прилагодени дејства.
И покрај воведувањето на плуридисциплинарната екипна работа, екипата на Екилибар секојдневно е присутна во Заводот заради тесна соработка со негувателскиот кадар што работи со децата.
Во прво време ние ги опремивме групите со основен материјал: маси, столови, клупи, тоалетни столчиња, ормани, медицински маси, едукативни играчки, радио-касетофони и опрема за салата за игра наменета за мали деца.
Заедно со негувателките воведовме едноставни дејства за да ги искажат тие мајчинските гестови кога секој ден ги мијат и топло ги облекуваат, за да ги наместат удобно за време на оброците, да бидат стрпливи за да научат децата, да бидат чисти преку целиот ден, за да ги подигнат од креветите и да ги земат во нивните прегратки, за да им помагаат во одењето, да ги носат во дворот, да им овозможат да играат и да учествуваат во нивните игри, да им пеат. Често пати тие се обесхрабруваат наоѓајќи се во ситуации кога не можат да го постават детето во друга положба освен легната, кога детето не може да јаде или пак кога се чини дека детето не реагира на никакви надворешни стимулации (милување, бакнување, играње,), бидејќи тие не го знаат тоа секогаш. Негувателките имаат потреба од помош, имаат потреба да бидат ислушани, поддржани, советувани, имаат потреба од материјални средства за да најдат решенија таму каде што симнуваат раменици. Тие можат да го зачуваат усвоеното и да ја подобрат својата работа само ако персоналот кој е над нив подобро и повеќе се залага во згрижувањето на децата. Подобрувањето на физичкото и менталното здравје на децата не спаѓа само во доменот на негувателките, туку тоа зависи од целиот персонал во Заводот.
Поради нивната ментална, физичка или само афективна дефициентност, лицата сместени во Демир Капија имаат бавна еволуција. Неопходно е да се истрае во дејството што се презема без тоа да се прекине и без да се обесхрабриме, бидејќи резултатите можат да се појават само по долго време од почетокот на дејството.
Целата оваа активност што се води во атмосфера на сигурност од која детето има потреба, ќе му овозможи да се развие, ќе го поттикне да научи и само да се снаоѓа. Исполнувањето на оваа улога, кога негувателката секој ден е сама со триесетина деца задолжително повлекува физичка и морална замореност. По однос на тежината и важноста на нивната работа, се чини неопходно е зголемување на нивниот број.
Во текот на првата година од спроведувањето на програмата, акцент еднакво беше ставен и врз важноста на реедукацијата за тешко хендикепираната популација. Прво комплетно беше опремена салата за физиотерапија со маса за вертикализација, балони на Бобат, одалки, ѕидна ограда, шведски скали, подни душеци итн. Единствениот физиотерапевт од Заводот потоа соработуваше со тројца реедукатори за да го надополни своето знаење, почнувајќи од глобален пристап на детето кон реедукативна специфичност со поими од психомоториката, од аналитички биланси, поспецифични техники како што се пасивните мобилизации и ерготерапевтските техники. Ова надополнување нему му овозможи ефикасно да ја организира својата работа, и покрај тоа што сам не ќе може да се соочи со потребата од реедукативно згрижување на лицата сместени во установата.
Директорот е гарант и наполно ја поддржува програмата, неизбежно внесувајќи промени во рамките на институцијата.
До секој напредок е дојдено благодарејќи на активната соработка со вработените во Заводот, на лекарот, главната медицинска сестра и другите медицински сестри.
Ангажирањето на Републичкиот Завод за унапредување на социјални дејности ни овозможи да ја интегрираме нашата програма во рамките на нивните цели за медицинско-социјално планирање. Во моментот оваа соработка ни овозможува да започнеме со спроведување на теоретска едукација на неквалификуваниот негувателски кадар.
Животот во Демир Капија веќе се промени и децата го манифестираат нивното задоволство да играат, да танцуваат, да пеат, да ги контролираат нивните движења, но тие уште имаат потреба да бидат придружувани во сите откритија пред да станат колку што е можно посамостојни.
Во теоретската едукација, откривајќи го подобро она од кое децата имаат потреба за да се развиваат, сфаќајќи кои се различните причини за нивната ретардација или нивниот хендикеп, негувателките ќе бидат подобро подготвени да одговорат на потребите на децата и на многуте секојдневни нешта што треба непрекинато да се повторуваат за да станат полесни за реализација и да добијат значење.
Оваа програма за едукација ќе треба да ни овозможи заедно да одиме уште подалеку.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE