JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 52888
Василка РАЗМОВСКА, Василка ДОЛЕВСКА
Заостанување во развитокот на говорот, рано откривање
и неговиот третман
Вовед
Јазикот и говорот се средство за комуникација помеѓу луѓето. Преку говорот децата примаат и бараат објаснувања, ги изразуваат своите желби и потреби, а возрасните ги учат и го корегираат нивното искуство.
Забавениот развиток на говорот се нарекува уште и “заостанат говорен развиток” или “недоволно развиен говор” и тој опфаќа широк дијапазон на заостанување во говорниот развиток. Најтешкиот степен на ваквото заостанување се нарекува алалија или “незборување”.
Алалијата во најтежок степен може да се забележи кај децата уште од година и пол. Во најтешките случаи детето не само што не зборува, туку и не го разбира туѓиот говор. Ваквите деца се однесуваат многу поинаку од другите деца, зашто своите желби и потреби ги изразуваат со екстремно однесување, со плач, врескот и слично.
Во нешто полесните заостанувања на алалијата, детето донекаде го разбира говорот, но не зборува. Кај овие деца во најчест случај се развива гестот како средство за комуникација со околината и така тоа ги задоволува своите потреби. Ваквото растројство може да се забележи околу втората година кога децата на оваа возраст ги составуваат првите реченици.
Третиот степен на алалија може да се открие така што детето го разбира говорот, но тој е доста редуциран и се состои од десетина изолирани зборови што имаат значење на реченици, а се составени од еден или два слога како на пример ма-ма, та-та, ба-ба, бе-бе и слично.
Ваквото заостанување може да се забележи веќе на две и пол годишна возраст.
Под терминот забавен развиток на говорот се подразбираат полесни форми на заостанување во развитокот на говорот. Тука е основно да напоменеме дека детето го разбира говорот и се служи со реченица, но таа не е во сообразност со неговата возраст. На пример детето од три и пол години веќе би требало да се служи со правилна граматична реченица. Би требало да се служи со просто проширени, независно сложени, па и зависно сложени реченици. На пример “Добив кола зашто бев добар”, “Кога ќе дојдеш, донеси ми чоколадо”. Изговорот кај овие деца не е чист, зборовите се искривени, не се употребуваат прилози, предлози и сврзници во говорот. Речникот е оскуден, а изговорот на гласовите заостанува од изговорот на нивните врсници со нормално развиен говор.
Во потешки случаи говорот кај овие деца е неразбирлив за околината што ги опкружува и таквиот говор се прифаќа само од поблиското семејство, понекогаш дури и со имитација од страна на возрасните, што е многу погрешно.
Заостанувањето на говорот може да биде како последица од многу фактори, а не е редок случај кај едно дете да се најдат повеќе фактори за ваквото заостанување.
Постојат повеќе причини што доведуваат до забавен развиток на говорот, но најчесто се: менталната ретардација, загубата на слухот, аутизмот, социо-воспитната запуштеност, билингвизмот односно двојазичноста.
Говорот и менталната ретардација
Менталната ретардација е состојба што е поврзана со забавениот говорен развиток и што влијае врз развитокот врз интелектуалните способности. Забавените интелектуални способности во многу го отежнуваат секое учење, адаптивно однесување и вклучување во општествениот живот.
Како ќе го препознаеме детето со ментална ретардација во првите години од животот?
Родителите и лицата од неговата непосредна околина можат да го препознаат по следните знаци: таквото дете има забавен психомоторен развиток, односно заостанува во однос на повеќето деца на негова возраст, не почнува самостојно да седи околу шестиот месец, како поголемиот дел од децата на таа возраст, не проодуваат ниту прозборуваат навреме, односно околу првата година од животот. Во подоцнежните месеци не е во состојба да извршува ниту наједноставни активности, не е способно за самопослужување при исхранување и облекување, не воспоставува нормални социјални контакти со своите врсници, не е способно ни за наједноставни групни игри. Постојат и низа други симптоми што укажуваат на постоењето на ментална ретардација што се впечатливи за околината, но најобјективно состојбата може да се процени со психолошко испитување по пат на опсервација на целокупното однесување на детето, како и со психолошки тестови за интелектуалните способности.
Во секојдневната психолошка практика во примена се низа стандардизирани тестови што содржат задачи од најрана возраст, односно уште од првиот месец од животот на детето па натаму. Врз основа на испитувањето може да се утврди дали детето е способно да ги реши повеќето задачи што ги решаваат најголемиот број од децата на неговата возраст. Доколку е во состојба, тоа дете е со просечна интелигенција, доколку решава задачи и над неговата возраст неговата интелигенција е натпросечна, доколку пак не ги решава повеќето задачи од неговата возраст, па и од помали возрасти, тоа дете заостанува во интелектуалниот развиток.
Количникот на интелигенција кај просечните деца се движи од 90-109, кај натпросечните над таа вредност, а кај потпросечните под неа. За ментална ретардација говориме дури тогаш кога количникот на интелигенција достигнува вредност под 70.
Понекогаш интелектуалните тешкотии се предизвикани од емоционални или социјални проблеми што се одразуваат врз менталниот развиток. Со отстранувањето на таквите тешкотии со помош на психотерапија се отстрануваат и тешкотиите во интелектуалниот развиток.
Тежината на говорното растројство е поврзана со тежината на менталната ретардација. Колку што е коефициентот на интелигенција понизок, толку говорното растројство е поголемо. Но сепак треба да се знае и тоа дека и тука постојат отстапувања. Понекогаш дете со лесна ментална ретардација има полесно развиен говор од свој врсник со умерена ретардација. Ова ни укажува на тоа дека степенот на интелектуалниот развиток не е единствена детерминанта на развитокот на говорот.
Оштетувањата на говорот кај ментално ретадираните деца ги делиме на алогии и дислогии.
Терминот алогија се однесува на неспособноста за зборување поради менталниот дефицит. Алогиите се јавуваат по правило кај деца со тежок и најдлабок облик на ментална ретардација IQ 25-39 и под 25.
Терминот дислогии ги опфаќа сите специфичности на вербалната комуникација поврзани со менталната ретардација. Тука спаѓаат деца со лесна и умерена ретардација IQ 55-69, IQ 40-54.
Ментално ретардираното дете ги следи фазите на говорниот развиток како и нормалното дете, но со многу побавно темпо и со многу специфичности. Кога ова дете ќе достигне до фазата на вербална комуникација тоа не ги поврзува во реченицата и не ги унапредува. Уште во прелингвалната фаза се воочуваат во вокалните активности кај лесната ментална ретардација. Во слоговното гугање кај овие деца недостасува динамичност, интонацијата е стереотипна и разновидна, а при слоговното поврзување е посиромашна. Постои и слаба гласовна активност. Првиот збор се јавува во втората или во третата година. Ментално ретардираното дете уште во раниот развиток е неспособно во доволна мера да го насочи вниманието кон произведените звукови и гласови на лицата од најнепосредната околина. Не ги следи промените во околината што го опкружуваат, ниту пак тие промени ги забележува. Подоцна речениците кај овие деца не се сложени и им недостигаат граматичките структури. Посебни тешкотии овие деца истакнуваат во препознавањето на сличностите и разликите.
Како да го поттикнуваме говорниот развиток кај ментално ретардираните деца?
Прво треба да се започне со вежби за насочување и задржување на вниманието. На прво место е задржувањето на вниманието за изворот на звукот. Пред детето ставаме два предмета што произлегуваат различни звукови на пример: лонче и ѕвонче. Потоа наизменично настојуваме да го привлечеме детското внимание прво на звукот на ѕвончето, а потоа на лончето и така по ред. Вежбите не треба да траат повеќе од 5 минути.
Понатаму го насочуваме слушното внимание на зборови што детето веќе ги разбира иако не ги изговара. На пример пред детето ставаме слика на два предмета-часовник и топка, па му сугерираме “покажи ја топката, па потоа покажи го часовникот” и така со ред додека детето спонтано не научи да го насочи своето внимание врз односниот предмет и тие да ги разликува и на слика.
Усвојувањето на првите зборови ќе го поттикнеме така што ќе ги избереме оние зборови што детето спонтано најчесто ги изговара. На пр. бе-бе ќе му покажеме слика од бебе и ќе го потикнуваме повеќе пати да го изговара зборот бе-бе и да го покажува на сликата. Овие вежби во вид на игра потребно е да се изведуваат повеќе пати во текот на денот. Освен со слика ова се прави и во природни ситуации и за секое спонтано употребување на зборот го пофалуваме детето, го гушнуваме или на кој и да било друг начин го искажуваме нашето одобрување и задоволство.
Од долгогодишната практика во работата со деца со говорни растројства издвојуваме едно истражување за односот помеѓу интелектуалните способности и говорните растројства со посебен акцент на односот помеѓу менталната ретардација и говорот.
Во истражувањето се опфатени 1038 деца од предучилишна возраст што биле на третман во Заводот за рехабилитација на слухот, говор и глас во Битола во период од 1990-1995 година. Од нив 32 деца, односно 3,15% се со дијагноза Alalia. Во оваа категорија нема деца со просечна и потпросечна интелигенција. Со граничен степен на интелигенција се две, односно 6,25%, со лесна ментална ретардација се 4, односно 12,5%, со умерена метнална ретардација се 6, односно 18,75% со тешка се 16, односно 50%, со многу тешка ментална ретардација се 4 деца, односно 12,5%.
Од дијагнозата Razvojna disphasia опфатени се 73 деца, односно 7,03% од целокупниот број. Од нив деца со ниско просечна интелигенција се 4 односно 5,5%, со потпросечна интелигенција се 6, односно 8,2%, со граничен степен на интелигенција е 10, односно 13,7%, со лесна ментална ретардација се 22, односно 30,1% со умерена ментална ретардација се 26, односно 35,6%, а со тешка ментална ретардација се 5, односно 6,8%.
Од изнесеното може да се заклучи дека во категоријата на деца со дијагноза Razvojna disphasia најголемиот број на децата имаат лесна или умерена ретардација.
Со дијагноза Retardatio linguae се опфатени 11 деца, односно 1,6% од целокупниот борј на испитани деца. Од нив едно дете е со гранична интелигенција, односно 9,1%, 3 деца се со лесна ментална ретардација, односно 27,3% и 4 деца,односно 36,4% се со тешка ментална ретардација.
Можеме да заклучиме дека најголемиот број од испитаниците со оваа дијагноза се со умерена и тешка ментална ретардација.
Со дијагнозата Dislalia-Agrammatismus во истражувањето се опфатени 20 деца, односно 1,95% од вкупниот број на испитани деца. Од нив 3, односно 15% се со просечна интелигенција,3, односно 15% се со ниско просечна интелигенција, 6, односно 30% се со граничен степен на интелигенција, едно дете, односно 5% со лесна и едно дете, односно 5% со умерена ментална ретардација.
Од овие податоци може да се заклучи дека децата со дијагноза Dislalia-Agrammatismus најчесто имаат потпросечна интелигенција, односно граничен степен на интелигенција.
Најголемиот дел од децата опфатени во ова истражување-односно 902 деца, односно 86% од целокупниот број се со артикулативни растројства. Разгледувајќи ги целокупните податоци за нив може да се заклучи дека во однос на интелектуалните способноти не се разликуваат многу од децата што немаат говорни проблеми, односно најголемиот број од нив-околу 50% се со просечна интелигенција, дел од нив се со натпросечна, со високо натпросечна и со крајно висока интелигенција. Дел од овие деца се со потпросечна и гранична интелигенција, а многу ретко со лесна ментална ретардација.
Заостанувањето во развитокот на говорот и слушните недостатоци
Детето го усвојува говорот од околината благодарејќи на развиениот слух. Детето без слухот не се слуша ни самото себе па затоа нема ни поттик за говор, ниту пак може да го контролира она што го зборува. Но секоја слушна загуба не претставува и глувост. Тоа зависи од:
- степенот на загубата на слухот;
- обликот на загубата на слухот;
- времето кога е загубен слухот;
- местото на загубата на слухот.
Степенот, односно висината на загубата на слухотот се изразува во dB.
Говорот главно, ја следи состојбата на слухотот на увото што слуша подобро. Така на пример на едното уво има 80 dB загуба на слухот, а на другото 50 dB загуба на слухот, а на другото 50 dB, говорот ќе се развие на подоброто уво, каде загубата е 50 dB.
Загубата на слухот помал од 25 dB е во границите на нормалниот слух и нема влијание врз развитокот на говорот.
Оштетувањето на слухот од 25-50 dB се нарекува лесна наглувост. И со вакви оштетувања говорот главно нормално се развива. Детето со вакво оштетувње тивкиот говор од поголема далечина не го слуша доволно, говорот во бука тешко го следи, брзо се заморува и со тоа често се исклучува од слушањето. Говорот со нормална јачина од 1 м оддалеченост во релативно тивка просторија детето добро го слуша, па затоа овие оштетувања возрасните ретко ги забележуваат и мислат дека проблемот е во нешто друго.
Средна наглувост е оштетувањето помеѓу 50-70 dB. Детето слуша, но не слуша доволно, ослабено. Говорот му заостанува во развитокот од причина што говорот со нормална јачина на нормална говорна оддалеченост едвај го слуша или пак воопшто не го слуша.
Загубата на слухот од 70-90 dB претставува тешка наглувост и таа предизвикува немост-односно Alalia.
Детето со вакво оштетување го слуша само својот сопствен говор и затоа се огласува и посилно, а тоа се забележува и во бојата на гласот, во интонацијата и во ритамот. Овие деца го развиваат говорот со помош на слушно помагало.
Оштетувањето на слухот над 90 dB се нарекува глувост. Детето родено со вакво оштетување наполно е алалично, не се слуша себеси додека гуга. Ако на овие деца не им се помогне со носење на силно слушно апаратче од најрана возраст тие ќе останат глуви и нема да го научат говорот.
За развитокот на говорот од пресудно значење е времето на загубата на слухотот. Оние што се родени глуви и оние што оглувеле подоцна, тоа се два различни поими. Ако загубата на слухотот настанал после развитокот на говорот, говорот се задржува, но тој со време слабее, може да стане нејасен за околината, ако со посебни вежби не се одржува. За развитокот на говорот пресуден е секој месец што детето го живее со слухот, па дури и она време во предлингвалниот период.
Треба да напоменеме дека глуво роденото дете не е безгласно, и тоа плаче, вреска се возбудува како и детето што слуша.
Првите разлики се јавуват во периодот од 5-6 месеци. Глувото дете не брбори и не си игра произведувајќи различни звуци.
Во ваквите случаи на родителите им советуваме да проверат дали детето добро слуша особено ако забележат дека заостанува во говорниот развиток, ако нечисто зборува, или пак ако се напрегнува при слушањето.
Родителите свесни за слушниот недостаток на своето дете можат да придонесат и да ги ублажат последиците за говорниот развиток. Затоа повеќе пати во текот на денот треба да му се зборува на детето со умерена јачина на гласот, никако да не се вика силно. На детето треба да му се зборува чисто и повеќе пати да му се повторува истиот поим, додека детето само не успее истото да го повтори. Дури глувото дете ако му се зборува на самото уво може нешто да осети и од тоа да има корист.
Воспитувачите во детските градинки и училиштата мораат да внимаваат детето со слушни недостатоци да биде што поблиску до нив.
Детето со слушен недостаток мора да се натера да прифати рехабилитациски третман, да носи слушна протеза исто така природно како што другите деца носат очила.
Треба да се влијае врз околината да го прифати детето со слушен недостаток исто како и детето што нормално слуша, ценејќи го неговиот недостаток.
Аутизмот и заостанувањето во говорот
Иако аутизмот се истражува повеќе од 40 години, а посебно интензивно последниве години за него многу нешта сé уште не се разјаснети. Аутистичните деца можат да покажат многу различни симптоми што се менуваат зависно од возраста. Сепак битни се три растројства карактеристични за сите деца со ран детски аутизам. Тоа се:
- Растројство на социјалната итеграција. Тоа значи дека детето не воспоставува однос со околината, не одговара и не бара социјална комуникација. Ова нормално се јавува уште кај бебе од два месеци.
- Пореметена е говорната и гестовната комуникација. Утврдено е дека кај овие деца е пореметено говорното разбирање како и говорното изразување, па со тоа и употребата на гестот и поврзана со тешкото говорно растројство и чудното однесување на овие деца. Кај нив постојат напади на бес, самоповредување, бесцелно движење и слично.
- Растројство во процесот на симболизацијата. Детето не може да ги сфати знаците за означување што е премногу важно за развитокот на мислењето и заостанува симболичната игра присутна кај нормалните деца на возраст од 20 месеци.
Што се случува со говорот на аутистичното дете?
Утврдено е дека растројството на јазичната мисла е главното оштетување кај раниот детски аутизам. Развитокот на јазикот може да заостанува или воопшто да не се појави. Тешко аутистичните деца по правило никогаш не го разбираат говорот и не се способни да употребуваат какви и да било симболи. Нападите на бес, екстремната социјална изолираност, третирањето на луѓето како да се предмети можат да се објаснат со екстремните тешкотии на аутистичните деца што им придаваат вакво значење на луѓето, предметите и сé што ги опкружува. Кај овие деца не е само проблем разбирањето на сите облици на изразувањето (говорното, пишаното и гестовното изразување). Кај нив изостанува играта, функционалната употреба на предметите, имитацијата во играта.
Но, постојат аутистични деца што што понекогаш извршуваат едноставни наредби, но предметот на разговор е многу ограничен и многу ретко е поврзан со минатото, сегашноста и иднината. На истите прашања даваат секогаш исти одговори. Аутистичните деца што што зборуваат се потпираат на механичкото учење на зборовите и фразите, а не на креативноста и употребата на јазичните правила.
Во говорот кај аутистичното дете често се јавува и ехолалија.
Нешто аутистични деца се способни да усвојат богат речник со колекција на фрази и реченици. Но сепак, разговорот со нив наликува на магнетофонска лента или компјутер. Говорот е монотон, некреативен без емоционална ангажираност.
Како се изведува рехабилитацијата на аутистичните деца?
Постојат голем број разлики што се однесуваат на самата терапија кај овие деца.
Најчест третман со овие деца беше терапијата со игра што е замислена така што на детето му се дозволува слободно изразување на емоционалните тешкотии. Но се покажа дека оваа терапија не доведува до некое подобрување па почна да се применува одвојување на детето од неповолната семејна средина и сместување во психијатриски болници. Но, знаејќи дека аутизмот е развојно растројство се воведуваат разни облици на однесување. Родителите повеќе не се одвојуваат од децата туку и тие се вклучуваат во терапијата.
Рехабилитацијата на аутистичните деца се спроведува во посебни установи каде што се применуваат разни облици во рехабилитацискиот третман. Третманот го спроведуваат дефектолози посебно обучени за работа со аутистични деца како и стручњаци од други профили (ликовен педагог, музички педагог, психолог, невропсихијатар и сл.).
Аутистичните деца се третираат почесто на полустационарен (дневен третман) а помал дел е сместен во стационар.
Овој начин на терапија во специјални установи се покажа доста успешен затоа што на тој начин се смалуваат и отстрануваат несаканите однесувања што го загрозуваат детето дома од самоповредување, бегање без цел од дома и слично.
Со организиран третман кај овие деца се постигнуваат основните вештини на самопослужување, како што се: хранењето, облекувањето, одржувањето на личната хигиена и сл.
Двојазичноста и забавениот говорен развиток
Една од причините за забавениот говорен развој може да биде и двојазичноста. Деца, припадници на националните мнозинства, потоа деца од национално мешани бракови или пак децата на родители што се наоѓаат на привремена работа во странство се наоѓаат во ситуација на двојазичност, односно во исто време да слушаат и учат два различни јазици. Но сепак еден од тие јазици е на прво место, а тоа е мајчиниот јазик. Ако ваквото дете нема други проблеми и ако родителите во тој временски период му обрнат доволно внимание, раното воведување на другиот јазик не може да му создава проблеми дури може и стимулативно да дејствува кај детето. Но кај овие деца кај кои во периодот на говорниот развиток не им се посветува доволно внимание и грижа од страна на родителите двојазичноста претставува дополнителна тешкотија во развитокот на говорот. Говорот кај овие деца ќе биде забавен и сиромашен. Тие нема да научат ниту еден од двата јазици, зборувајќи на едниот јазик ќе внесуваат зборови од другиот јазик, нема да бидат сигурни ниту во употребата на граматичките структури. Таквата несигурност создава збрка во изразувањето, особено во изговорот на гласовите.
Во вакви случаи можеби е најдобро детето да не почне истовремено да учи два јазика, туку да му создадеме услови прво да го научи мајчиниот јазик.
Следејќи ја брзината како се развива детскиот говор на мајчиниот јазик многу ќе ни помогне да го определиме времето кога детето ќе почне со учење на другиот јазик.
Добро е ако двата јазика за детето можат да бидат и ситуациски раздвоени, односно да му се овозможи на детето со мајчиниот јазик да комуницира со најблиските (дома) и надвор во други ситуации (во игра со децата) со другиот јазик. Со тоа се намалува и збрката со истовременото усвојување на двата јазици.
Но, ако детето што живее во двојазична средина покажува тешкотии во говорниот развиток потребно е прво да се реши проблемот на двојазичноста и да се одлучи детето да учи само еден јазик, односно јазикот на кој што ќе се школува. Освен тоа, на таквото дете треба да му се посвети големо внимание, да се разговара постојано со него, да му се прераскажуваат приказни и сл. Кога ќе му се обраќаме да не го преоптоваруваме со долги реченици и непознати зборови. Своите искази мораме да ги прилагодуваме на неговите говорни можности. Колку говорот на ваквото дете е послабо развиен, толку и нашиот говор ќе мора да биде поедноставен-речениците да бидат кратки а зборовите познати. Од време на време треба да проверуваме дали детето го разбира она што му се зборува. Подобро е ваквите деца да бидат вклучени во детска градинка каде што ќе имаат повеќе можност за комуникација со воспитувачите и со другите деца.
Кај децата каде што говорот повеќе заостанува од говорот на неговите врсници и каде што се работи за потешко говорно растројство нема да биде доволно само зголемена говорна стимулација дома или во градинката, туку таквото дете е потребно да се упати на рехабилитација во специјализирана установа што се занимава со говорни растројства.
Говорот кај воспитно-запуштените деца
Развитокот кај воспитно запуштените деца се одвива под посебни услови што негативно влијаат врз детскиот развиток воопшто. Овие деца растат сами, надвор или без грижа на поблиското семејство. Детето е препуштено само на себе.
Последиците се јавуваат и на социјален и на интелектуален план, а посебно овие последици влијаат врз развитокот на говорот. Овие деца немаат стимулација за говор, немаат достатен емоционален и социјален допир со луѓето. Такви се децата што растат по домови, деца на презафатени родители, на неморални родители и слично.
Во вакви случаи децата препуштени сами на себе или на своите браќа и сестри развиваат посебен говор што е разбирлив само за нив. Факт е дека овие деца го усвојуваат само говорот на својата најблиска околина во koja растат.
Говорот на овие деца е забавен, сиромашен, реченицата им е кратка со едноставни граматички структури. Но, за ваквиот говорен дефицит и специфичности во говорното изразување треба да се нагласи дека се последица на тоа што возрасните или родителите не му овозможиле на детето достатно позитивен допир со сé она што го опкружува. Затоа тука треба да се нагласи дека овие последици не се непоправливи.
Со позитивен и правилен однос и воспитание, како и со зголемена работа врз проширувањето на сознанијата за сé позитивно што го опкружува, како и правилниот развиток во предучилишните установи и во училишта за таа категорија на деца, постојат услови за нивниот понатамошен успешен говорен и социјален развиток.
ЛИТЕРАТУРА:
- Спасенија Владисављевић, “Патолошки неразвијен говор у децу”-Савез друштава дефектолога Југославије-Београд 1973.
- Спасенија Владисављевић, “Поремећаји изговора” Привредни преглед 1981-Београд.
- Матић Б. Миодраг, Логопедија. Завод за издавање уџбенике-Београд 1986 год.
- Иво Шкарић, “Говорне потешко¢е и њихово уклањање”-Издавачко књижарско радна организација “Младост”-Загреб 1988 год.
- Ђорђе Костић, “Методика изградње говора у деце оште¢ења слуха”-Савез друштава дефектолога Југославије-Београд 1971.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
Related Articles
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE