JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 104703
Анета БАРАКОВСКА
Педагошките димензии на слободното време
Слободното време во современото општество, посебно во периодот на интезивните општествени промени, станува сé поизразено подрачје и на воспитно-образовната дејност, а наедно значи и нова димензија на педагошката стварност. На него повеќе не се гледа само како на универзална социјална појава или здравствено-терапевтска можност, туку и како на доминантна педагошка категорија која во себе содржи повеќестран и богат воспитно-образовен потенцијал.
Поимот “слободно време” на прв поглед изгледа познат, лесно одредлив и едноставен. Меѓутоа во расправиите за овој проблем е присутна поимовна и терминолошка конфузија. Дијапазонот на сфаќањата за слободно време е мошне широк и се движи од општествен идеал, па сé до сфаќањето дека тоа е апсолутно субјективно чувство на поединецот. Разновидни се гледиштата и толкувањата на односот на општеството и поединецот по однос на располагањето со слободното време. шаренилото е присутно, а тоа е предизвикано од разновидноста на науките и нивните специфични аспекти, како како и од разновидните филозофско-идеолошки основи.
Иако при дефинирање на поимот “слободно време” има доста разминувања, сепак кај поголем број автори како конститутивни елементи се истакнуваат: време, вонпрофесионалните, општествените, семејните обврски и животни потреби, потоа слободно располагање со преостанатото слободно време и на крај користење на неговите општествено-позитивни содржини за одмор, разонода, образование, културно усовршување и развиток на личноста воопшто.
Она што е за нас посебно интересно е воспитно-образовната функција на слободното време односно општествената корист од активностите во слободното време, покрај здравствените аспекти со нивното значење.
Во обидот да се доближиме до педагошката суштина на проблемот слободно време, сосема спонтано се наметнува прашањето во колкава мера навистина слободното време може да биде шанса за слободен развој на младиот човек. Како живее и се развива денешната млада генерација во услови на интезивни општествени промени кога се рушат старите структури, а новите сé уште не се поставени. Дали слободното време на младите онака како што тие денес го поминуваат можеме да го сметаме за простор што придонесува за позитивен физички, психички и социјален развој.
Резултатите од некои истражувања ни ја даваат следнава слика; (6; 227-29).
- што се однесува до физичките активности во слободното време и останатиот дел од животот е карактеристичен податокот дека 70% од слободното време се поминува во активности што не бараат значителен физички напор. Исто така учењето и училиштето, работата во домот и за домот во останатиот временски период со кој е ангажиран поединецот не се исполнети со некоја физичка активност. 91% од дневниот живот младиот човек го поминува во затворен простор, а само 1.5% од денот се поминува на свеж воздух во неурбанизирана средина. Една ваква ситуација јасно ни укажува на негативните последици врз физичкиот и здравствениот развој на младата генерација. Лекарите и физиолозите оправдано предупредуваат дека промените во начинот на живот на луЃето се коренити и брзи, а моќта на евулутивното прилагодување на човековиот организам на новите услови е многу побавно, а негативните последици од сето ова се далекосежни и неизбежни.
- Податоците од истражувањата предупредуваат дека младите денес скоро 50% од слободното време го поминуваат во конзумирање на разновидни содржини преку средствата за масовна комуникација по својата природа овој “супституиран општествен простор” не може да ја замени активната интелектуална и социјална партиципација, посебно ако не е нејзин интегрален дел. Една ваква појава не можеме да ја сметаме за позитивна. Младиот човек во периодот на својот интезивен физички, интелектуален и социјален развој, наместо активно да се занимава со наука, техника, културно творештво и спорт, најголем дел од своето слободно време го поминува пред телевизиски екран, пасивно набљудувајќи ги настаните на професионални пеачи, атлети, фудбалери, или пак чита ревии, стрипови, рото романи и слично. Ова “духовна храна” не може да даде сила за правилен интелектуален и социјален развој. Истражувањата покажуваат дека денес поголем проценет од филмовите немат вистинска уметничка вредност. Во голем број од нив доминираа насилство, криминал, промискуитет и слично. Факт е дека денес преку средствата за масовна комуникација се протураат сомнителни вредности кои негативно влијаат врз формирањето на младиот човек создавајќи искривени престави за реалниот живот.
- Загрижувачки се и податоците што покажуваат дека само 3% од слободното време се поминува во организирани творечки активности како на пример: “научни, работно-технички, културно-уметнички, спортско-рекреативни, општествени и хуманитарни содржини кои ги организираат училиштето, општествените и стручни организации, вонучилишните воспитно-образовани и културни институции, приватни лица и слично. Значи сите организатори со сите активности ги собираат децата и младите само за 3% од слободното време.
- Мошне е изразена и појавата на социјалата и класната диференцијација во начинот на користење на слободното време кај младите денес. Ваквата ситуација се манифестира како по однос на просторот на собирање така и по однос на активностите во кој се учествува. Така, на пример, оние млади луЃе кои потекнуваат од пониските социјални слоеви се собираат на плоштади, кинотеки, а оние пак од повисоките социјални слоеви во кафеани, на скапи забави, во приватни станови и слично. Од спортските активности на пример со фудбал и бокс претежно се занимаваат децата од работнички семејства, додека пак тенисот и скијањето се резервирани за оние млади луЃе што потекнуваат од социјално побогатите семејства.
-
Резултатите од истражувањата за активностите во слободното време кај учениците од основните и средните училишта ни говорат за тоа дека во слободното време се задоволуваат пет основни потреби и тоа:
- потреба за одмор;
- потреба за забава и разонода;
- отфрлање на определени норми на однесување;
- бегство од реалноста;
- за постигнување на награди од активностите.
Ако горе наведените податоци ги анализираме во целост не наведуваат на констатацијата дека станува збор за хедонистички и потрошувачки карактеристики на слободното време. Активностите со кој се занимаваат младите во слободното време не бараат значителни физички и интелектуални напори, тие овозможуваат забава и разонода преку бегство од реалноста во некој свет на илузии и желби во кој се отфрлаат општо прифатените норми на однесување. Ваквиот начин на користење на слободното време е карактеристичен за нестабилни и потрошувачки општества. Во оваа епоха, епохата на потрошувачкото општество мораме да се свртиме кон вистинските човекови вредности, кои денес се потиснати, обезвредени и често запоставени.
Педагошките димензии на слободното време и неговите функции треба да се движат на релација педагошко дејствување преку слободното време и за слободното време. Преку слободното време треба да се развие смислата за неговото позитивно искористување, така што луЃето ќе станат културни корисници на слободното време кое денес во облик на “добра и лоша стока” сé повеќе се нуди на пазарот на секојдневниот живот.
Ако човек сака навистина да се почувствува повикан да решава за сегашноста, овде и сега, за себе, но и за иднината на генерациите што доаЃаат, тогаш мора сериозно да се пристапи кон искористување на сé она што му го нудат активностите во слободното време, кои постојано ќе ги обновува, модернизира и збогатува. “широко отворен кон пораките на својата епоха хомо урбаникус е неизбежно вклучен во промените што ја имаат сегашноста и иднината на човештвото. Современиот човек во развојот и порастот на своите потреби и можности, должности и права, заштитеност и загрозеност, здруженост и отуЃеност, единствено со творечки решенија на својата реалност може да го оствари правото на очовечување на својот опстанок и понатамошно зацврстување на својата егзистенција воопшто”. Тоа му го овозможуваат активностите во слободното време кои треба да прераснат во систем на слободни активности. (7; 141).
Значи преку активностите на слободното време човекот има реални услови да биде и социјализиран и креативен и културен и инвентивен во идниот развој.
Владимир Јанковиќ разликува превентивно, формативно и терапевтско дејствување на активностите на слободното време. Нивното превентивно дејствување се согледува во пресретнувањето и потиснувањето на некултурни и асоцијални облици на однесување, ангажирање на младите и возрасните со педагошки и општествено вредни дејности. Воспитно-формативно значење на тие дејности е во нивно помагање при изградувањето на позитивни особини на личноста и карактерот, а теравпетското се манифестира во процесот на превоспитание (реедукација и ресоцијализација) на оние лица со девијантни облици на однесување. (1; 292)
Слободното време е комплексна појава колку што се комплексни факторите, активностите што ги сочинуваат неговиот обем и содржина и што се испречуваат и произлегуваат од бројни други појави со кои тоа е во меЃузависност. Дека тоа има воспитни и образовни потенцијали е неоспорно. Ако факторите на неговото влијание се бројни институции, семејство, медиумите, а тоа се истовремено главни воспитни фактори кои влијаат врз формирањето на личноста, што друго би можело да значи освен дека самото тоа има и воспитни аспекти.
За стручно научното осмислување, организирање и канализирање на воспитно-образовните можности на слободното време се занимава педагогијата на слободното време. Предметот на оваа педагошка научна дисциплина е проучувана на сите пригодни, случајни, ненамерни и неорганизирани влијанија на младите и возрасните, со цел да ги запознае и да ги потисне негативните, а да ги зајакне позитивните влијанија во слободното време. Смислата на педагогијата на слободното време е да ги пронајде патиштата и начините на слободното време да се направи значаен фактор за перманентно учење, дејствување, создавање и усовршување на човекот во сообразност со позитивните стремежи на една човекова заедница.
Педагогијата на слободното време го проучава воспитанието на слободното време со цел откривање на нови сознанија во развитокот на теоријата и унапредувањето на воспитната работа на ова подрачје како и вреднувањето на теретските и практичните достигнувања. Оттука произлегуваат и нејзините задачи:
- да ги проучува специфичните можности на воспитната работа во слободното време;
- со примена на адекватни научни сознанија и законитости да создаде теоретски претпоставки за постојано унапредување на воспитно-образовната работа и сите облици на адекватност во функција на културно и човечки достоинствено користење на слободното време;
- научно критички да ги следи и вреднува резултатите остварени на подрачјето на воспитанието во слободното време и неговата теорија. (1; 297-298)
Оваа педагошка дисциплина денес има голем број на тешкотии што се наѕираат меЃу другото и во тоа што таа мора да се занимава со анализа на сите влијанија и фактори, испитувања и преферирање на одделни активности, толкувања на специфични принципи и слично. Истовремено таа не смее да се претвори ниту во дескриптивна ниту во нормативна дисциплина, значи слободно кажано, ниту во збир на есеи ниту во збир на прописи.
Сметаме за потребно дека овде треба да í обрнеме внимание и на една друга крајност, а тоа е опасноста од претерано програмирање, стандардизација, духовно информирање, стерилизација на творештвото, а пред сé, на преоптеретеноста. Проблемот на преоптеретеноста посебно се поставува за еден слој на деца од поголеми градови.
Денес евидентна е ситуацијата кога не мал број на родители премногу се грижат за организирање на слободното време на своите деца, па така врз хипертрофираните училишни програми се додаваат и програми преку кој се реализираат неостварени амбиции на родителите како на пример учење на повеќе странски јазици истовремено, свирење клавир, учење балет и друго. Со ваквиот начин на претерано програмирање и стандардизација на слободното време на детето се нарушува основната карактеристика на слободното време, а тоа е правото на слободен избор. Оваа слобода е елементарна човекова потреба и без неа се губи смислата на човековиот живот.
Од сето ова, уште еднаш се потврдува ширината и сложеноста на слободното време што се движи: од бројни можности до бројни опасности, од уживање до товар. Оваа материја бара навистина сериозен приод во нејзиното проучување. Поради тоа во рамките на своето целосно дејствување, педагогијата на слободното време мора да биде најтесно поврзана со другите општествени науки и нивните дисциплини.
Со користење на резултатите од научните истражувања од социологијата, антропологијата, етиката, психологијата, социјалната медицина, а во поново време и екологијата се проширува и обемот и квалитетот на нејзиното понатамошно дејствување.
Литература:
- Vukosovnik Ante. Pedagogija, Zagreb, 1990 god.
- Трнавац Недељко, Ђордевић Јован, Педагогија, Научна књига, Београд, 1984 год.
- Тодоровић, А., Социологија слободног времена, Интерпреглед, Београд, 1984 год.
- Кацавенд-Радић, д-р Нада, Слободно време, образование, Завод за уџбенике, Београд, 1989 год.
- Jankoviћ, Vladimir. Slobodno vreme u suvremenoj pedagoskoj teorji i praksi, PKZ, Zagreb, 1967 god.
- Jerbic Velibor. Neki problemi i unapredzivanja odgojne funkcije slobodnog vremena mlade generacije, /Slobodno vreme u funkciji socijalistickog samoupravnog preobrazaja odgoja, obrazovanja, strucno-znastveno istrazivacki radovi na sestom kolokviju o slobodnom vremenu mladih u Dubrovniku/
- Prodanovic, Tihomir, samoobrazovanje u funkciji kreiranja zivotne sredine i obogacivanja slobodnog vremena mladih ljudi, Nasa skola, br. 3-4, 1977 god.
- Бозовић, Ратко, Искушење слободног времена, Младост, Београд, 1979.
- Бодогвари, Ернец, Слободно време и слобода, Бирографика, Суботица, 1976.
- Despot, Blazenka, Pladoyer za dokolicu, Beograd, 1976.
- Heidegger, M., Bitak i vreme, Naprjed, Zagreb, 1985.
- Хелер, А., Вредности и потребе, Нолит, Београд, 1981.
- Martinic, T., Slobodno vreme u suvremeno drustvo, Informator, Zagreb, 1977.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE